Објавено на:

Кој и зошто сака нова 2001. година и граѓанска војна наместо ЕУ? Редовна неделна колумна на Проф. Оливер Андонов

t

Опасни игри

(или за пироманството како забава на политикантите)

Како што се наближува мигот на дефинитивна и јавна одлука за прашањето: „Дали сте за членство на Македонија во ЕУ“?, преточено во пракса низ уставните измени, така нашите политиканти во недостиг на аргументи, поттикнати од нивните ментори, во силната им желба засекогаш да не држат во нивната темнина и Македонија да ја третираат како полудржава (народски „крава музара“), а сите нас како прост и неграмотен плебс во современа робска состојба, започнуваат да играат опасни игри. Тие опасни игри се всушност веќе видени пиромански политикантски постапки. Поттикнувајќи задоцнета етнополитичка мобилизаија на напатениот ни народ или нај приземно кажано убедувајќи не дека: „за нашата состојба и беда виновен ни е нашиот сосед, Македонец од различна етничка припадност“. Откако претходно самите тие (олигархиско-политички банди) преку политиканти инсталирани во политичките партии го доведоа македонскиот народ и граѓаните на Македонија во состојба на потполна самодеструкција, осиромашување, понижување и заблуденост, сега се обидуваат во последниот чин да најдат виновник за таквата состојба. Состојба која тие ја креираа последните триесет години токму за да ја деструираат Македонија и да го украдат народното азно.

Знаат тие добро дека во оној миг кога ќе започнеме со преговори за членство во ЕУ, сите нивни говненици и омразата кон македонскиот народ ќе испливаат на површина, и нема да можат да ги сокријат со никакви измами, затоа и играат опасни игри. Но, всушност тие тоа и не го кријат, ним им е важно како да не ги вратат парите-народното богатство кои ги украдоа и за тоа да избегнат одговорност. Некој друг да биде виновен, или најдобро народот – ние да сме си виновни, затоа што тоа самите сме си го сакале кога сме гласале за нивните политиканти. Токму затоа им е важно да нѐ направат полудржава, по примерот на Приднестровије. Идејата им е преку некаков си полудржавен систем да влечат пари од разни фондови (сомнителни или нелегални, не е важно) и секако низ тој „систем“ да си го зачуваат тоа што нели мактрпно го украдоа и сеуште го крадат од нас. Сакаат дури и иднината на нашите деца, на идните генерации Макеоднци да ја украдат, затоа играат опасни игри, бидејќи не им е грижа за нашите деца, грижа им е само за „нивните“ пари и наследниците им.

За да не се случи прогледување на народот и барање одговорност, неопходно е сите нас да не стават повторно во конфликтна состојба. Конфликт заснован врз етнополитичка мобилизација. Етнополитичка мобилизација на кого друг ако тоа не се Македонците против Албанците и обратно. Всушност сакаат да ни ја повторат состојбата од 2001 година и тоа буквално, само со една различна призма на гледање, сега кај нас Македонците дека сме понижени и владеени од нашите сограѓани Албанци, кои нели згора на тоа што не владеат, и ја крадат Македонија. Ништо ново во реториката. Иако останува да блеска прашањето: „Кој дозволи поради дневно-политички интереси за останување на власт да не се спроведуваат законите, да се прават амнестии и да се замижува пред заедничкиот им криминал“? Идејата им е да се чува Македонија како држава и општество во постојана латентна конфликтна состојба врз етнополитичка основа за да се затскрива криминалот зад етничкиот концепт на загрозеност од другиот. При создавањето на етнополитички конфликтни процеси, а за жал нашиот од 2001 година се деескалира, но никогаш не се заврши низ политичкиот систем (како што беше замислено со Охридскиот договор), затоа што истиот (политичкиот систем) остана слаб, корумпиран и злоупотребуван (заедно со Охридскиот договор), се употребуваат токму ваков вид на наративи надополнети со инструменти преку кои се подига нивото на етнополитичка мобилизација. Секако тоа се инструменти преку кои се управува етнополитичкиот конфликтен процес и сето ова е познато на академската јавност во Македонија, особено на моите колеги од институтот за одбрана, мир и безбедност, како и од факултетот за безбедност и воената академија. Зошто академската јавност не реагира тоа е посебно прашања, а особено е индикативно кога поедини универзитетски професори токму го поттикнуваат етнополитичкиот конфликтен процес.

