Каматната стапка на благајничките записи се зголемува до 4,75%

t

На 13 декември 2022 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на монетарната политика.

На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,50 п.п. до нивото од 4,75%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Во согласност со зголемувањето на основната каматна стапка, зголемени се и каматните стапки на кредитот преку ноќ. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,50 п.п.

Со овие промени, Народната банка продолжува со затегнувањето на монетарната политика, коешто започна уште од крајот на минатата година, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност. Накусо, од крајот на минатата година, Народната банка активно управуваше со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а од април па наваму и преку зголемување на каматните стапки. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот (од 0,5%), со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем.

Промените во поставеноста на монетарната политика и понатаму се реакција на инфлацијата, додека девизниот пазар е стабилен. Во ноември, за првпат оваа година, беше прекинат трендот на забрзување на годишната инфлација, под влијание на забавениот раст на прехранбената компонента, а во согласност и со промените на цените на меѓународните пазари. Сепак, ризиците од посилни преносни ефекти врз базичната инфлација од цените на енергијата и на храната, коишто сè уште постојат, како и подигнувањето на инфлациските очекувања наметнуваат потреба од натамошна монетарна реакција. Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото, при одлучувањето влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, за којашто се очекува дека ќе продолжи со зголемувањето на каматните стапки во следниот период, се вели во соопштението на НБ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