МВР одбива да одговори: Дали осомничените за убиството на Денис Тот биле тестирани за присуство на дрога и алкохол во крвта?

t

Дали во постапката за расветлување на убиството на ракометарот Денис Тот, каде обвинети се три лица, меѓу кои и првоосомничениот Анџело Ѓоргиевски, врз приведените бил спроведен тест за алкохол и дрога и какви биле резултатите? Ова прашање „Слободен печат“ го упати до Основното јавно обвинителство, меѓутоа оттаму одбиваат да ја споделат оваа информација, во интерес на истрагата.

„Во предметот за кој покажувате интерес, се преземаат сите истражни дејствија неопходни за утврдување на фактите и околностите и за обезбедување на доказите. Истрагата е во тек и во овој момент не сме во можност да споделиме повеќе детали”, ни изјавија од Обвинителството.

Според наши проверени информации, доколку обвинетите биле под дејство на опојни дроги, тоа се смета за отежнителна околност. Меѓутоа, потврда нема дали тестовите се направени и ако се направени, какви биле резултатите од истите.

Првообвинетиот Анџело Ѓоргиевски, ноќеска во полициската станица во Аеродром се предал на полицијата, откако пет дена беше во бегство и за него беа распишани меѓународна потерница и централен распис. Тој е спроведен во триесетдневен притвор во затворот Скопје, исто како и второосомничената К.Л. и третоосомничениот А.К..

Ѓоргиевски, според пишувањата на медиумите во Словенија, во 2017 година имал проблеми со законот во оваа земја, каде му била откриена мини фабрика за производство на синтетички дроги. Меѓу нив била и супстанцата гама-хидроксибутират, популарна дрога меѓу бодибилдерите и посетителите на забави во ноќни клубови, позната е како дрога за злоупотреба. Овој депресив влијае на централниот нервен систем, ја зголемува силата, еуфоријата, важи за афродизијак и е една од неколкуте контролирани супстанци кои се користат за „силување на забави”. Бидејќи влијае на централниот нервен систем како депресив, гама хидроксибутиратот може да биде смртоносен во комбинација со алкохол и други депресиви. За него нема оправдана медицинска употреба, а американската Агенција за храна и лекови го забрани за употреба и продажба.

Лицата кои посетуваат забави во ноќни клубови кои се долги и целовечерни, ја користат оваа дрога зашто ја зголемува еуфоријата.

Би Би Си пишува дека оваа дрога е оружје на силувачите, зашто ја зголемува еуфоријата и сексуалниот нагон.

Ракометарот Денис Тот во четвртокот ноќта беше убиен пред дискотеката „Привилиџ“ во градскиот парк во Скопје. На насилството кое резултираше со смртен исход, а кое е евидентирано на безбедносни камери, му претходело недоразбирање меѓу девојката второосомничена за неговата смрт и ракометарот. Токсиколошкиот наод од неговата обдукција уште се изработува, исто како и извештајот кој ќе му биде предаден на Обвинителството.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Претрес во Велес: Пронајдена дрога кај 63-годишен…

Полицијата вчера привела шеесет и тригодишен велешанец…

Во Албанија уапсени повеќе од 200 луѓе…

Акцијата е изведена во текот на ноќта…

Учениците се дрогирале на час, полицијата упаднала…

Скандал ја тресе Хрватска откако тројца ученици…