Моралот и економскиот развој: Единствено преку ресетирање на системот на вредности е можен општествен и економски развој
Моралот и економскиот развој
Една од мноштвото дефиниции на моралот го дефинира истиот како општествена појава која е определена со збир на правила и норми, практики, идентитети и институции со кои што се регулира однесувањето на членовите на едно општество, меѓутоа морал ги определува и навиките за однесувањето. Преку моралните норми се настојува да се потиснат личните интереси и да се создадат услови за развој на општеството врз база на принципите на соработка и солидарност.
Како резултат на општествена интеракција, моралните норми влијаат на формирањето на личноста и карактерот на поединецот во општеството, ја насочуваат неговата мотивација за дејствување и влијаат на начинот на кој што поединецот се вреднува себе си и останатите во општеството.
Основната карактеристика на моралните норми е нивната задолжителност, како за општеството, така и за поединецот. На тој начин доминантните морални норми влијаат и на целокупното општество.
Со оглед дека економијата како наука ја проучува употребата на ресурсите во задоволувањето на потребите на луѓето, а човечкиот фактор е исто така еден од главните ресурси и двигатели на економскиот развој, постојат мноштво теории кои што ја испитуваат релацијата помеѓу економскиот раст и морални вредности.
Како резултат на овие проучувања се развива посебна научна дисциплина наречена „моралната економија“која ја анализира и моралната, а не само материјалната димензија на економските активности.
Во книгата „Морална економија“ објавена во 1998 година, Џон П. Пауелсон пишува: „Во морална економија, со денешната технологија никој не треба да биде сиромашен… моралната економија обезбедува да се користат придобивките на технологијата и истата се грижи за екологијата, елиминирање на етничката и родова пристрасност и нееднаквата распределба на богатството… во моралната економија, владите се јавуваат како олеснувач на процесите, а многу ретко како некој кој што наложува. Морална економија подразбира рамнотежа помеѓу интервенционизмот и либертаријанизмот, помеѓу економските фактори и етичките норми во име на социјалната правда.“
Според Пауелсон, моралната економија и економскиот просперитет меѓусебно се зајакнуваат.
Иако акумулацијата на капиталот и развиеноста на пазарите се главни детерминанти на економскиот просперитет на нациите, постои јасна право пропорционална врска на моралните норми и изградениот систем на вредности со просперитетот на нациите.
Токму протестантска деловна етика е во основата на градењето на просперитетнителиберални економии и ефикасните институции во западните англосаксонски земји. Слични се примерите со азиските економии Јапонија, Кина и Сингапур, каде што покрај останатите фактори, токму моралните норми и општествениот системот на вредности директно влијаеа на економскиот развој и креирањето на просперитетни економии.
Како да се изгради морална економија којашто базира на високи етички и морални стандарди?
Градење на моралот на поединецот и индивидуален етички кодекс е основа за создавање на морална економија. Пред се на оние што креираат политики, управуваат со институциите и општествените процеси.
Она што ни се случуваше во децениите на „општествена и економска транзиција“ , со која се напушти дотогашниот систем, ги промовираше вредностите на лага, присвојување на државниот имот, злоупотребата на државните ресурси и корупцијата како критериум акумулирање на капитал.
Овие процеси беа менаџирани токму од оние што го пропагираа и застапуваа марксистичкиот поглед на општествено уредување, самоуправен социјализам и еднаквост за сите. За краток временски период општествен капитал со книговодствена вредност од 11 милијарди долари (иако со неколкукратно поголема пазарна вредност), за скромен износ од околу нешто повеќе од стотина милиони евра беше присвоен од поединци и се создаде ткн. олигархија блиска до номенклатурата од поранешниот систем. Овој процес за македонската држава и економија го преставуваше првобитниот грев кој што за неполна година создаде350 илјади социјални случаи и направи трајна дисторзија на општествените односи и истиот ја уништи средната класа како основен двигател на општествениот и економскиот развој и ги промовираше грабежот, негативната селекција и полтронството како врвна општествена вредност. Тоа е точката од која што почна тонењето на општеството, на економијата, институциите, на здравството и образованието, за да денес сведочиме дека тие системи базирани на ново наметнатите вредности не доведоа во ситуација да имаме највисока стапка на смртност во Европа за време на пандемијата, да имаме универзитети рангирани на 1944 место на Шангајска листа, да имаме нефункционални и корумпирани институции, како и да бидат избркаат од земјата стотици илјади граѓани како економски мигранти, не сакајќи да бидат експлоатирани за минимални плати.
Довчерашните „другари“, преку ноќ станаа најсурови експлоататори,уценувачи кои што под закани на бркање од работа бескрупулозно грабеа кон правењето на мнозински пакети во ново трансформираните акционерски друштва, од кој што најголемиот дел подоцна пропаднаа. Тоа беа истите ликови што само неколку години претходно преку системот на Работнички совети беа поставувани за директори од истите тие кои што подоцна ги уценуваа. Паралелно се создаде судски обвинителски систем на послушници кои што требаше да го легитимира и заштити она што беше присвоено. Овој систем на послушништво, полтронизам и негативна селекција станаа доминантна вредност за „успех во општествената хиерархија“ и истиот е доминантен се до денес.
Така поставениот системот на искривени морални вредности, беше само прашање на време кога ќе почне да атрофира. Затоа и не треба да не чуди перцепцијата на граѓаните на Македонија како за најкорумпирана земја во светот, минималната доверба во институциите на системот, слабите економски резултати и нискиот животен стандард, широко распространетата корупција и криминал во општеството, како и општата апатија и масовното иселување на младите.
Агитпроповските пораки и креирањето на виртуелна реалност кои што секојдневно ги слушаме од властодршците и нивните експоненти за успешните економски политики и историски нивоа на минимална плата, не можат да ја покријат фактичката состојба на историски највисоко ниво на јавен долг од 61% со тенденција истиот да се зголеми до 65% во наредните две години, историски највисокото темпо на задолжување, опаднатиот животен стандард на населението, како и празните полици кој што не вратија во периодот на 80 години од минатиот век на само неколку години пред распадот на поранешната држава, кога беше воведен купонски систем.
Реалноста која што денес ја живееме е само потврда на теоретските концепти на морална економија, кои покажуваат дека единствено преку ресетирањето на системот на вредности и градење на општество базирано на морал, можен е општествен и економски развој.Во спротивно ќе продолжи општественото и економското тонење кое што сите го сведочиме.Се што е криво насадено не може да даде добар плод. Овие историски времиња на големи превирање некогаш можат да претставуваат и можност за нов почеток, се разбира доколку сакаме да се однесуваме согласно вистинските морални вредности, засновани на принципот на општествена соработка и солидарност.
Др. Кирил Миноски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Украина распиша потерница по рускиот патријарх Кирил
Министерството за внатрешни работи на Украина објави…
Патријархот на РПЦ Кирил „Злото“ ѝ се…
Не може да има „пасивен став“ кога…