Македонскиот збор силно одекна во Париз

t

Македонскиот збор силно одекна во Париз, на Националниот интитут за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), со меѓународниот симпозиум што беше организиран вчера по повод 50 години од отворањето на тамошниот Лекторат по македонски јазик – најстариот активен лекторат по македонски јазик на универзитетите во светот. Одекнаа научните вистини за македонистиката и констатациите за потребата од натамошни вложувања во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура. Но, и клучни согледби за македонските книжевни и културни вредности, преку осврнувањата на творештвото на великанот Ацо Шопов, во чест на 100-годишнината од неговото раѓање. На ИНАЛКО се слушна и македонската народна песна, на концерт организиран во чест на големиот јубилеј за македонистиката и за македонската држава. Уште еднаш се потврди дека соработката меѓу Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и ИНАЛКО е исклучително важна за развојот на странската македонистика.

На Симпозиумот се одржа тркалезна маса која во целост беше посветена на македонистиката во Франција. На неа се обрати и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, како и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонистика на ИНАЛКО.

Мојсова-Чепишевска детално се оврна на историјатот на македонистиката во Франција. Притоа, меѓу другото укажа дека интересот за македонскиот јазик таму датира и од претходно, од периодот меѓу двете светски војни, кога професорите Андре Мазон и Андре Вајан имаат објавено капитални дела за македонските дијалекти. Укажа и на интересот за македонскиот јазик и веднаш по неговата кодификација, поочувајќи на конкретни историски факти.

– Повеќе од јасно е дека во темелите на овој Лекторат е и еден претходен, од денешна перспектива согледано исклучително значаен, непрекинат научен интерес за македонскиот јазик во француската филологија и во периодот пред и по неговата кодификација. Тоа нè обврзува на заеднички заложби и за денешниот развој на македонистиката во Франција. Токму затоа и чествувањето на овој полувековен јубилеј не е и не треба да биде само формално одбележување, туку почетна точка на нови заеднички заложби на француските и македонските филолози и културолози, на ИНАЛКО и МСМЈЛК при УКИМ.

Во завршницата на излагањето во кое меѓу другото, посебно го акцентираше и значењето на заложбите на Ацо Шопов за развивање на македонско-француските културни врски, таа ја нагласи потребата од взаемна посветеност која ќе овозможи нови перспективи на македонистиката во Франција.

– И по овие 50 години, веќе да мислиме и да работиме заеднички на она што ќе се случува во следните 50. А за тоа, неопходно е заеднички да вложуваме во кадри кои ќе го продолжат развојот на македонистиката на ИНАЛКО. Впрочем, на тоа нè обврзува и влогот на оние што пред нас се вложувале во македонско-француските културни и академски врски, истакна Мојсова-Чепишевска.

Како што во заклучните согледби од Симпозиумот нагласи и проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која раководи со студиите по македонистика на ИНАЛКО и претседаваше со тркалезната маса, излагањата на овој дел од Симпозиумот успеаа во целта да се поттикнат и заеднички иницијативи и нови проекти за следните години, како влог во развојот на македонистиката.

Со свои излагања учествува и актуелниот лектор по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески, асс. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески” и Јован Костов од Универзитетот „Пол Валери Монпеље 3″. Во нивните излагања беа акцентирани согледби и анализи за македонистиката во Франција денес, а одделно излагање беше посветено и на вреднувањето и анализирањето на поезијата на Ацо Шопов преку прочитот на странските македонисти, како и за предизвиците при подготовката на најновите преводи на негови песни.

На творештвото на Шопов, на Симпозиумот му беа посветени и две тркалезни маси. Со нив продолжи и чествувањето на делото на Шопов во Париз, по повод големиот јубилеј 100 години нд неговото раѓање. Ообено е важно што на овие тркалезни маси со исцрпни дискусии и нови согледби учествуваа и истакнатите странски македонисти и универзитетски професори, Кристина Е. Крамер од САД/Канада и Маќеј Кавка од Полска, долгогодишни учесници на Меѓународната научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ и преведувачи на поезијата на Шопов. Покрај нив, на тркалезните маси учествува и професорот Жорж Алао од ИНАЛКО – Франција, по потекло од Нигерија, Дауда Ндиај од Сенегал, Хозе-Мариа Паз-Гаго од Шпанија, Џамила Межри од Тунис и Тања Кармзова од Франција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

На „Табановце“ зголемена фреквенција на возила и…

На граничниот премин Табановце за излез и…

Српските кошаркари освоија бронза на Олимписките игри…

Српските кошаркари ја освоија бронзата на Олимписките…

(Видео) Клучниот удар на Рељиќ во главата…

Македонската теквондиска Милјана Рељиќ забележа неверојатна победа…

Скандал во Париз: Откажано е натпреварување поради…

Нов скандал се случи на Олимписките игри…

Мојсовска не се пласираше во финалето на…

Анастасија Мојсовска денеска настапи на ЛОИ во…