Кој „кркна“ 13.5 милиони евра за здравствените картички кои и после 14 години се уште ги немаме?

t

Македонските граѓани досега во рака требаше да имаат единствена електронска здравствена картичка на која ќе им беа внесени сите медицински состојби, досегашни лекување или операции, односно на едно место да биде впишано нивното комплетно здравствено досие. Со истатата картичка секој осигуреник ќе можеше да подига лекови во аптека, да се лекува во странство и слично. Но, и по 14 години од вакво нешто нема абер. Оние граѓани кои тогаш мораа да извадат здравствени картички сега или не знаат каде им се или само им служат како потсетување дека за нив платиле по 250 денари. 

Од Министерството за здравство околу целиот случај ЕЗК објаснуваат дека станува збор “за активна постапка во која е вклучено Државното правобранителство, со цел правна заштита на имотните права и интереси на државата“.

“Во моментот се одвива процедура со која ДП е задолжено да ја согледа можноста за вонсудско спогодбено решавање на спорот меѓу двете страни. По завршување на оваа постапка, ќе може подетално да се информира“, велат од кабинетот на министерот за здраство Беким Сали.

Оттаму потенцираат дека на 15.04.2014 година пред Основен суд Скопје 2, Министерство за здравство на РСМ поведе постапка со тужба против „S&T Хрватска ДОО“, за надомест на штета поради неисполнување на договор кој беше склучен на ден 14.05.2009 година, а предмет на договорот беше набавка на интегрален здравствен информатички систем (ИЗИС) од страна на МЗ.   

Проектот за електронска здравствена картичка го почна тогашниот министер за здравство Бујар Османи во 2007 година и на голема врата се најавуваше како дел од Македонскиот интегриран здравствен информатички систем (ИЗИС).

Но, и покрај тоа што делумно се испечатија картички, тие никогаш во пракса не профункционираа, ниту првиот пат, ниту вториот кога граѓаните мораа да ги менуваат и да доплаќаат нови пари кога на истите за три години им истече важноста.

Од тогаш до денес не е јасно каде запна целата работа, односно која е вистинската причина зошто ЕЗК не функционира. За истата се донесе и посебен Правилник за формата и содржината на картичката за здравственоосигурување и за начинот на нејзино издавање, водење, користење и доказот за платен придонес за задолжително здравствено осигурување.

Каде завршија парите што ги платија граѓаните и буџетските пари за спроведување на целиот проект никој не знае. 

За проектот ЕЗК свој став и забелешка има и Државниот завод за ревизија.

Во нивниот последен извештај за работењето на Фондот за здравствено осугурување, кој во случајов е посредник, односно спроводник на функционирањето на картичката се вели:

“Во периодот од 2009 до 2017 година во рамки на Министерството за здравство и Фондот била во тек реализација на Проектот Електронска здравствена картичка како една од компонентите предвидени со Стратегијата на Владата за развој на Македонски интегриран здравствен информатички систем (ИЗИС) од 2006 година. За реализација на овој проект Министерството за здравство потрошило 341.438 илјади денари. Според добиените информации, почнувајќи од 2017 година, завршува важноста на дигиталниот сертификат на картичките на голем дел од осигурениците, по што е пристапено кон продолжување на важноста на сертификатот само за здравствените работници кои истиот го користеле како средство за дигитално потпишување во рамки на здравствениот информатички систем. Во текот на 2020 година престанува важноста и на овие сертификати, поради што и осигурениците и здравствените работници имаат неважечки дигитален сертификат на ЕЗК со што се оневозможени да користат дел од услугите кои претходно ги користеле. Имајќи предвид дека сертификатот од ЕЗК е клучен сегмент во користењето на електронските услуги и комуникација на Фондот со сите здравствени установи, ортопедски куќи, правни лица – обврзници за плаќање на придонес, непостоењето на средство за дигитално потпишување значи уназадување на постигнатиот напредок во автоматизацијата на здравствените услуги. ЕЗК не се применува во постоечките информатички системи на Фондот и Министерството затоа што имплементацијата и практичната примена на истата, е поврзана со функционирањето на ИЗИС, кој како и голем дел од активностите предвидени со стратегијата од 2006 година, не профункционира. Практично проектот ЕЗК е замрен и не се работи на негово активирање. Имајќи ја предвид нефункционалноста на системот на Фондот во однос на ЕЗК, во 2019 година донесена е измена на Законот за здравствено осигурување76 со која се уредува дека правата од задолжителното здравствено осигурување, осигурените лица ги остваруваат врз основа на ЕЗК и/или врз основа на електронски запис во базата на податоци на Фондот дека придонесот за задолжителното здравствено осигурување е платен, со што практично се релативизира и заобиколува целиот проект за ЕЗК, за кој се потрошени над 5,55 милиони евра буџетски средства и над 8 милиони евра лични средства на осигурениците за набавка на картичките (250 денари по картичка за изработени околу 2 милиони картички)“.

Засега никој нема прецизен одговор која е реалната причина за раскинување на договорот, дали има прекршување на договорените обврски од двете страни, дали има неисполнети обврски од било која од договорените страни, кои се тие неисполнувања и по чија вина се.

Она што е најважно е дека пациентите во Македонија се уште мора да шетаат со старите здравствени книшки и во нив да ги складираат сите медицински белешки за нивното здравје. Па кога ќе ги фати една болест, која може да влијае на друга здравствена состојба, наместо лекарот веднаш да има увид во состојбата, болниот мора сам се да раскажува, колку знае и умее. За електронската здравствена картичка веќе никој и не зборува, ниту покажува намера да ја стави во функција. Парите се потрошија, одговорност нема. Веќе видено!

Пишува
А.М.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

СДСМ ЌЕ ИМА СВОЈ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ Ковачевски…

Ковачевски изјави дека на вечерашната седница на…

Османи не го потврди доаѓањето на Лавров…

Прашан дали имаат комуникации со Кабинетот на…

Османи вели дека во ВМРО-ДПМНЕ има страв…

За тврдењата на албанската опозиција дека во…

Османи: Европската агенда на Македонија мора да…

Враќањето на проширувањето на агендата на Европската…

Османи: СДСМ и ДУИ ќе кандидираат заеднички…

„Како никогаш досега, општеството е поларизирано по…