Колумна на Ристо Никовски: Мутации на бугарскиот синдром
Кога ќе навлезеш во калта, назад – нема. Пропаѓаш. Токму тоа и се случува на Бугарија, во неразумностите против Македонија. Се залетаа и бараа да се согласиме дека нашите татковци и дедовци биле „Бугари“, што значи и ние, и дека сите сме зборувале бугарски дијалект! Ем ние „Бугари“, ем јазикот нивен. Така е, кога ќе се загуби ориентацијата. Откако удрија со главите во дзидот, откако се освестија дека сепак сме во 21 а не во 18 век, откако светот се крстеше и им се чудеше на паметот, ја свртија страницата и – уште повеќе ја утнаа работата. Се сетија дека тие ги бранеле европските вредности, кои Македонија ги гази, и своите бесмислени барања ги свртија на планот на човекови права. Сметаа дека, барем во тоа, светот ќе ги разбере а тие ќе си ја завршат нечесната работа.
Со оглед дека најзлоупотребуваната политичка манипулација во светот се човековите права, зошто и Софија да не ја искористи? Затоа мутираа, како и вирусот. Сепак, тие не ја менуваат целта, туку само методот. Место негирање на Македонците, сега ги бранат правата на Бугари во Македонија кои, пак, ги нема! Демек, сме ги игнорирале и дебугаризирале, и тоа на свиреп начин!? Да слушаш, да читаш и да не веруваш. Зарем до таму стигнале нашите бугарски „браќа“, та не знаат како да си ги лечат историските болки? Зарем целосно ги помешале работите? Зарем не извеле поуки од пактот со фашистите? Си ставија клинец во нога. Не трн. Токму тоа што тие им го прават век и пол на Македонците, сега сакаат да ни го импутираат нам, без ниту еден аргумент! Судот за човекови права во Стразбур има 15-тина пресуди против Бугарија, за кршење на правата на Македонците а нема, ниту може да има, ништо слично за нас. Зарем може да не им биде јасно дека со инсистирањето измислените Бугари да влезат во Уставот на Македонија, минимум е дека истото ќе го бараме и ние за Македонците во Бугарија? Иако МНР, Бујар Османи, не се согласува со тоа. А, за разлика од „Бугарите“ во Македонија, тие постојат, реални се и автохтони, бројат стотици илјади а, според потеклото, ги има и преку два милиони во Бугарија, иако поголемиот дел се веќе асимилирани. Зарем не им е јасно дека основен принцип во дипломатијата е реципроцитетот? Ако до сега тоа понижно го игнориравме, не може вечно да биде така. Можно ли е да не се свесни дека ни дадоа невидена, историска шанса да поентираме? И да ги ставиме пред свршен чин: или и едните и другите во уставите, или ништо од оваа нивна погрешно замислена екскурзија. Ако сме упорни и конзистентни, светот не може да го игнорира тоа. Ако, пак, ние не ја искористиме приликата, тогаш навистина за ништо не нѐ бива. Сите знаеме дека последното што би го направила Бугарија е да го признае македонското малцинство кое не ужива никакви универзално прифатени права. Такво нешто е незамисливо за нив. Впрочем, бришењето на тамошните Македонци е главната и основна цел на сите овие ујдурми што ни ги прават. Ако веќе ние не сме Македонци, не може такви да има ниту кај нив. Многу просто. Затоа, ние сме на потег.
Огромен дел од народот, заедно со опозицијата, не може да замисли да ги ставиме измислените Бугари во Уставот а тие да немаат иста обврска кон Македонците кај нив. Ако некој, сепак, прифати без реципроцитет да се внесат „Бугарите“ во нашиот Устав, нема да му гине доживотна робија. Впрочем, МНР Османи мора да ја почитува Резолуција на Собранието за односите со Бугарија, што важи и за претседателот Пендаровски, чие молчење е неприфатливо бидејќи тој има прецизни овластувања во надворешната политика, кои мора да ги користи. Во Резолуцијата се вели – „преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа … без никакво условување од едната или другата страна“; „да се почитуваат безрезервно … автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет“; „да се уважуваат … утврдените факти …, според коишто македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет“, а „македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе вековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност…“. На крајот се бара – „Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност“. Факт е дека Резолуцијата е од минималистички карактер. Текстот беше прилагоден за да се согласи и власта, што и се случи. Инаку, да донесуваш ваква Резолуција, и во неа да не ги спомнеш Македонците во Бугарија, како клуч за односите со неа, е само по себе бесмислено и неразумно. Меѓутоа, во дадените услови, изгласувањето на Резолуцијата е успех за длабоко поделениот македонски народ и го спречува распродавањето на неговите фундаментални интереси. Таа одлучно го отфрла планот наречен „5 + 1“, како и сите претходни предлози. Опсесијата, пак, на нашите политичари со датумот за почеток на преговорите со ЕУ, и итаницата која за таа цел секојдневно ја манифестираат, е директна поддршка на бугарските претензии.
