Ле Пен: Никогаш не сум била толку блиску до победа! – Следуваат интересни избори во Франција
Десет дена пред првиот круг од претседателските избори во Франција, кандидатката на екстремната десница Марин Ле Пен, пеглајќи го својот имиџ и потпирајќи се на кампањата која се фокусира на куповната моќ на граѓаните, продолжува да напредува во анкетите и да го намалува јазот со противникот, актуелниот претседател Емануел Макрон.
Победата на Марин Ле Пен, за која ова е трета кандидатура, повеќе не личи на сценарио од научно-фантастични филмови, оцени денеска агенцијата Франс прес.
Според анкетата објавена во средата, Ле Пен би добила 21 отсто од гласовите во првиот круг, а Макрон 28 отсто, но разликата значително се намалува во анкетата во вториот круг.
Помала е разликата во вториот круг според анкетите
Тогаш таа би добила 47,5 отсто, а Макрон 52,5 отсто, што е многу близок резултат што теоретски може да значи нејзина победа, доколку се земе предвид маргината на грешка.
„Никогаш не сум била толку блиску до победа“, рече Ле Пен минатата недела.
Иако се чинеше дека нејзината посериозна политичка кариера е завршена по поразот од Макрон во 2017 година и особено по дебатата меѓу двата круга во која беше многу лоша, Ле Пен, ќерка на Жан-Мари Ле Пен, историски лидер на француските радикали, полека и трпеливо се искачува, го пегла својот имиџ и ги поместува главните теми на своите говори.
Ле Пен ја стави куповната моќ во центарот на кампањата
Операцијата „де- демонизација“, како што ја нарекува француската агенција АФП, започна откако дојде на чело на Националниот фронт (ФН) во 2011 година, подоцна наречен Национален собир. Таа се огради од антисемитските и расистички изјави на нејзиниот татко и се ослободи од луѓето кои во тој поглед беа товар за партијата.
Прво загрижена за доаѓањето на друг кандидат на екстремната десница, Ерик Земур, на политичката сцена во есента 2021 година, таа во завршницата имаше корист од ултрарадикалните и поделени позиции на поранешниот полемичар.
Додека Земур продолжува да се занимава со идентитетските прашања и се спротивставува на имиграцијата и исламот, Ле Пен ја стави куповната моќ во срцето на кампањата, главна француска преокупација, ветувајќи итни мерки како што е укинување на ДДВ за некои производи.
“Таа е тука. Поопасна од кога било.”
Сето ова е само промена на фасадата, пишува денеска левичарскиот весник „Либерасион“, кој на насловната страница ја стави кандидатката на крајната десница со наслов: „Таа е овде. Поопасна од кога било“.
Кандидатската програма на 53-годишната Ле Пен „воопшто не се смени во нејзините темели каде се имиграцијата и националниот идентитет“, изјави неодамна за АФП Сесил Алдуј, која е специјализирана за говорот на екстремната десница.
Ле Пен само избра друг речник, но продолжува да го напаѓа исламот и сака драстично да ја намали неевропската имиграција, додава Алдуј.
„Марин Ле Пен и Ерик Земур се две лица на истиот медал“, вели истражувачот Рафаел Љорка, автор на есеј за „новите маски на екстремната десница“.
Извор: Слободен печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Масакр во Франција: Момче го уби газдата,…
Трагедија попладнево ја потресе северна Франција, кога…
Францскиот премиер официјално поднесе оставка, се очекува…
Премиерот на Франција, Мишел Барние, формално му…
Три опции за Макрон по падот на…
Францускиот парламент во средата ѝ изгласа недоверба…
Падна Владата во Франција! Левичарите и десничарите…
Француските пратеници ја соборија владата на премиерот…
Ќе падне уште една влада во Европа?
Пратеничките групи на левите и екстремно десничарските…