Милановиќ: Европа на Макрон со повеќе брзини ќе „зариба“

t

Ако ЕУ продолжи да инсистира да бидат решени билатералните спорови базирани на историја или на емоции, ниту една земја од Западен Балкан никогаш нема да влезе во ЕУ, оцени Пендаровски на самитот.

Девете лидери на Процесот Брдо Бриони го завршија самитот во Скопје, овојпат без кавга, во конструктивен дух и со усвоена декларација.

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ нагласи дека ова е единствен процес на ниво на претседатели во сопственост на регионот и, како што рече, без надворешни ментори и промотори нагласувајќи дека не гледа потреба од нив. Запрашан што е поважно за евроинтеграцијата – решавање на отворените прашања или отворените преговарачки поглавја, Милановиќ одговори категорично дека се важни и едното и другото.

Постојат отворени прашања, особено меѓу Србија и Косово кои меѓусебно не се признаваат. Тие два процеси се одвиваат паралелно и добро е што постои дијалог за да се реши. Најлошо е кога ќе прекинат телефонските линии и комуникации, зошто тоа практично значи „смрт за дијалогот“, порача Милановиќ, за кого поголемо „идентитетско прашање“ од овие беше што Украина и Молдавија добија кандидатски статус пред БиХ.

Пендаровски, пак, оцени дека постои огромен јаз меѓу критериумите за членство и билатералните спорови со нашите соседи и дека тоа создало сериозен дисбаланс во смисла дека билатералниот проблем со Бугарија ја покрива целосно традиционалната европска агенда за пристапување. Според него, ако ЕУ продолжи да инсистира да бидат решени билатералните спорови базирани на историја или на емоции, ниту една земја од Западен Балкан никогаш нема да влезе во ЕУ.

Словенечката претседателка Пирц-Мусар не смета дека билатералните проблеми треба да се причина за одолговлекување на евроинтегративниот процес на Западен Балкан.

Околу дилемата што ја отвори францускиот претседател Емануел Макрон, за Европа во две или три брзини, Милановиќ рече дека уште кога студирал пред многу децении во Брисел се зборувало за тоа и, како што се изрази сликовито, тој „менувач зарибувал“ и не функционирал, така што и да постои формално таков предлог, според него нема да функционира ни сега. Според негова оценка, ЕУ практично ја исфрлила Велика Британија од членството со барањата за „повеќе Европа“, сметајќи дека „повеќе Европа“ е прифатливо за Балканот, но не и за Лондон. Оваа тенденција според него нема да запре доколку не и се каже крај.

-На Хрватска, на хрватскиот народ, им е добро во ЕУ . Целата приказна има почеток и крај. Хрватска и хрватските граѓани не платија голема цена и не отидоа во војна за да остварат големи интеграциски цели туку за да имаат своја држава. ЕУ е обично сретство а не цел сама по себе. Таа треба да се саморегулира како конзервативен господар , не во политичка смисла туку како некој кој е скептичен и на секој чекор му приоѓа рационално и без детски ентузијазам“, порача Милановиќ, во стилот на новите евроскептични европски лидери кои собираат поени на сметка на ЕУ – откако ќе влезат во неа.

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар пак кратко порача дека не поддржува Европа во повеќе брзини и дека секоја земја членка треба да биде полноправна.

Тоа е предлог само на францускиот претседател, во смисла прво продлабочување па проширување на Унијата. Такво нешто сепак не се случува и има придвижување на процесот напред. Објективно во ЕУ со децении постојат две или повеќе брзини и тоа не би било изненадување. Ова сепак не е формален предлог на Макрон и, ако би бил, не би го прифатиле во Брисел, додаде претседателот Стево Пендаровски, нагласувајќи дека не треба да се плашиме дека ќе имаме помалку права од другите земји членки, но е тема за размислување.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој учествуваше на самитот но не и на прес конференцијата, во посебна изјава за новинарите рече дека на средбата разговарале за европската иднина на регионот, за која едни имаат поголем ентузијазам, а други помал. Тој рече дека денот поминал во конструктивна дискусија и дека во декларацијата стои дека е потребно членство во ЕУ што поскоро, а најдоцна до 2030 година.

„Ова се убави желби, но кој сум јас да го уништам оптимизмот и да им ја намалам амбицијата на некои други. Одлично ако е така, но не сум сигурен“, изјави Вучиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како членките на ЕУ им помагаат на…

Податоците на Евростат велат дека во 2021…

Фон дер Лајен: Постигнати се пресвртници во…

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…

Главчев за Македонија: Не е нормално земја…

„Денеска ќе бидам на самит во Брисел…

Турција ќе добие уште една милијарда евра…

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…

Албанија отвори уште еден кластер во преговорите…

Денеска во Брисел се одржа третата меѓувладина…