Каракамишева за притворот на Алабаковски: Институциите се прават мутави за одлуката на Уставен суд?
Професорката по уставно право од Правниот факултет “Јустинијан Први”, Тања Каракамишева, на нејзиниот Фејсбук профил реагираше на одлуката за притвор и воопшто покренатата постапка против пејачот Ламбе Алабаковски кој го опожари бугарскиот културен клуб “Ванчо Михајлов” во Битола.
“Уште еднаш прашувам, за непочитување на одлуката на Уставен суд од 2001 година со која се поништи програмата и статутот на здружението “Ратко” никому ништо, нема никаква одговорност?
Сите институции се прават на мутави или како?”
Ја пренесуваме одлуката на Уставниот суд интегрално:
1. СЕ ПОНИШТУВААТ
а) Програмата за работа на Здружението на граѓани “Радко”- со седиште во Охрид, донесена на Собранието на основачите, на седницата одржана на 24 мај 2000 година и
б) Статутот на Здружението на граѓани “Радко”- со седиште во Охрид, донесен на Собранието на основачите, на седницата одржана на 24 мај 2000 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата од: м-р Јагнула Куновска, Душко Апостолски и Лефко Таневски, адвокати од Скопје, со решение У.бр. 168 /2000 и У.бр.169/2000 од 17 јануари 2001 година, поведе постапка за оценување устав- носта на актите озна чени под а) и б) во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека во уводниот дел од Програмата на Здружението се појаснува дека за негово име е прифатен најчесто ползуваниот псевдоним на Иван Михајлов – “Радко”, чија револуционерна дејност, а посебно културната и публицистичка актива биле вткаени во историјата на Македонија. И покрај тоа што неговото дело допрва ќе се оценувало, неспорен бил фактот дека под негово раководство македонското ослободително движење прераснало во голем пример за слободољубието на човечкиот дух.
Во првата глава од Програмата се истакнува дека Иван Михајлов-” Радко”, како морален и интелектуален столб на револуционерната и културната борба на Болгарите од Македонија, е автор на публикации кои се најавтентично и најавторитативно свиде- телство за идејната содржина на македонското ослободително движење. Заради својата фактографска заснованост, тие останувале историски источник од неспорен научен формат. Неговата оставина, на денешните и идните поколенија им ги пропишувала најсигурните доказателства (докази) за револуционерната и културната борба на Болгарите од Македонија.
Во втората глава се содржани целите на Здружението:
– издигнување и афирмација на македонското културно пространство, со приоритет на културно – историскиот идентитет на Славјаните од Македонија, кои што през вековите се пројавувале како Болгари;
– воспоставување на традиционалните етички и човечки ценности и
– афирмација на македонското ослободително движење.
Во третата глава се определува начинот на реализирањето на целите на Здруже- нието и тоа преку:
– сопствена книгоиздавачка дејност, издавање на сопствен весник и сопствени електронски медии;
– организирање на конференции, семинари и трибини со учество на видни научни и културни дејци од земјата и странство и
– соработка на Здружението со научни, културни и образовни институции, со подобни здруженија и организации од земјата и странство.
Со Статутот на здружението “Радко” се уредуваат основните начела на организи- рање, името, седиштето и дејноста на Здружението, програмските цели и активности, правата, должностите и одговорностите на членовите, правниот статус, печат, штембил и знак како и изворот на материјалните средства неопходни за работа, остварување на јавност во работата, определување на услови за основање на организациони единици, условите и начинот на пристапување и исклучување од Здружението, неговото претставување и застапување во правниот промет и кон трети лица и престанувањето на Здружението.
Посебно внимание, според Судот, заслужуваат одредбите од член 3 став 2 и член 7 алинеја 3 од овој статут.
Имено, согласно член 3 став 2 од Статутот, Здружението “Радко” е самостојна, непартиска и општествена организација кое се занимава со изучување и афирмација на македонското ослободително движење, преку општо прифатени демократски стандарди и принципи.
Согласно член 7 алинеја 3 од Статутот, Здружението ги има следните цели и задачи:
– залагање за афирмација на целите, задачите и идеите на македонското ослободително движење преку издавање на сопствен весник, книгоиздавачка дејност, библиотека, преку сопствени електронски медиуми, семинари, конференции, трибини и други културни форми на делување.