Најавите на Петров, дека ќе формира нови комисии, се само нова мутација на бугарските политики кон Македонија. Новата коалиција нема структура која може да ја менува веќе дефинираната политика. Петров, можеби, не е дел од нивните историски синдроми, ама тоа нема ништо да промени. Впрочем, во „Фајненшл Тајмс“, тој најави надградба на односите, ама не ги доведе во прашање бугарските историски небулози, бидејќи и тој мора да ја почитува декларацијата од нивното Собрание, од 10/10/2019 година. За какви било промени, треба прво таа да се елиминира, што е невозможно во дадените услови. Шесте месеци се само добивање на време и ништо нема да променат. Оптимизмот на „нашите“, при што рокот им бил предолг, е крајно погрешен и, во основа – смешен.
Сите мора да сфатат дека, за разлика од нас, Бугарија води прецизна надворешна политика против Македонија, трасирана многу одамна. За неа имаат постигнато најширок политички консензус и широка поддршка од народот. Тие не летаат во облаци, како Бучковски кој, изваден од нафталин, се расфрла со македонските национални и државни вредности, како да ги наследил од дедо му. Тој е навистина само извршител, ама тоа не ја намалува неговата одговорност. Многу скоро, и на Петров ќе му стане јасно дека е без маневарски простор. При крајот на следната година, веројатно ќе мора да ја повлече блокадата за почеток на преговорите, бидејќи таа им пречи на Брисел и Вашингтон, иако добар дел од членките на ЕУ се задоволни што проширувањето го спречува Софија (Франција, Данска…). Во такви услови, од нас ќе се бара некаква формула за спас на нивниот образ, без веднаш да се инсистира на наша целосна капитулација, како со Грција, иако и тоа би бил наш тежок пораз. Меѓутоа, ако ние продолжиме со досегашните капитулантски политики на Заев, Османи, Груби…, не треба да се исклучи и ултиматум за целосно исполнување на бугарските фантазмагории.
Објективно, во дадените услови, ние не можеме да се избориме преговарачката рамка да биде како и за сите други, без бугарски мирудии од 19 век во неа, кои се погубни за нас. Истовремено, немаме никаква алатка, уште помалку поддршка, да ги спречиме очекуваните бугарски сопки за време на преговорите, кои ќе треба да го докусурат македонизмот. Затоа, ЕДИНСТВЕНО ДОЛГОРОЧНО РЕШЕНИЕ ЗА МАКЕДОНИЈА е итно откажување на договорот за (не)пријателство кој е, и ќе остане, главен столб на бугарските негирања на се што е македонско, преку блокада, уценување и спречување на нашето приближување до ЕУ. Нивното повикување на договорот има основа бидејќи заедничката историја значи дека е таа бугарска а подобар доказ дека и ние сме „Бугари“, не може да се замисли. Во него се откажуваме и од јазикот („според Уставот…“), и од Македонците во Бугарија… За Вашингтон, и за Брисел, нема да има проблеми да ја поддржуваат Софија во нејзиното повикување на договорот, според нејзините толкувања, во секое од 35-те поглавја. Сето ова што сега Бугарија го поставува како причина за блокадата, ќе се имплементира при преговорите. Тие сигурно ќе траат со децении а можеби и никогаш нема да завршат. Тоа е реалноста. Ние сме на потег. Ако не го откажеме договорот, алот ни е во калот. Друг избор немаме, ако не сакаме македонскиот народ и неговиот јазик да одат јабана. Процедурата, која е веќе започната, мораме да ја прекинеме. Треба да се преговара за нов, реципрочен договор, што нема директно да се рефлектира на зачленувањето во ЕУ, коешто е далечна, веројатно дваесетгодишна перспектива. На секој што малку се разбира во политика и дипломатија, тоа мора да му биде јасно. Тоа што нашите политички аматери си прават бајрам со умот, е наш проблем.
– Пишува, Ристо Никовски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Изгубено 3-годишно девојче во Неа Флогита, се…
Во познатото туристичко место Неа Флогита, Грција…
(Видео) Претседателката ќе чека новата влада да…
Сиљановска ќе почека да се формира новата…
ДУИ му помогна на Мицкоски за двотретинско…
Со 88 гласа “за” пред 3 часот…
Американската амбасада ќе ги подобрува односите помеѓу…
Аташето за култура и образовани на САД…