Крстовски: Будно ја следиме набавката на лекот „трикафта“, пратениците да застанат зад измените на законите

t

Тековно се преговара со производителот на лекот „трикафта“. Од комисијата при Министерството за здравство, задолжена за неговото набавување, нѐ уверија дека што повеќе пациенти ќе го добијат лекот со оваа прва интервентна набавка. Интервентниот увоз зависи од производителот на лекот, мислам дека тој рок што го кажаа оттаму е околу триесет дена, информираше денеска за МИА, Бојан Крстовски, член на надзорен одбор на Асоцијацијата за цистична фиброза, по средбата во Министерството за здравство.

Во меѓувреме, се работело на законските измени, по пример од други држави, по што ќе следувала тригодишна програма, за лек да стаса до сите пациенти со оваа ретка болест, на кои им е неопходен.

Барањата на Асоцијацијата со кои се отишло на средбата, биле, да се дефинира бројката на пациенти што ќе го добијат лекот со интервентниот увоз, да се каже до каде е работата со законските измени и до каде е имплементацијата на програмата за сите пациенти.

Крстовски најави нова средба за утре на претставници на Асоцијацијата и на Комисијата за набавка на лекот. Во меѓувреме, продолжува следење на процесот на промена на законите. Тој апелираше сите пратеници да застанат зад измените на законите и нагласи дека будно ја следат ситуацијата околу набавката на лекот.

Временскиот рок од 30 дена за набавка на лекот „Трикафта“ е поради тоа што кога ќе се направи нарачката, тогаш се произведува лекот за пациентите, појасни премиерот Димитар Ковачевски.

Информираше дека за време на вчерашниот состанок со Асоцијацијата за цистична фиброза договорено е пациентите со ретката болест да учествуваат во протоколите за примање на терапијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