Ескалацијата на етнополитички конфликт или директно кажано влез во „граѓанска војна врз етничка припадност“, никому нема да донесе добро, а оние кои токму преку разни политички наративи и флоскули го поттикнуваат, сигурно заедно со нивните блиски нема да учествуваат во вооружените судири. Наративот пак дека „народот бара да му се даде гордост“, е исто така дел од етнополитичката мобилизација, затоа кон тоа се креира и вториот дел од истата, суптилно наметнувајќи заклучок за тоа кој е виновникот што ние не сме горди и сме понижени. Тоа во овој нивен наратив сигурно не се нашите политикантски лидерства, криминализирани, корумпирани и неграмотни одработувачи на туѓи интереси. Тука би поставил уште едно прашање, секако до креаторите на новиот бран етнополитичка мобилизација и обид за некакво редефинирање на состојбите во Македонија во однос на уставните одредби. Редефинирање кое во овие услови нема да се случи туку ќе не воведе во поголеми проблеми и затоа е чиста лага и опасна игра. Имено: „Народот бара 1000 евра минимална плата, како и спроведување на законите, па зошто тоа нѐ ни го дадете“? Потоа ќе видите колку ќе бидеме горди Македонци и не понижени.

Нема да добиеме никогаш одговор на овие прашања, посебно затоа што и на неспособната и криминална влада на СДС и на Мицкоски и неговото раководство на нашата ВМРО-ДПМНЕ, а и на ДУИ не им одговара започнување на преговори со ЕУ. Проблемот за нас од ВМРО-ДПМНЕ е тој што носител на антиевропските тенденции во овој галиматиас е токму нашата партија, а овие другите „мудро“ молчат како божемни европејци и се кријат зад наративот и политикантството на Мицкоски кој е доволно глуп и доволно платен (за десет животи) да не турка сите во пропаст и како нација, и како народ, и како партија. Прашање на време е кога овој етнополитички наратив употреблив како последна брана за спречување на европскиот пат на Македонија (читај одбрана на олигархиско-политичката банда) ќе излезе од контрола, особено доколку не дојде до уставни промени и почеток на преговори со ЕУ.

Имено, ние како внатрепартиска фракција во ВМРО-ДПМНЕ, јасно и гласно кажавме дека сме за уставни измени и влез на Бугарите во уставот на Македонија и тоа не гледајќи го само како политичко приморување за да започнеме преговори за членство во ЕУ, туку и како цивилизациски чин од историско значење и за двата народи и за македонскиот народ и за бугарскиот народ. И знаеме дека во тој наш став не сме осамени дури и внатре во ВМРО-ДПМНЕ, иако мнозина немаат храброст јавно тоа да го кажат. Сепак, ние ги охрабруваме сите оние членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја поддржуваат фракцијата и нормалните европски политики на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат храбри и отворено да застанат во одбрана на европскиот пат на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ. Ние како фракција сме чадорот кој сите ги покрива и заштитува од злобата и омразата на Мицкоски и неговите полтрони.

