Мичиген ја укина прокламацијата за славење на македонското наследство по жалбата на бугарскиот конзул
Гувернерката на американската сојузна држава Мичиген, Гречен Витмер, ја тргна прокламацијата за славење на македонско наследство од нејзината официјална веб-страницата затоа што бугарскиот конзул во Чикаго, Светослав Станков се жалел. Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чија иницијатива беше донесена прокламацијата, рече дека поднела жалба до ФБИ за транснационална репресија против бугарскиот генерален конзул Станков. На почетокот на август годинава сенаторот Мајк Брон претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.
Генералниот конзул на Бугарија во Чикаго, Илиноис, САД, Светослав Станков, испратил писмо до канцеларијата на гувернерката на сојузната држава Мичиген Гречен Витмер, во кое реагира за прогласувањето на септември оваа година за месец на македонско-американското наследство.
Прокламацијата не ја прецизирала етничка припадност на Македонците?
Тој побарал средба за да се најде решение за „заштита на наследството на македонско-бугарската заедница во Мичиген, оти, како што напишал, растела загриженоста дека прокламацијата ќе се искористи „за унапредување на себичните цели на северномакедонските националисти, вклучително и за културно присвојување на наследството на бугарските Американци“, пишува ВОА на македонски јазик.
„Прво би го истакнал добро познатиот факт дека Македонија е географски регион, кој спаѓа во територијата на четири различни суверени држави, Бугарија, Грција, Албанија и Северна Македонија (поранешна југословенска република, независна од 1991 година). Терминот „македонски“ немаше и не може да носи никаква референца на конкретнa македонскa етничка група во годините пред 1944 година“, напиша Станков во писмото.
Станков вели дека тој и бугарската заедница во САД се загрижени оти прокламацијата навела дека над половина милион Американци со македонско потекло живеат во САД, без да ја прецизира нивната етничка припадност или периодот на пристигнување во САД. Според него, таквата „генерализација без извори ги храни културните обиди за присвојување на современите северномакедонски националисти“.
Тој во писмото објаснува и дека по „комунистичкото преземање на Југославија по 1944 година, комунистичката власт насилно промовирала нова македонска етничката припадност со цел да се обезбеди социјална и политичка кохезија. Дел од населението го прифати овој идентитет“.
Во прокламацијата минатиот месец Витмер напиша дека е важно да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци, кои придонесуваат за американската култура преку „бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и бројни други области“.
Прокламацијата повеќе не може да се најде на веб-страницата на гувернерката Витмер.
ОМД бара интервенција од ФБИ
Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чија иницијатива беше донесена прокламацијата, рече дека ќе бара заштита од ФБИ поради притисокот од бугарската влада.
„Денес поднесов жалба до ФБИ за транснационална репресија против бугарскиот генерален конзул во Чикаго Светослав Станков. Тој ме напаѓа лично мене и другите членови на Обединетата македонска дијаспора врз основа на нашиот етнички идентитет, вклучително и вербални напади врз луѓе на македонски настани. Ова е тактика на бугарскиот режим да ги замолчи Македонците во странство, особено во САД, и ние нема да го дозволиме тоа“, изјави за ВОА на македонски коосновачот и волонтерски претседател на ОМД Методија А. Колоски.
Освен во Мичиген, септември 2023 година беше прогласен за месец на македонската култура и во сојузната држава Илиноис, како и во градот Чикаго.
Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс, пак, го прогласи 16 септември за ден на македонското наследство.
На почетокот на август годинава, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон, претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.
Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Дете загина во торнадо во Мичиген,…
2-годишно момче загина, а неговата мајка е…
Мичиген ја укина прокламацијата за славење на…
Гувернерката на американската сојузна држава Мичиген, Гречен Витмер, ја…
Мичиген го прогласи септември за месец на…
Гувернерката на Мичиген Гречен Витмер го прогласи…
Епископ Партениј: Државата и јазикот ни се…
Пишува Епископ Антаниски Партениј,Игумен на Свештената Бигорска…
(Видео) „Добро утро, добар ден, денот да…
Инзвонредниот талент кој ја негува македонската традиционална…