Мицкоски несакајќи го пофали Заев и Преспанскиот: Договорот за промена на името е условен зошто таков да не биде и договорот со Бугарија

t

На патот кон ЕУ нема да виткаме кичма, нема да коленичиме, нема да попуштаме пред ултиматуми и нема да отстапиме од заштитата на интересите на народот, благодарение на кој ние денес сме тука, за чесно да му служиме, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција во Владата по повод 100 дена владеење. Тој е категоричен дека ќе нема уставни измени доколку тие не се со одложено дејство и не сакаше да ги коментира изјавите на вицепремиеот Изет Меџити дека Бугарите ќе бидат вметнати во Уставот до крајот на оваа година.

Премиерот предложи да се измени Договорот за добрососедство со Бугарија по урнек на Преспанскиот договор со Грција, кој е условен договор.

– Нам ни се вели дека договорите мора да се почитуваат, Pacta sunt servanda. Ние го почитуваме Преспанскиот договор и користиме Северна надвор, при заклетви. Францускиот предлог не е договор. А каде во договорот со Бугарија стои дека мора да го смениме Уставот? Преспанскиот договор е условен, стои дека ќе поминат уставните измени, но ќе бидат ефективни кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за влез на Македонија во НАТО. Го сакаме ли овој Пакта? Ајде така да го примениме и со Бугарија, дека уставните измени ќе станат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Што е различно? Или за ова може, за она не може? А зошто не може? Зашто се собрале тројца корумпирани политичари кои потпишале сѐ и мислеле дека сѐ ќе им биде заборавено – рече премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека не сака политика со двојни стандарди и со ултиматуми. Тоа не се европски вредности, потенцира Мицкоски, туку како што вели, треба да се разговара.

– Тоа понуди унгарскиот премиер Виктор Орбан. Рече, ние претседаваме со ЕУ, да седнеме да разговараме. Јас прифатив, жалам што источниот сосед не прифати. Но, јас стојам на располагање. Нема да влеземе во процес што не ни гарантира успешен крај – рече Мицкоски.

На критиките на опозицискиот СДСМ дека новата влада го сопрела евроинтегративниот пат на Македонија, премиерот рече дека е навикнат од нив да слуша дифузни и збунувачки ставови.

– Жалам што се претворија во ова, им посакувам побрзо да излезат од летаргијата – рече Мицкоски.

На прашањето што конкретно ќе преземе за патот на државата кон ЕУ Мицкоски рече дека граѓаните ќе мора да се навикнат на политичари што не коленичат, кои работат чесно и одговорно, без да ги ограбуваат граѓаните.

– Останува фокусот кон ЕУ. Не сме сами, имаме многу пријатели. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на политичарите во ЕУ, со мене не може така, јас сакам дискусија со аргументи. Не слушнав ниту еден аргумент зошто да не бидеме дел од ЕУ, а слушнав многу вештачки аргументи. Остануваме посветени, со партнерства и пријателства. Денеска во очите на многу земји членки ние сме тие кои апсолутно имаме аргументи, а другата страна нема. Не е аргумент дека тие се внатре, а ние сме надвор. Дикат не прифаќам, сѐ додека граѓаните нѐ поддржуваат – рече Мицкоски.

Премиерот во обраќањето по повод 100 дена Влада повторно нагласи дека владината коалиција е стабилна и дека и покрај различните мислења за одредени прашања, сепак сите коалициони партнери се обединети околу стратешките прашања.

Тој ги оцени како успешни изминатите 100 дена од работата на Владата и рече дека она што го прави горд и задоволен е тоа што сите оние кои добиле шанса, во најголем дел ја исполниле дадената можност без разлика од која политичка партија доаѓаат.

– Коалицијата има двотретинско мнозинство, ова не е коалиција што се бори за својата стабилност. Хармонијата и колегијалниот дух владеат во коалицијата, на моменти нормално е да постојат и различни мислења, но тоа не значи дека не се согласуваме за стратешките прашања – рече Мицкоски.

На опозицијата ѝ порача да биде конструктивна и силна и наместо со обвинувања, да се натпреварува со политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните.

– Има такви кои велат дека ВМРО-ДПМНЕ направило премногу отстапки на коалиционите партнери и такви кои велат дека ВМРО-ДПМНЕ ги поништи своите коалициони партнери. Ги слушам сите тие гласови кои доаѓаат од опозицијата од кои едната се обидува да опстане на политичката сцена, а другата преку националистичка реторика се труди да се врати на политичката сцена. Тие мислат дека ако испраќаат такви пораки ќе внесат раздор и недоверба во таа коалиција. Можам да ги разочарам и да им кажам дека не само што не се успешни, туку таквото нивно однесување го зајакнува заедничкиот дух. Не смееме да се вратиме кон овие политичари кои поминаа децении во македонската политика, а ќе останат запаметени по корупција и многу предавства на сметка на личните интереси. Нема да навлегувам зошто ДУИ во изминатите 21 година не успеа да ги постигне стратешките цели, зошто СДСМ на лага се обидуваше да ја задржи својата власт. Имам да им порачам на двете партии дека имаме потреба од силна и конструктивна опозиција со која ќе се напреваруваме за политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните – рече Мицкоски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Минималната плата не стана 450 евра; Трендафилов:…

Владата на Христијан Мицкоски не го исполни…

Хезболах: Никаква израелска војска не е влезена…

– Шефот на канцеларијата за медиуми на…

За 10 години бројот на студенти се…

Во последните десет години бројот на студенти…