Макрон ќе го посети Гренланд
Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го посети Гренланд на 15 јуни за да „ја зајакне соработката“ со автономната данска територија на која се осврнуваше американскиот претседател Доналд Трамп во своите изјави, објави денес Елисејската палата.
Макрон патува таму на покана на премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, и данската премиерка Мете Фредериксен, која исто така пристигнува на најголемиот остров во светот, објавува агенцијата Франс Прес.
Со тоа, Макрон ќе стане првиот странски лидер што ќе го посети Гренланд по изјавите на Трамп за преземање на територијата. Потоа, францускиот претседател патува на самитот на Г7 во Канада, земја за која републиканскиот американски претседател рече дека треба да стане 51-ва американска држава.
Зајакнување на соработката со Гренланд
Макрон, Нилсен и Фредериксен ќе разговараат за „безбедноста на Северниот Атлантик и Арктикот, како и за прашањата за климатските промени, енергетската транзиција и безбедноста на снабдувањето со критични суровини“, објави Палатата.
Целта на патувањето е да се „зајакне соработката“ со Гренланд во овие области и да се „придонесе за зајакнување на европскиот суверенитет“, се вели во соопштението.
Данската премиерка рече дека посетата е „уште еден конкретен доказ за европското единство“ во време на „тешка меѓународна политичка ситуација“ за нејзината земја.
„Ни треба Гренланд“
Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп повтори дека САД сакаат да го преземат Гренланд и не ја исклучиле можноста тоа да го сторат со сила. „Ни треба“, рече републиканецот за територијата богата со ресурси, која се наоѓа на геополитички важна локација.
На 28 март, потпретседателот на Трамп, Џ.Д. Венс, ја посети американската воена база во Питуфик, на северозапад од островот, во посета што беше протолкувана како провокација.
Венс беше принуден да ја откаже својата посета на самиот Гренланд поради протести од локалните и данските власти.
Потпретседателот на САД ја обвини Данска дека „не работи добро за луѓето од Гренланд“, дека не инвестира доволно во локалната економија и дека не прави доволно за својата безбедност.
„Гренланд не е на продажба“
Копенхаген им одговори на САД дека „Гренланд не е на продажба“ и дека не може „едноставно да ја анектира територијата на друга земја“.
Иако најголемите партии во Гренланд се склони кон независност од Данска, ниту една од нив не сака да стане дел од САД. Ова беше потврдено со анкета спроведена во јануари меѓу 57 илјади Гренландци кои изразија неподготвеност да станат американски државјани.
По заканите од САД, Данска објави издвојување на две милијарди евра за зајакнување на безбедноста на Арктикот.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, исто така, најави потенцијално испраќање на европски сили за да се обезбеди безбедност во областа.
Гренланд е важен за САД бидејќи се наоѓа на најкратката ракетна патека од Русија, пишува Франс Прес. Важноста на локацијата на островот расте и со топењето на глечерите предизвикано од климатските промени, што отвора нови морски патишта за светската трговија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Макрон ќе го посети Гренланд
Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го посети…
Гренланд даде дозвола за копање на анортозит…
Гренланд денеска издаде 30-годишна дозвола на данско-француска…
Џеј Ди Венс во петок ќе го…
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска изјави…
На Гренланд започна бојкот на американските производи
Граѓаните на Гренланд започнаа бојкот на американските…
Трамп: Мислам дека анексијата на Гренланд ќе…
Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва ќе се…