Минималната синдикална кошничка за еден месец се зголемила за 840 денари и изнесува 62 861 денар
За да си ги обезбеди основните потреби, на едно четиричлено семејство во декември годинава му се потребни 62 861 денар. Тоа, како што објави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), е зголемување на минималната синдикална кошничка за 840 денари во споредба со претходниот месец.
Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во декември едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 23 075 денари или 36,7 отсто од вкупниот износ на минималната кошничка.
За облека и обувки 5 728 денари, за станарина, вода, електрична енергија, и греење 6 020 денари, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2 087 денари, за здравје 1 135 денари и за транспорт 4 727 денари.
За комуникација на едно четиричлено семејство во април годинава му биле неопходни 3 417 денари од вкупниот износ на минималната кошничка, за рекреација и култура 4 458 денари, за образование 6 984 денари, за ресторани и хотели 4 131 денари, а за останати стоки и услуги 1 100 денари.
Според пресметките на ССМ, за оние семејства што живеат во стан под кирија потребни им се дополнителни 21 395 денари.
Според ССМ, од септември годинава, кога е воведена владината мерка за ограничување на бруто-профитната маржа на производите, како и со последната акција за намалување на цените за најмалку 10 отсто, има резултат во делот на храна и пијалаци. За овие потреби во септември биле потребни 23 034 денари, а во декември за истата ставка пресметано е дека се потребни 23 075 денари што е зголемување од 41 денар.
„Со ова се потврдува дека мерки се потребни почесто имајќи предвид дека од страна на трговците се злоупотребува секоја можност за да се богатат на грбот на граѓаните и работниците“, се вели во соопштението од ССМ.
Од ССМ велат дека загрижува тоа што трговците го имаат искористено периодот пред стапување на сила на последната акција и, како што се наведува, евидентно ги имаат зголемено цените. Дополнително на тоа, додаваат од ССМ, вредноста на синдикалната минимална кошница за храна и пијалаци за 63 основни производи кои се дел од истата за декември изнесува 23 075 денари и е зголемен за дополнителни 397 денари, наместо да биде намален за најмалку 10 отсто.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија бараат мерките да траат подолго, за Владата значително да придонесе за зачувување на животниот стандард на граѓаните.
Оттаму велат дека следната мерка треба да биде воведена без за истата да бидат информирани трговците и стопанствениците за да не направат повторно злоупотреби на грбот на граѓаните и работниците.
Синдикалната минимална кошничка во однос на декември минатата година е зголемена за 6 339 денари.
Од податоците за синдикалната минимална кошничка за изминатите години, а кои се објавени на веб-страницата на Сојузот на синдикати на Македонија, може да се види дека на едно четиричлено семејство во декември 2020 година му биле потребни 33 697 денари за да си ги обезбеди основните потреби.
Наредната година, исто така во декември, биле потребни 35 042 денари, додека за последниот месец од 2022 година за да си ги обезбеди основните потреби на едно четиричлено семејство му требале 51 235 денари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Зошто Тошковски дозволи Груби да избега, прашува…
„Со потсмев ги следиме обидите на ВМРО-ДПМНЕ…
Османи за Груби: Се надевам дека ќе…
Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер во…
Отфрлена е кривичната против обвинителот Рајчев поднесена…
Битолското обвинителство ја отфрли кривичната пријава која…
Орбан е сигурен: Војната во Украина ќе…
Вооружениот конфликт во Украина ќе заврши во…
Одложено судењето за обидот за атентат врз…
Американски судија го одложи судењето на осомничениот…