Минималната синдикална кошничка за декември 65.492 денари, од јануари и Владата ќе пресметува колку да јадете

t

По ноемвриското намалување на Синдикалната минимална кошница (СМК), во декември повторно зголемување на износот што е потребен да преживее четиричлено семејство во Македонија. Кошницата за овој месец е 65.492 денари и е за 319 денари повисока во споредба со минатиот месец.

Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, најмногу едно семејство одвојува за да се прехрани и тоа 23.648 денари, што е многу блиску до износот на минималната плата во државава која од април 2025 изнесува 24.400 денари. Храната претставува 36,1 отсто од сите потребни издатоци за да се обезбеди минимум живот на едно семејство. Од ССМ велат дека ова ја покажува потребата од зголемување на минималецот, но дека Владата не ни размислува да разговара за ова, што може да се види и од дневниот ред на најавениот состанок за понеделник на Економско социјалниот совет кога ќе се разговара за Оперативниот план за 2026, за Унапредување на политиките и мерките за постигнување баланс помеѓу работата и приватниот живот, преку родово одговорни семејни политики како и точката разно. Од Синдикатот велат дека под разно, ќе ја отворат темата за минимална плата.

„Но, тоа што нас не загрижува е тоа што на седницата нема ставено ниту точка за некаква нова вредност на некоја нова владина кошничка, ниту пак точка на дневен трет има ставено за дискусија за платите на работниците и тоа мислам дека дополнително демотивира и обесхрабрува и мислим дека тоа е лоша честитка кон работниците од страна на Владата“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Трендафилов вели дека во понеделник, аргументирано ќе докажат дека минималната плата треба да биде од 600 до 700 евра, а не како сега нешто под 400 евра. Вели дека имаат сериозни анализи коишто ќе ги разобличеле ставовите на Владата и на работодавачите дека немало простор за зголемување на минималецот.

„Тоа што дополнително нас не загрижува е тоа што ниските плати во Македонија, минималната плата која е најниска во регионот и во Европа и просечната плата која е најниски и во регионот и во Европа, дополнително создаваат притисок на животниот стандард на македонските работници, па кога имате високи цени, а ниските плати, тоа значи дека се зголемува и прагот на сиромаштијата“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Инаку, заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески на 17 – ти овој месец најави дека од 1 јануари, покрај синдикалната минимална кошница, и Владата ќе започне со пресметка на просечна потрошувачка кошничка. Таа ќе се однесува на најмалку четиричлено семејство и ќе биде тема на разгледување на Економско – социјалниот совет, закажан за 22 декември, понеделник. Како што појасни Ристески, во пресметките ќе бидат вклучени податоци од најголемите маркети во земјава, цените на основните прехранбени производи, како и трошоците неопходни за еден просечен живот. Притоа ќе се земат предвид и регионалните разлики, а кај овошјето и зеленчукот ќе се користат производи карактеристични за периодот во кој се врши пресметката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Минималната синдикална кошничка за декември 65.492 денари,…

По ноемвриското намалување на Синдикалната минимална кошница…

Скопје под сива завеса: Mаглата го гуши…

Скопје од утрово се разбуди под густа…

Се одржа 34. Марш за ангелите –…

Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“…

Американски разузнавачи: Путин сака целосна контрола над…

Американските разузнавачки служби предупредија дека рускиот претседател…

Нетанјаху ќе го информира Трамп за можни…

Израелските власти, пред сè премиерот Бенјамин Нетанјаху,…