Кој троши помалку ќе плаќа поевтина струја
Оние што загреваат базени, копаат криптовалути или на домашна струја водат бизниси од наредниот месец ќе добиваат многу повисоки сметки. РКЕ воведува нов тарифен модел според кој оние кои трошат помалку ќе плаќаат поевтина струја, додека најголемите потрошувачи ќе ја плаќаат многу поскапо.
Цената на струјата ќе биде пониска за оние кои трошат помалку, а големите потрошувачи ќе плаќаат повисока цена за киловатчас, предвидува новиот модел за тарифирање на електричната енергија.
Според пресметките на Регулаторната комисија за енергетика, со новиот модел на плаќање, 87 отсто од домаќинствата зимно време, и 92 отсто летно време, ќе плаќаат пониски сметки, отколку сега ако продолжи сегашниот модел. На 13 отсто од домаќинствата, кои се големи потрошувачи на струја, сметката ќе им биде повисока ако се пресметува со новиот модел. Околу 2000 најголеми потрошувачи ќе плаќаат за 46 отсто повисоки сметки.
Регулаторната комисија минатиот месец објави дека 17 домаќинства трошат струја колку дури 80 илјади просечни семејства. Дел од нив загреваат огромни базени, а за дел постои сомнеж дека копаат криптовалути. Струјата за нив сега сериозно ќе поскапи.
Поевтина струја само за основни потреби
Со оглед на тоа што граѓаните плаќаат поевтина струја од пазарната, идејата е поевтина струја да има само за основните потреби. Новиот модел предвидува да се соберат исто пари за струја како сега, но најголемите потрошувачи да платат повеќе.
Сепак, тоа не значи дека струјата ќе поевтини, туку дека според новиот модел за најголем дел од граѓаните ќе биде пониска отколку според сегашниот.
Нема да има промени во начинот на пресметка на евтината струја, но наместо една тарифа во скапа струја како досега, од наредниот месец ќе има неколку тарифи – тие што трошат повеќе ќе плаќаат поскапа струја.
Една евтина тарифа и четири скапи
Регулаторната комисија за енергетика организираше јавна расправа, на која беа презентирани анализите подготвени од Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за реформа на тарифниот систем за електрична енергија.
Според разработуваниот модел, скапата струја е поделена во четири блока. Потрошената струја до 210 киловатчаса во скапа тарифа месечно, ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега, потрошувачката меѓу 210 и 420 киловатчаса ќе биде со цени слични на сегашните, меѓу 420 и 630 киловатчаса ќе биде поскапа, а секој киловатчас над границата од 630 киловатчаса скапа струја месечно ќе биде многу поскап и ќе биде по слична цена со индустриската струја.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Македонската кујна на 47. место меѓу најдобрите…
Популарниот гастрономски портал за храна и патувања,…
Рекорден пад на вработените во текстилниот сектор…
Текстилниот сектор во Македонија се соочува со…
(Видео) Oдбраната на Мицевска со која обезбеди…
Голманката на македонската репрезентација Јована Мицевска беше една од…
Државата денеска се задолжува со уште 89…
За денеска се закажани две аукции на…
Меџити пред првиот меѓувладин состанок со Владата на…
Два дена пред меѓувладината средба помеѓу Македонија…