Одтука, и обидите за дефокусирање на јавноста со отварање на прашања затворени пред повеќе од дваесет години е во најмала рака безобразно и нечовечно, а секако многу опасна игра. Колешката Силјановска (веројатен повторен кандидат на Мицкоски за претседател на Македонија), во интервју за дневниот весник Нова Македонија, во иста статија во која и јас имам искажано свој став по истото прашање, се труди да ни објасни како е неопходно Собранието на Македонија дваесет и три години подоцна да донесе Декларација за тоа што ни се случувало во 2001 година, и дали тоа било војна или нешто друго. Е сега, вака јавно да и кажам на колешката која сувопарно цитира закони, но не се бори за нивна примена и е полна со флоскули и лажен патриотизам наследен од лицето Б.Ц. Професорке-колешке Силјановска, Собранието како и институциите на системот можат да донесат декларации, одлуки, решенија, ставови, закони, подзаконски акти, уредби и слично во екот на некое собитие, дваесет и три години подоцна, Собранието ниту пак политичките државни институции, немаат ништо со тоа, за нив тоа е поминато време кога не реагирале на време и соодветно. Само за потсетување, тогаш во 2001 година, токму по иницијатива на вашиот Бранко Црвенковски и СДС не се прогласи воена состојба, и се оневозможи државата да делува институционално и организирано за да се спротивстави. Да ве потсетам, тоа и беше целта која предизвика резервниот состав на АРМ и МВР да се повикува не за да изведува организирани борбени дејствија, туку за да учествува на вежба. Да ве потсетам, дека процентот на отповик на мобилизација беше нешто над 7% во однос на воената евиденција на воени обврзници предвидени според планот за мобилизација за единиците на АРМ. Не беше предвидена пополна на единиците од дополнителни баталјони, и лица кои воопшто не се во воена евиденција со нивно плаќање како да се на воена вежба. Ова го знам од лично искуство, бидејќи јас бев еден од командирите на единици кои имаа М+6 за мобилизација, а бев принуден да мобилизирам три дена. Пред да влезете во било каква политикантска авантура, со некакви си Декларации во Собранието за 2001 година во 2023 година, не се консултирајте и не го слушајте Мицкоски кои од политика и војска (употреба на вооружени сили и доктрина на вооружена борба) се разбира како Марица во ….

Став, стручно, и пред се научно мислење, за тоа што на Македонија и се случи во 2001 година треба и мора да даде научната-академската јавност врз основ на утврдени научно засновани модели, врз основ на индикаторите на војната и вооружерните судири, и секако етнополитичката мобилизација. При тоа, може да се направи потполно точно предвидување на идните настани и нивна превенција за која се задолжени институциите на системот вклучително и Собранието.

За крај да напоменам една многу важна работа. Драги мои читатели, сопартијци, етничката, верската и политичката припадност, како и образованието и функцијата во општеството на која се наоѓа некое лице, не определуваат дали некој е склон кон криминал. Тоа е лична определба да се биде склон кон криминално поведение, и за тоа се одговара лично не колективно. Така и Али Ахмети ќе одговара за своите постапки како и секој поодделно од ДУИ, СДС и од кај нас од ВМРО-ДПМНЕ. Но, за да се случи тоа, потребно е да се реформира судството и обвинителството и не само да се реформира туку потполно да се промени, а тоа е толку корумпирано и уништено што без помош од ЕУ и САД, и тоа директна со конкретен надзор и овластувања не е можно. Имајќи доверба во судството и обвинителството, ќе имаме шанса да докажеме нечија вина и таквите прашања да ги симнеме од дневен ред, а политикантите – криминалци да одговараат за своите недела и да им се одземе украденото народно азно и врати на народот.

Во меѓувреме, секој обид да се играат опасни игри со поттикнување на етнополитичкиот конфликт, и недај Боже влегување во спиралата на насилство, ќе претставува не само враќање назад за 20 години, туку и сосема извесен крај на Македонија. Знам дека никој од нас Македонците, но верувам и дека сите граѓани на Македонија не сакаат нашата Македонија да биде фуснота во европската историја. Да не го отсвириме реквиемот за Македонија дозволувајќи им на политикантските пиромани да играат опасни игри.

Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ЕУ исплаќа 4,2 милијарди евра финансиска помош…

Земјите од Европската унија денеска ја одобрија…

Филипче до Гир: Се сомневам во намерите…

Претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче,…

ЕУ мобилизира дополнителна помош за борба против…

По упатеното барање за помош од Македонија,…

Ова се најзадолжените држави во ЕУ!

Долгот во еврозоната е во пораст, покажуваат…

ЕУ ќе ѝ префрли на Украина 1,5…

ЕУ ќе и префрли на Украина 1,5…