Македонија го презема претседавањето со ОБСЕ
Република Македонија од денеска, официјално го започнува претседавањето со ОБСЕ – најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Северна Америка, Европа и Азија.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе претседава со оваа важна мултилатерална организација која работи на сеопфатни аспекти на безбедноста поврзани со политичко-воената, економско-еколошката и хуманата димензија. Преку својот уникатен пристап ОБСЕ придонесува кон регионалниот мир, соработка и севкупен развој.
Претседавањето на Македонија со ОБСЕ ќе трае во текот на целата 2023 година. Министерот Османи ќе ја презентира програмата на програмата на македонското претседавање, пред Постојаниот совет на ОБСЕ , во Виена на 12 јануари.
Како што информираат од Министерството за надворешни работи, под слоганот „За луѓето се работи“ фокусот на македонското претседавање ќе биде ставен врз хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност.
– Во наш фокус, како земја претседавач, ќе бидат теренските мисии. Ќе преземеме и поддржиме конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи, истакна Османи.
Освен фокусот врз кризните региони, а пред се, воената агресија врз Украина, приоритетите на Македонија како претседавач ќе бидат реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот и довербата, како и инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици. Со ова Македонија се афирмира како активен чинител во генерирање на стабилност во поширок регионален контекст.
Османи посочува дека 2023 година ќе биде важна година за меѓународната позиција на Република Македонија.
– Зајакнатото меѓународно профилирање значи долгорочен влог во економски развој, нови можности за младите и стабилност. Во услови на војна во регионот на ОБСЕ и сложени политички односи помеѓу земјите учеснички ќе се фокусираме на намалување на тензиите, обновување на довербата, просперитетот и севкупната безбедноста на луѓето. Македонија досега многу пати го покажала својот капацитет, дека преку политички дијалог, демократски средства и демократско владеење ги остварува своите цели како на домашен, така и на меѓународен план. Сега имаме можност со таа наша зрелост и знаење да бидеме клучен играч, да ги водиме и да придонесуваме за меѓународните политики и процеси, подвлече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ во 2023 година, Бујар Османи во своето новогодишно обраќање до јавноста.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мециновиќ од Левица на состанок во кинеското…
Денес во Министерството за надворешни работи на…
Уште имаат храброст да се жалат! Косовско…
Министерството за надворешни работи и дијаспора на…
Жерновски повикан на консултации во МНР
Македонскиот амбасадор во Романија Андреј Жерновски денеска…
Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…
РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…
Министерот за дипломатија блокира броеви на новинари…
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, одбива…