Мицкоски во Будимпешта без министрите од „Вреди“ и ЗНАМ, владината портпаролка вели таков бил протоколот

t

Премиерот Христијан Мицкоски, за време на посетата на Унгарија, денеска во Будимпешта положи венци на Меморијалниот споменик на унгарските херои.

„Нека ова положување венци биде симбол на пријателството, благодарноста и заедничките вредности што ги споделуваат Северна Македонија и Унгарија“, се вели во објавата на фејсбук-страницата на премиерот Мицкоски во која се додава дека ова е чин на почит и сеќавање кон оние што ја вградиле својата жртва во историјата.

Од фотографиите објавени на Фејсбук може да се види дека со Мицкоски во Будимпешта се само дел од министрите и заменик-министрите во Владата. Во владината делегација која денеска и утре ќе учествува на унгарско-македонскиот владин самит се министрите од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, но не и министрите од ЗНАМ и од коалицијата „Вреди“.

Портпаролката на Владата Марија Митева, во изјава за „360 степени“ вели дека посетата на Будимпешта е протоколарна работа договорена согласно протоколот на Унгарија и дека секое министерство што има пандан за средба, е присутно.

Дополнително, вели Митева, на фотографиите можете да го забележите и Љупчо Димовски кој е дел од владината коалиција.

Според агендата, за која денеска информираа од владината прес-служба, Мицкоски и неговиот домаќин, унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе имаат тет-а-тет средба, а во рамките на самитот предвидено е да се одржат и билатерални средби помеѓу ресорните министри на двете влади.

По ова ќе следи заедничка седница на владите на двете земји.

Инаку, за период од околу пет месеци ова е втора заедничка средба на владите на двете земји, откако на чело на македонската е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Првата се одржа кон крајот на септември лани во Охрид, каде на гости беа унгарскиот премиер Виктор Орбан со неговите министри.

И тогашната средба беше организирана според идентична агенда, каква што е најавена и за состанокот на двете влади што утре и задутре ќе се одржи во Унгарија. Но тогаш, според објавените фотографии, можеше да се види дека беа присутни и министри од „Вреди“ и ЗНАМ.

Меѓу поинтересните моменти кои произлегоа од средбата во Охрид, беше предлогот на унгарскиот премиер да посредува меѓу Скопје и Софија за изнаоѓање решение за спорот меѓу двете земји, што веднаш беше одбиен од тогашната техничка влада во Бугарија.

Како што изјави тогаш Орбан на прес-конференцијата со неговиот домаќин, најважната тема за време на средбата со Мицкоски било зачленувањето на Македонија во Европската Унија и улогата на Унгарија како тогашна земја претседавач со Европската Унија.

Извор: 360 степени

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Трамп со застрашувачка објава: Итно евакуиратје го…

Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа…

САД се подготвуваат да копаат литиум во…

Украинските власти ги презедоа првите чекори за…

Земјотрес со јачина од 4,2 степени ја…

Земјотрес со јачина од 4,2 степени според…

(Видео) Израел нападнат со ракети и дронови…

Иранските државни медиуми известуваат за заеднички напад…

Курти по изјавата на Трамп: Треба да…

Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин…