Колумна: Жељу Желев има заслуга за руското признавање на Македонија
Во последно време, сосема со право, целосно е негативен тонот на информациите сврзани со Бугарија. Тоа е резултат на нивната нецивилизациска агресија врз Македонија и Македонците. Затоа, ред е да објавиме и нешто позитивно. Повод е Ивица Боцевски, којшто во „Нова Македонија“, од 29/1/2022, пишува – „Апсолутно не верувам на приказните дека потпивнатиот Борис Елцин донел одлука во хир да ја признае Македонија, под наговор на тогашниот бугарски претседател Жељу Желев, за време на вечерата при неговата службена посета на Бугарија“. Право на Боцевски е во што ќе верува, а во што не. Меѓутоа, историски факт е дека токму Жељу Желев е заслужен што Русија релативно рано ја призна самостојноста на Македонија. Тоа се случи на 4 август 1992 година. Пред да службувам во Русија (2004 – 2006), имав непотврдени информации за тоа ама таму се распрашував и ми беше потврдено дека е така. Конкретен разговор е воден во нивниот МИД (МНР), со најмалку тројца руски дипломати, надлежни за нашиот регион. Едниот од нив беше и директен сведок бидејќи бил и на вечерата во вилата „Бојана“ во Софија, на која тоа се случило.
По вечерата, Желев го отворил тоа прашање и пошироко елаборирал зошто Русија треба да ја признае Македонија. Елцин бргу одговорил позитивно и му рекол на МНР, Козирев, да се подготви соодветна нота. Тој му вратил дека немаат печат. А каде е печатот? – не се предавал Елцин. Во авионот, му одговорил Козирев. Веднаш да се земе, наредил претседателот. Така била подготвена нотата која утредента, во непланирана посета на Скопје, ја донесе чинам токму Козирев. Инаку, нотата беше куса, од само неколку реченици, ама за нас драгоцена. Мислам дека во нотата стоеше референцата од ООН, која Русија потоа ја игнорираше и премина на нашето уставно и историско име.
Дека одлуката на Русија за признавањето на Македонија не беше донесена по вообичаена постапка потврдува и фактот што не следуваше нормално воспоставување на дипломатски односи. Некој тоа го кочеше. Место тоа, на 21 септември истата година, МИД испрати нота со којашто предложи да ги „официјализираме односите“. Во дипломатската пракса, такво нешто – нема. Или воспоставуваш дипломатски односи, или продолжуваш без тоа. Нашиот тогашен претставник во Москва, Карапетров, покажа тотален аматеризам бидејќи прати телеграма во која тврдеше дека Русија предлага воспоставување на дипломатски односи, што создаде сосема непотребна еуфорија во нашето раководство. Тогаш бев потсекретар во МНР (МОС) и, на наше барање, тој ни ја прати и руската нота, во која се виде суштината. Очигледно, Русија не беше спремна за формализирање на односите и презема невообичаен чекор кој требаше да покаже дека меѓу двете земји, сепак, нешто се случува. Дипломатски односи се воспоставија на 31/1/1994 а првиот амбасадор, Добросердов, дојде дури во декември 1996 година. Тоа е и додатен доказ дека не беше се’ по редовен пат. Дури, првиот американски амбасадор, Хил, дојде пред него, во јули истата година.
Улогата на Желев ја потврдува и тогашниот заменик министер за надворешни работи на Бугарија, Стефан Тафров, во интервју за Дојче веле, од 15/1/1922. Тој очигледно не ги знае сите детали и само вели дека – „на полетувањето од Софија, во авионот, Елцин ја потпиша нотата за признавање на Македонија“. Тврди и дека МНР Козирев бил против. Ако последното е точно, тогаш има и логика зошто беше користена референцата, а не веднаш и нашето уставно име, и зошто првиот амбасадор дојде по толку време.
