Ковачевски и Мицкоски за една, Ахмети за шест, Села за осум изборни единици
Лидерите на политичките партии сметаат дека треба да се направи изборен модел што уште повеќе ќе ја одразува волјата на граѓаните и пореално ќе ги претставува во парламентот, но се согласни дека за промени во Изборниот законик потребен е широк политички консензус.
Двете најголеми партии, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ го поддржуваат предлогот на помалите партии за промена на сегашниот изборен модел од шест на една изборна единица. Од друга страна, партиите на Албанците нудат други решенија – ДУИ смета дека сегашниот модел е посоодветен, Алијанса за Албанците сака осум, а Беса е за три изборни единици.
СДСМ е за една изборна единица и тој став е јавно и програмски искажан. „Сметаме дека за нашата парламентарна демократија би било посоодветно да имаме една изборна диница. Но, за било која промена во Изборниот законик, особено за нов изборен модел, неопходно е да имаме политички консензус“, велат од партијата.
Нејзиниот коалициски партнер во власта, Демократска унија за интеграција (ДУИ) смета дека сегашниот модел со шест изборни единици е посоодветен, зашто тој најдобро ја отсликува хетерогената структура на населението и ги претставува етничките заедници.
– За промена на Изборниот законик и за изборните единици потребен е поширок консензус и усогласеност со сите политички фактори – изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата со амбасадорот на Шпанија, Хозе Луис Лозано Гарсија.
Дафина Стојаноска пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, претходно се залагаше за 120 изборни единици.
– Факт е дека ние пред две години како партија бевме за 120 изборни единици, но ја согледавме реалната состојба дека Македонија е во незавидна положба. Не е тука само спорот со нашиот источен сосед, туку генерално демократијата. Власта мака мачи за да ја одржи коалицијата, условувана и уценувана, и затоа велиме ајде нека биде една изборна единица – изјави Стојаноска.
Опозициската Алијансата за Албанците, пак, се залага за осум изборни единици.
– Се залагаме за нов изборен модел со осум изборни единици според постојната територијална поделба, и со отворени листи. Така нема сите единици да имаат ист број пратеници, туку според бројот на гласачи во тој регион – објаснија од партијата за „Слободен печат“.
Против модел со една изборна единица е и Беса, која бара три кои, што ќе се добијат со спојување на првата и втората, третата и четвртата и петтата и шестата единица.
– Го поддржуваме и предлогот за отворени листи, бидејќи ќе им овозможиме на граѓаните што поквалитетно да ги изберат своите преставници – вели пратеникот на Беса, Фадил Зендели.
Министерот за локална самоуправа и претседател на ЛДП, Горан Милевски, смета дека веќе постои консензус за промена на изборниот модел.
– Сите бараат промена што ќе значи подобра застапеност на граѓаните во парламентот. Ако има една изборна единица без цензус и помалите партии, особено тие со етнички предзнак, би се осмелиле да одат сами на избори, а не во коалиции со големите политички партии – смета Милевски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски ги замолил Грција и Бугарија за…
Христијан Мицкоски барал безусловна поддршка од Грција…
Македонската кујна на 47. место меѓу најдобрите…
Популарниот гастрономски портал за храна и патувања,…
Рекорден пад на вработените во текстилниот сектор…
Текстилниот сектор во Македонија се соочува со…
(Видео) Oдбраната на Мицевска со која обезбеди…
Голманката на македонската репрезентација Јована Мицевска беше една од…
Државата денеска се задолжува со уште 89…
За денеска се закажани две аукции на…