Модата како бренд(5.1) – Обединетите бои на светот

t

Бренд создаден со импресивна кампања наречена ‘‘United Color of Benetton‘‘ – ‘‘Обединетите бои на Бенетон‘‘. Таа кампања, е една од ретките која перманентно се одвива и безмалку е трајна. ‘‘United Color of Benetton‘‘многу често драстично не провоцира со своите кампањи за мирот, расизмот и екологијата, но и успешно не поттикнува да размислуваме и да преземеме дејства за зачувување на мирот, спречување на расизмот и заштита на околината. Инаку, брендот продуцира колекции за женска, машка и детска облека. Нуди тотален look за секој ден, за работа, разонода, и за излегување во град и прошетка во природа. Бенетон е компанија од Италија присутна во 120 земји, а своите артикли гипродава во околу 5000 продавници.

Преку своите продавници годишно продава 115 милиони модни парчиња и остварува 1,7 милијарди евра приход во годината. Како што спомнав, позната е по тоа што слоганот од нејзината прва кампања “Обедниети бои на Бенетон“, всушност стана нејзин заштитен знак, лого-име на брендот. Тоа е единствен случај во светот. Произведува и продава производи под брендовите Benetton, Play Life, Sisley и Killer Loop. Благодарение на посебните специфични промотивни кампањи оваа модна куќа создаде многу високо ниво на свест за брендот Бенетон. Инаку овој бренд е познат по свежината и силината на боите на бенетон артиклите, без разлика дали станува збор за џемпер, маица, кошула или фармерки/панталони. Има свој истражувачки, информатички икултурен центар наречен “Фабрика“, во кој оспособува и специјализира млади талентирани дизајнери, графичари, фотографи, филмски и и музички работници од целиот свет.

Заштитен знак на Бенетон се контроверзните кампањи во стилот гол сопственик со лист од смоква, бакнежна свештеник и чесна сестра, бело новороденче на гради на црнкиња, претставување на внатрешни човечки органи, сликање на осуденици на смрт во САД и слично. Без исклучок сите промотивни кампањи на Бенетон предизвикуваат внимание, а најголем број од нив се и успешни. Дека се провокативни, сите се согласуваат. Голем број за нив велат дека се и контроверзни, а не е мал бројот и на тие што кампањите на Бенетон ги сместуваат во рубриката скандалозни.

Исто така, брендот е препознатлив и по добрата архитектура на своите фабрики и по нивниот препознатлив дизајн. За се во врска со Бенетон најзаслужни се три имиња: Лучијано Бенетон, идејниот творец на концептот Бенетон. Оливиеро Тоскани, пакосното момче на рекламниот бизнис и вистински гуру на маркетингот, и Тобио Скарпи, главниот за архитектура, дизајн и стил. Смислата за маркетиншка провокација на оваа креативна тројка е надвор од секакви лимити. Нивното настојување да привлечат внимание, да лансираат необични и неочекувани модни детали, да предизвикаат ‘‘buzz‘‘, да провоцираат, со тек на времето ја трансформираа во ненадмината креативна деловна стратегија, Бенетон стратегија.

Најголемиот ‘‘вниновник‘‘ за авангардната бренд филозофија на Бенетон е генијалниот Тоскани. Тој е оригинален во начинот на рекламирање и интерпретирање на рекламната уметност. Делата на Тоскани, со логото ‘‘Обединети бои на Бенетон‘‘ се светска авангарда во областа на бренд кампањи. Бенетон е и општествено одговорен бренд кој спроведува кампањи од типот на ‘‘Испразнете ги своите ормари‘‘ (обезбедени 460 тони облека за сиромашните) и кампањата ‘‘World Food Programa‘‘ со која се обезбеди милиони тони храна за сиромашните, гладните, протераните и бездомниците. Еден од ретките светски брендови кој обезбедува супер оптимални работни услови за сите вработени, а синдикатите ги третира како рамноправни партнери во заедничкиот бизнис.

Кога пишував за бренд идеи, Бенетон го претставив како посебна бренд идеја. Бренд идејата на овој бренд е една од малкуте навистина автентични и оригинални идеи. Тоа е бојата. Бенетон е бренд на боите. Толку едноставна идеја – брилијантна. Бенетон е бренд за сите. Бенетон едноставно го разубавува денот. Бенетон е уживање во убавината на боите и задоволство предизвикано од хармонија. Бенетон е хармоничен израз на боите, бренд кој со уникатниот слоган ‘‘United Colors of Benetton‘‘ изразува идеја за идеалистичка визија на светот. Боите се основните вредности на Бенетон. Го инспирираат создавањето на брендот и даваат посебно обележје на комуникациските активности на брендот.

Овој бренд има многу силен концепт на карма. Неговата карма се рефлектира во се што компанијата работи, но и во тоа што одлучува да не работи. А претходно нагласив дека овој бренд спроведува многу хуманитарни акции, активен учесник е во разрешување на горливи социјални проблеми, а познат е и како голем борец за заштита на животната средина, и уште поголем борец против расизмот и неправдата. Тука само можеме да констатираме дека нема подобро место за почеток од фундаменталните и суштински вредности, на чии основи всушност и се темели овој бренд. Токму затоа, после Левис, е и најкопираниот бренд. Голем е бројот на тие што пробуваат да го копираат Бенетон. Токму тоа и го прават многу плагијатори.

Но никој до сега не успеал да го превземе или наруши значењето на овој бренд. Тоа е основниот квалитет на Бенетон. Неговите атрибути се толку супериорни што го разликуваат од конкуренцијата. Поточно тие се толку посебни и различни од другите, што токму поради тоа овој бренд е префериран од одредени сегменти потрошувачи. А токму атрибутите се поврзани со идејата на брендот, која бара постојана активност и актуелност на атрибутите. Во случајот на Бенетон тоа се боите и очекувањето секогаш тој да биде иновативен во дизајнот и во спектарот на бои.

Овој бренд навистина има многу јак и впечатлив идентитет. Тоа е и неговиот најголем квалитет. Кога купувате бенетон артикл, вие не купувате само обична претставa, туку и идентитет заснован на напреднаведените вредности. Во таа смисла Бенетон е изненадувачки, провокативен, со елементи на контроверзност, социјален и за млади. Бренд со посебност и персоналитет. Како таков тој е воодушевувачки, жив, духовит, забавен, агресивен, независен, млад, артистички, имагинативен, современ, и секако многу cool. Бенетон многу често не провоцира, со единствена цел да не натера да размислуваме за неправдите во светот. Прекрасна дистинктивна идеја, што создава односи засновани на вредности, кои предизвикуваат чувства и овозможуваат доживувања, проткаени со задоволства. А кога ги гледаш бенетон кампањите, за миг помислуваш дека светот навистина е обединет, и луѓето во него се слободни и среќни.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

САД очекуваат два брана напади врз Израел

Американските разузнавачи очекуваат сценарио кое вклучува два…

Грција заплени кокаин вреден милион евра скриен…

Грчките власти заплениле кокаин вреден повеќе од…

Приведено лице од прилепско поради предизвикување пожар

На 05.08.2024 во с.Штавица, прилепско, полициски службеници…

НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ: 8 години…

Скопје денеска одбележува осум години од невремето…

Биткоинот со најголем пад за еден ден…

Пазарите на криптовалути се „олеснија“ за 270…