Македонија мора да му биде благодарна на Желев за поддршката и тоа не треба да биде спорно. Прашањето, пак, од кои причини го покренал тоа, заслужува посебна анализа, којашто секако нема да и донесе поени на Бугарија. Во тоа време, главна преокупација на странскиот фактор, целосно поддржана и од Софија, беше да се спречи какво било враќање на Македонија во рамки не некаква нова Југославија. Нивните интереси беа идентични. Тоа е долгорочна политика на Бугарија, којашто денес доаѓа до целосен израз. Затоа, воопшто не треба да изненадува сегашната нивна агресија врз Македонија, чија цел е бришење на македонизмот и наше бугаризирање. Таа е одамна планирана. Македонската јавност има право да ја знае вистината.
Со Козирев се сретнавме на една манифестација, направивме кус муабет и се договоривме да се видиме на подолг разговор. Тој требаше да биде некое време надвор од Москва, и затоа беше одлагањето. Заради предвремените избори во 2006, свесна дека ќе ги загуби, а со цел на време да испрати свој човек за амбасадор во Русија, власта ми го прекина мандатот, и до таа средба не дојде. Избрзаното и непланирано враќање оневозможи и една друга договорена средба. Во прашање беше Јевгениј Примаков, тогашен претседател на Руската стопанска комора. Од 1998 до 1999 година, тој беше околу осум месеци премиер на Русија, а во претходните речиси три години беше министер за надворешни работи. Неговите размислувања за Балканот беа исклучително важни.
Примаков беше познат и ценет како голем стратег и познавач на меѓународните односи, како врвен политичар и дипломат, високо почитуван и во земјата, и во светот. За премиер, Борис Елцин го назначи во периодот кога се спремаше да се повлече од претседателската функција, и на тој начин го бараше својот наследник. Од април 1998 до август 1999 година, тој за премиери ги постави Киријенко, Черномирдин (претходно подолго беше премиер), Примаков и Степашин, кои по неколку месеци беа премиери. Никој од нив, меѓутоа, не одговорил на критериумите на Елцин, за да стане негов наследник. По Степашин, премиер стана Путин, којшто го положи испитот и до денес е лидер на Русија. Елцин се повлече на крајот од 2000 година, околу шест месеци пред истекот на мандатот, што беше негов велемајсторски потег, со којшто овозможи мирно предавање на власта.
Интересен е случајот со Примаков. Во мај 1999 година, по осум месеци на функцијата, Елцин му рекол да си поднесе оставка. Му одговорил дека тој го поставил за премиер и ред е тој и да го разреши, и излегол од Кабинетот. Познато беше дека Примаков не сакал да биде премиер и ја одбил понудата на Елцин. Следувало жестоко „пријателско“ убедување за тој да се согласи. Тоа била и веројатната причина зошто не бил спремен самиот да се повлече. Откако не го прифатил предлогот и излегол од претседателската канцеларија, со Примаков бил шефот на Кабинетот, којшто продолжил да го убедува да се согласи. Примаков упорно одбивал и кога тргнал да си оди и веќе бил на скали, шефот на Кабинетот, со кого долго се знаеле, му рекол – крајно сум разочаран од тебе. Цел живот си служел на земјата а сега ти се поважни твојата гордост или суета а не интересите на Русија! Тоа било пресудно: Примаков се вратил кај Елцин, и прифатил да поднесе оставка.
Ова се интересни пикантерии, донесени од „Московските години“.
Ристо Никовски
Февруари, 2022
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Њујорк Тајмс“: Иран бара од Русија напредни…
Иранската влада побарала од Русија напредни радари…
Земјотрес во Бугарија
Слаб земјотрес со јачина од 2,3 степени…
Кулеба ќе ги убедува африканските држави да…
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, ќе…
Се крчкаат нови предвремени избори во Бугарија
Бугарската партија „Има таков народ“ (ИТН) утре…
Зеленски: Русија минатата недела употребила над 600…
„Руската борбена авијација, со сите средства, мора…