Македонија има не само право, туку и обврска да го слави делото на Гоце Делчев!

t

Гоце Делчев, роден во Кукуш (сегашна Грција), поданик на султанот, Отоманска Империја, од македонско семејство, цел свој живот се борел за слободата на Македонците, не барал помош од соседите за таа борба по цена на големи страдања, се залагал за политичките, културните и човековите права на Македонците, бил идеолог на македонската самостојна држава, тој самиот со свој тестамент побарал да почива во главниот град на македонската држава, што Бугарија го прифатила и, на високо институционално и државно ниво, ѝ ги предала моштите на Делчев на Република Македонија, непосредно по Втората светска војна… – пишува на Фејсбук академик Катица Ќулавкова.

Гоце живеел меѓу народот во Македонија и не случајно станал синоним на водечки македонски револуционер. Тоа се неспорни суштествени факти кои не можат да бидат фалсификувани ни ревидирани. Во кои училишта учел и работел, тоа не е доказ за неговиот етнички профил. Дури и да не е по потекло Македонец, тоа не го менува фактот дека тој не би постоел како историска фигура без македонскиот духовен, национален и револуционерен контекст.


Денес Македонија има не само право, туку и обврска да го слави делото на Гоце Делчев, на свој начин, на свој простор. Таа си го има своето култно место за чествување, тоа е црквата Св. Спас во Скопје. Големите историски фигури се често славени во широк меѓународен контекст. Тоа не го укинува наследеното културно, историско и политичко право на матичниот народ. Напротив, го зголемува.


Затоа, за да се избегнат драматични ситуации и конфликти, не треба да се инсистира на никакви формални церемонии. Секоја држава на својата територија треба да си најде или да си создаде свое култно место за прослава на историски личности кои се поврзани со историјата на другите држави. Говор на омраза е самото оспорување на македонскиот културно-исторски континуитет. Ако почитувањето на туѓиот идентитет е цивилизациска вредност (можеби и европска?), тогаш ајде да ја практикуваме таа вредност. Самата помисла да се негира духовното, јазичното и историското наследство на соседниот народ е нецивилизиран чин. Заправо, и не е доволно да се биде цивилизиран, треба да се биде и хуман, човечен, емпатичен… Целиот свет, полакомен по профит и доминација, е пред тоа искушение: како да се обнови хуманата димензија на човештвото. Обновата на заемната почит е приоритет за да има добрососедски односи. Премногу колективни трауми за еден човечки живот. Премногу злоупотреба на јазикот, лоши зборови, лоши чувства, лоши намери, лоши политики. Премногу токсична средина за нормален живот. Првиот чекор за нормализација е покажување добра волја. Отфрлање на заробениот колонијалистички ум. Помалку примитивизам, повеќе благородност! – пишува Ќулавкова на Фејсбук.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Катица Јанева ни честиташе Нова Година…

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева празниците…

Колумна на Ќулавкова: Северна Македонија е парабола…

Уставот на секоја држава е по правило…