Мајката на Васил Јованов низ солзи изрази сочувство до семејството на Фросина

Мајката на Васил Јованов денеска низ солзи на прес-конференција изрази најдлабоко сочувство до семејството на Фросина Кулакова која беше усмртена од нејзиниот син на „Партизанска“ на пешачки премин.
-Сакам да изразам најдлабоко, најискрено, најдлабоко мајчинско сочувство особено до мајката на Фросина. Само мајка може да разбере како ѝ е на другата мајка. Загубата е ненадоместлива и непрежалива. Како што кажа сопругот, таа вечер се зацрнија два дома. Бремето од оваа ситуација ќе остане да тежи до крајот на нашите животи, на целото наше семејство. Мислам дека само тој што има дете би требало за миг да може да се стави и во нашата кожа и да претпостави колку е страшно, колку е болно и каков товар е ова. Секој ден се молиме на Бога за семејството на Фросина да има сила да ја издржи оваа загуба и смирение да ја прифати. Како мајка стојам на располагање на другата мајка ако со било што можам на било каков начин да се најдам во овој претежок период. Немам доволно зборови да ја искажам болката и жалењето за се што се случува. Васил по игра на случајот, е наше единствено дете. Имавме друго кое почина на свои 23 часа живот, рече Ана Јованова, мајка на осомничениот Васил.
Запрашана за судијката што на Васил Јованов му определи казнено поправен дом а не затвор, таа рече:
Судијката првпат ја видов во животот во рамките на самата судница на рочиштата и не знам дали била сопруга на мој колега. Можеби е сопруга на поранешен колега, но јас не сум била свесна за тоа. Бог ми е сведок, рече Јованова.