Мали се шансите Шолц да помрдне нешто во бугарско-македонското прашање

t

Мали се шансите посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц да помрдне нешто во бугарско-македонскиот спор и да му го отвори патот на Скопје кон ЕУ, оценува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во денешната анализа што ја пренесува Дојче Веле.

Разговорите во Софија требаше да бидат финалето и можеби дипломатскиот белег на патувањето на Шолц на Балканот, имено како германски придонес во обидите да се смири, барем површно, ‘историскиот спор’ што го предизвика Бугарија со Македонија, оценува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во пресрет на доаѓањето на канцеларот Олаф Шолц во регионот.

Надежта е дека Македонија, со германска помош, на седницата на Европскиот совет на 23 јуни конечно ќе добие зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. Досега тоа беше блокирано од Бугарија со вето. Но, сега се чини дека Шолц лета директно во владина криза, наведува натаму ФАЦ.

Весникот потсетува дека во средата се распадна четирипартиската коалиција на бугарскиот премиер Кирил Петков, откако шоуменот Слави Трифонов ги повлече своите министри од владата. Една од причините за заминувањето, според Трифонов, е и „националното предавство“ кое го прави Петков во обид да го тргне ветото за Македонија. 

„Трифонов ја застапува националистичката линија во Бугарија во однос на Македонија. Според неа, врз основа на бугарско-македонскиот договор за пријателство од 2017 година, кој не само во Скопје се смета за изнудувачки, Македонците мора да признаат дека воопшто не постојат како народ и дека нивниот јазик потекнува од бугарскиот. Тоа не е наведено буквално така во договорот, но натаму одат барањата на Софија“, пишува ФАЦ.

И онака малите шанси дека посетата на Шолц ќе донесе одржлив компромис во спорот меѓу Бугарија и Македонија, сега се уште помали. Надежите дека добронамерните сили во Софија ќе го решат спорот и онака беа авантуристички, затоа што од Скопје се бара нешто што е тешко да се исполни: македонската влада треба да го смени Уставот со двотретинско мнозинство за да го вметне бугарското малцинство во него како конститутивен народ. Дополнително, треба да се направат и други отстапки во компоненти од македонскиот идентитет за кои воопшто не може да се преговара. (…) Скопје и онака веќе има лошо искуство со измени на Уставот заради нејасната ‘европска перспектива’. Поранешниот премиер Зоран Заев, со огромен политички ризик, изврши промена на името во Cеверна Македонија. За да се охрабрат Македонците на овој чекор, во 2018 во Скопје допатува и канцеларката Ангела Меркел и индиректно го поддржа преименувањето. Грција потоа го отстрани ветото за трансатлантскиот пат на соседот. Но, наместо да следува награда во форма на почеток на преговорите за членство во ЕУ, веднаш настапи Бугарија со ново вето, се наведува во анализата наа германскиот весник.

Зоран Заев во меѓувреме се повлече од политиката, потсетува весникот и прашува: „Дали неговиот наследник Димитар Ковачевски има волја и способност, е непознаница. Но, во Скопје веќе знаат дека убавите зборови на германската канцеларка или канцелар не значат многу“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Унгарскиот МОЛ сака да ја купи рафинеријата…

Унгарската компанија за нафта и гас МОЛ…

Двајца Македонци фатени со 137 килограми марихуана…

Двајца државјани на Македонија се приведени на…

Љубчо Георгиевски на свое барање се сретнал…

Бугарскиот претседател Румен Радев го примил во…

Бугарскиот пазар полуде: Се нуди паркинг место…

Гаража или паркинг место за автомобил во…

Македонската кујна на 47. место меѓу најдобрите…

Популарниот гастрономски портал за храна и патувања,…