Макрон сака голема дипломатска победа во ОН, но ЕУ е поделена
Утре на конференцијата на Обединетите нации, францускиот претседател Емануел Макрон ќе се обиде да изведе голем дипломатски удар со тоа што ќе собере неколку западни земји да ја признаат палестинската држава, но неговите напори нема многу да придонесат за прекин на војната во Газа, проценува денес Политико.
Можностите за тоа што Макрон може да постигне на Меѓународната конференција за мирно решавање на палестинското прашање и спроведувањето на решението за две држави во Генералното собрание на Обединетите нации се ограничени од фактот дека Германија и Италија објавија дека нема да се приклучат на неговата иницијатива, и малку е веројатно дека неговите напори ќе влијаат врз американскиот претседател Доналд Трамп или израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја прекинат војната.
Се очекува претставници на Франција, Велика Британија, Белгија, Португалија, Луксембург, Малта, Андора, Австралија и Канада утре да зборуваат на сесијата на ОН за признавањето на палестинската државност, што француски функционер го нарече „дипломатска победа“ за Париз.
„Политико“ наведува дека дури и Французите признаваат дека помпезноста и грандиозните гестови во Њујорк нема веднаш да направат разлика во решавањето на хуманитарната криза во Газа, додека израелските тенкови напредуваат во копнена офанзива, како ниту Израел ниту Соединетите Американски Држави да не се воздржат поради Макрон.
Обидот на францускиот претседател да покаже заеднички фронт, исто така, открива колку изгледа разединета Западна Европа, бидејќи Германија, Италија, Грција и Холандија нема да се регистрираат за дискусијата на меѓународната конференција на ОН, а германскиот канцелар Фридрих Мерц дури нема ни да присуствува, додека италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека не е за признавање на палестинска држава „пред нејзиното основање“, наведува бриселскиот портал.
Според еден европски дипломат, кој разговарал со „Политико“ под услов на анонимност, целта, како што рече, на „коцкањето“ била очекувањето дека „Израел ќе попушти“ како што расте меѓународниот притисок против него, но признал дека тоа не се исплатило.
„Се чини дека тоа не се случува. САД го поддржуваат Израел и ги забрзуваат анексиите на Западниот Брег“, рече дипломатот.
Друг дипломат изјавил дека сè додека Израел ја има поддршката од „својот голем сојузник, САД, со својата Железна купола… тоа не менува ништо“.
Експертот за Блискиот Исток Кристина Кауш од Германскиот Маршалов фонд оцени дека Европа е прогонувана од својата улога во Холокаустот и дека досега презела само „симболични, мали“ чекори против Израел, иако Европејците биле непријатно изненадени „од начинот на кој Израел се однесувал кон Палестинците“.
„Но, настаните од последните две години и во последните месеци доведоа до сознанието дека работите не можат да продолжат“, рече Кауш.
Во неделите и деновите што доведоа до конференцијата на Макрон за Палестина, САД и Израел се обидоа да ја спречат француската дипломатска офанзива.
Минатиот месец, Вашингтон одби да му даде виза на претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас за патување во САД за да присуствува на годишниот собир на Обединетите нации.
На списокот на учесници што ќе учествуваат на конференцијата за Палестина утре се шпанскиот премиер Педро Санчез, белгискиот премиер Барт де Вевер, португалскиот премиер Марсело Ребело де Соуза и лидерите на Луксембург и Малта, како и премиерите Марк Карни од Канада и Ентони Албанезе од Австралија, кои треба да одржат говори
Не се очекува британскиот премиер Кир Стармер да присуствува на состанокот на ОН, оставајќи го тоа на вицепремиерот Дејвид Лами и министерката за надворешни работи Ивет Купер, но е објавено дека тој официјално ќе ја објави одлуката за признавање на палестинска држава денес попладне
Војната во Газа меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас започна во октомври 2023 година, по нападот предводен од Хамас врз јужен Израел во кој загинаа околу 1.200 луѓе, а 251 беа земени како заложници, според израелски извори.
Според палестински извори, до сега, повеќе од 60.000 Палестинци се убиени во војната во Газа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Макрон сака голема дипломатска победа во ОН,…
Утре на конференцијата на Обединетите нации, францускиот…
Унгарија ја повикува ЕУ да го следи…
Унгарскиот министер за надворешни работи и надворешни…
ДУИ: Европската иднина на земјата е блокирана…
Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост…
ЕУ го забранува увозот на руски течен…
Европската Унија планира да забрани увоз на…
Филипче: Жално е што реформите за ЕУ…
Да го искористиме времето и искуството на…