Котлар удри по властите и Јотова: Ех, бре Северна, барем збор-два да згрмеше за македонските работи…!

t

Професорката Наташа Котлар на Фејсбук ја коментира посетата на Илијана Јотова во Битола и славењето 125 години од “бугарското дипоматско претставништво” за кое Котлар подетално објаснува зошто и како било отворено.

– ЗА БУГАРСКИТЕ ТРГОВСКИ АГЕНТСТВА И МАКЕДОНИЈА!

Илијана Јотова, потпретседателката на Р Бугарија, викендов се рашета низ македонската земја, ѓоа оддавање почест на загинати бугарски војници, во с. Цапари, небаре некој ги повикал таму и тогаш (1917) само и само за да го навреди македонскиот народ, за да ја негира неговата историска посебност и интегритет, преродба ( не „ренесанса“), меморија, борба и ослободување. И на сето згора, во Битола се истопори на отворањето на изложбата „125 години бугарско дипломатско претставништво во Битола“. Токму ова, сакам да го објаснам, низ историска призма!

Кнежевството Бугарија, не можејќи да воспостави директни дипломатски односи, барало начини како да ги реализира своите интереси и да го зајакне своето влијание во румелиските, односно, македонските вилаети на Империјата. Споменатата бугарска држава (1878) како автономно, во политичка смисла немало целосен суверенитет и ја признавало номиналната власт на султанот.

Затоа, се определило за отварање на трговски агенства (претставништва) во Македонија, област во османлиската држава. Како поволен момент за реализирање на оваа намера, била искористена, кризата со грчко-османлиската војна (1897). Тогаш кнежевскиот претставник во Цариград, му подал на Големиот везир нота за отворање трговски агентства во градовите: Солун, Битола и Скопје. Османлиската влада (Портата) позитивно одговорила, со протокол од 9 април и нота од 10 април 1897 г. одобрувајќи ги предложените трговски агенти. Веднаш потоа, како трговски агент во Солун пристигнал Атанас Шопов, кој останал на позицијата до 1908 г.

Кон крајот на април 1897 г. како кнежевски трговски агент во Битола пристигнал Никола Стојчев, а следниот месец и трговскиот агент за Скопје, Димитар Ризов родум од Битола. Една година подоцна (1898) било отворено трговско агентство и во гр. Серез, претставувано од Петар Иванов и од други. Според упатствата на министерот-претседател на бугарската влада, Константин Стоилов (1894–1899), дејноста на трговските агенства требала да се одвива во содејство на бугарската влада и во неколку насоки: „учебно дело, борба со туѓите пропаганди“ (грчката и српската), работа со „младите луѓе“ особено идејно блиски на Револуционерната организација (ТМОРО), која можела „да има влјание врз (не)развитокот на бугаризмот во Македонија“ и на бугарската надворешна политика.

Затоа, според него должноста на трговските агенти била да се запознаат со таа организација, „да ги знаат нејзините дејства и да придобијат над неа такво влијание“ за да млади луѓе не прават нешто „спротивно од погледите на бугарската влада.“ Во богатата коресподенција, фигурираат предлози инспирирани од конкретните прилики на теренот и кои бугарската кнежевска влада би требала да ги реализира – да изгради железничка линија Софија – Куманово; да отвори бугарска банка со филијали во Скопје, Битола, Солун и да ја прошири задачата на бугарските трговски агентства, за да тие „не бидат само Информативни бироа, туку и Акциски бироа“, на македонска почва. Покрај споменатите, со исклучок на Д.Ризов, како трговски агенти биле испраќани пред сè дипломати кои потекнувале од Кнежевството Бугарија – Тодор Пеев, Данаил Јуруков, Андреј Тошев, Тодор Недков, Живко Добрев и други. Во 1908 г. трговските агенства биле издигнати на степен – конзулати на Царството Бугарија.

Ете, ова е историскиот контекст на бугарското трговско агенство во Битола, а Илијана Јотова ни го истопори како значаен повод – 125 г. од бугарско дипломатско претставништво во Битола!

Ех, бре Северна, барем збор-два да згрмеше за македонските работи…!, напиша Котлар на Фејсбук.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