5. Согласно член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.
Согласно став 1 на член 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.
Во ставот 2 на овој член од Уставот е утврдено дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Ставот 3 на овој член од Уставот, пак, содржи императивна норма според која програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката или разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби наспроти содржината на Статутот и на Програмата за дејствување на Здружението на граѓани “Радко” – Охрид, Судот утврди дека истите се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и разгорување на национална или верска омраза или нетрпе- ливост.
Ова од причина што според учењето на Иван Михајлов “Радко”, македонскиот етнос никогаш не суштествувал на овој простор, туку истиот им припаѓал на Болгарите од Македонија и дека со неговото признавање бил направен најкрупниот престап во болшевичката централа за времето на нејзиното суштествување. Имено, според него- вото учење, процесот на дебугаризација на Македонија, насилно спроведен после втората светска војна, претставува србо-комунистичко ропство, а оваа србо – комуни- стичка доктрина и по осамостојувањето на Република Македонија од 1991 година, продолжувала да биде официјална доктрина во државата.
Поведени од тие причини, основачите на Здружението “Радко” си поставиле основни цели содржани во Програмата на Здружението: издигнување и афирмација на македонското културно пространство со прироитет на културноисторискиот идентитет на славјанското население од Македонија, кое што низ вековите ја пројавувало својата болгарска етничка припадност; воспоставуање на традиционални етички и човекови вредности; незаборавањето на бугарско етничкото потекло на македонскиот народ, што инаку би значело одрекување од неговата традиција и од неговата култура.
Афирмацијата, пак, на идеите на македонското ослободително движење, според Здружението, всушност значи ослободување од “македонизмот”, како србо-комунистичка доктрина и од “измислената македонска нација” која била искористена како отворена врата за влегување на целокупна Македонија во рамките на Југославија.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека Статутот и Програмата на Здружението на граѓани “Радко” – Охрид, се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост, поради што утврди дека истите не се во согласност со Уставот на Република Македонија.
При заземањето на овој став, Судот имаше предвид дека слободата и правото на здружување и дејствување на граѓаните, како дел од корпусот на слободите и правата на човекот и граѓанинот, е темелна вредност за опстојување и развивање на демократските односи во вршењето на власта во Република Македонија, во чија основа се граѓаните со своите слободи, права, стремежи и интереси, односно за остварување на уставната определба на Република Македонија како демократска држава, поради што оваа слобода и право е изречно гарантирана во член 20 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
Меѓутоа, според оценката на Судот, слободата и правото на здружување, организирање и дејствување не може да се сфати и одобри во целите и изборот на средствата за нивно остварување.
Имено, принципите и гаранциите на остварувањето на слободата на здружување и дејствување недвосмислено се определени во член 20 став 3 од Уставот, со забраната програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост, како и во членовите 1,3 и 8 од Уставот, кои обврзуваат на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Републиката.
Понатаму, Судот утврди дека Програмата и Статутот на Здружението, гледани од аспект на забраните што се утврдени во член 20 став 3 од Уставот, треба да се оквалификуваат како програмски цели кои директно и експлицитно повикуваат на уривање на уставниот поредок, односно изречно поттикнуваат разгорување на национална омраза и нетрпеливост, и како определби и активности кои објективно значат насоченост кон она што Уставот не го дозволува.
Во овој контекст, Судот ја имаше предвид и Преамбулата на Уставот на Република Македонија во која се поаѓа од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ и дека секое дејствување усмерено кон негирање на неговата самобитност, всушност е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката, кон поттикнување или разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост и кон негирање на слободното изразување на неговата национална припадност.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека и програмата и Статутот на Здружението на граѓани “Радко” – Охрид, се насочени кон насилно уривање на државниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, односно негирање на неговата самобитност и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Мил ан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.168/2000 и У.бр.169/2000
21 март 2001 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов, стои во одлуката која е објавена на ев страната на Уставниот суд.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Никој не може против народот: Ламбе е…
Истече притворот за македонскиот поп пејач Ламбе…