Кос: Повеќе од кога било, треба да го приближиме Западен Балкан до ЕУ

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, вечерва изјави дека повеќе од кога било досега е неопходно да се приближи Западен Балкан до Европската Унија.
Кос на социјалната мрежа „Х“ истакна дека на денешната конференција „Пријатели на Западен Балкан“ во Рим, чиј домаќин беше италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани, со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан се разговарало за безбедноста и проширувањето на ЕУ.
„Повеќе од кога било, треба да го приближиме Западен Балкан до ЕУ. Силен фокус на заедничките безбедносни предизвици и забрзување на постепената интеграција во замена за спроведување на реформите на земјите кандидати“, рече Кос на „X“.
На министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“ присуствуваше и министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, кој укажа на важноста на глобалните и регионалните иницијативи и посветеноста на Србија во процесот на европска интеграција, како и дека главен предизвик на Србија останува дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Ѓуриќ во Рим изјави и дека Србија е отворена за деловна и регионална соработка. Тој додаде дека се сретнал со Марта Кос и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Каја Калас и дека разговарале за ситуацијата во регионот и во Србија, како и за односите меѓу Белград и Приштина. Целта на состанокот во Рим, како што претходно беше најавено, беше да се зајакне координацијата во однос на целите и приоритетите за 2025 година кога станува збор за соработката со Западен Балкан со цел да се подобри безбедноста во регионот и да се забрза процесот на европска интеграција, пренесува Танјуг.
Во групата „Пријатели на Западен Балкан“ се Италија, Австрија, Хрватска, Грција, Чешка, Словачка и Словенија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Спасовски: Работна група проценува што од архивите…
Формирана е работна група од претставници на…