Македонските транспортери стравуваат дека со влезот на Бугарија и Романија во Шенген може да се намали пристапот до европските пазари
Пораст на Бруто-домашниот производ, помалку чекање на граница, намалени трошоци за инвеститорите, а со тоа и зголемување на инвестициите во Бугарија и Романија. Аналитичарите во овие две земји членки на Унијата очекуваат позитивни промени откако тие вчера официјално станаа дел од Шенген-зоната.
Но, позитивните придобивки од либерализацијата може да значат и проблеми за „третите земји“ во кои се вбројува и Македонија.
Од Асоцијацијата МАКАМ-ТРАНС стравуваат дека со влезот на Бугарија и Романија во Шенген се ограничува пристапот до европските пазари и голем број од професионалните возачи кај нас ќе го почувствуваат тоа на своја кожа.
Со влегувањето во Шенген-зоната, значи дека се зголемува територијата на којашто се бројат деновите за престој. А, тоа значи дека ќе има поголем број на возачи што ќе ги депортираат или враќаат во нашата држава затоа што ги надминале тие 90 дена за престој. Да покренеме иницијатива во сопствената држава, но и во ЕУ – професионалните возачи да имаат ист третман како што имаат и другите екипажи во транспортот, со цел да не нѝ се намали можноста за пристап на пазарите, вели Биљана Муратовска, генерален секретар на МАКАМ-ТРАНС.
Двете балкански земји станаа дел од Европската унија пред 18 години, но не беа интегрирани во најголемата безгранична зона во светот сѐ до месец март 2024 година.
Тогаш беа укинати контролите на водните гранични премини и на внатрешните воздушни премини, додека и натаму беа на сила проверките на лицата кои ги минуваа копнените граници.
Рутински контроли сепак нема да изостануваат внатре во државите.
Во рамки на граничната зона или до 30 километри во внатрешноста на територијата, ќе има зголемен број на патроли од страна на сообраќајната полицијата и Министерството за внатрешни работи. Овие мерки ќе се преземат за да се компензира укинувањето на контролите на границата, кажа вчера Антон Златанов, директор на Граничната полиција во Бугарија.
Денес, правилата за слободно движење во Шенген-зоната важат во 29 земји.
Зоната се протега на територија на која живеат 420 милиони луѓе.
Воспоставена е во 1985 година со укинување на граничните контроли помеѓу Белгија, Германија, Луксембург, Франција и Холандија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Деветгодишниот Вукан и брат му Јован Вулетиќ…
Деветгодишниот Вукан и неговиот пет години постар…
Св. Игнат: Тоа што ќе го правите…
Кога свети Игнатиј бил дете Исус го…
Башар ал Асад отруен во Москва?! Почнал…
Соборениот сириски диктатор Башар ал Асад, кој…
Македонските транспортери стравуваат дека со влезот на…
Пораст на Бруто-домашниот производ, помалку чекање на…
Запалено возило во скопско Арачиново
Денеска (02.01.2025) во 02.05 часот во СВР…