Муцунски: Влијателни членки на ЕУ иницираа средба меѓу мене и Георгиев, но бугарската страна не одговори позитивно

t

Во текот на минатиот месец имаше сериозни иницијативи од неколку земји членки на Европската Унија за организирање средба помеѓу мене и мојот колега од Бугарија, Георг Георгиев, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Иницијативите за средба, како што рече тој во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител телевизија, дошле од „поголемите и повлијателните“ членки на ЕУ.

Сепак, Муцунски вели дека од страна на соседна Бугарија немало позитивен одговор.

Овие денови, вели Муцунски, од Брисел повторно стигнале иницијативи за средба, а македонската Влада одговорила дека стои на располагање.

„Кога ја добивме таа понуда како Влада бевме прашани да предложиме неколку датуми. Рековме не, определете го датумот нашата делегација ќе биде присутна на такви разговори. За жал од страна на соседна Софија немаше позитивен фидбек. Тоа што би можел да го кажам е дека и деновиве повторно од Брисел има иницијатива за организирање на средба. И повторно ќе кажам ние сме на располагање“, рече Муцунски во вечерашното телевизиско интервју.

Тој вели дека кога другата страна ќе биде подготвена треба да се разменат аргументите и да ги „кажеме нашите објективни грижи“.

„Нашиот страв, дека повторно и да се донесат уставните измени, нашата држава ќе биде ставена во иста позиција заради прашања поврзани со идентитет, историја и јазик. Да ги кажеме нашите грижи за непримената на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на соседна Бугарија. Да дискутираме отворено како соседи кои во последните неколку месеци покажаа на пример по прашањето на коридорот 8 дека можеме да постигнеме успех доколку сакаме. Значи за решение се потребни двајца, за решение е потребна добра верба и за решение е потребно да дискутираме во духот на европските вредности“, рече Муцунски.

Според Муцунски, нашата Влада е подготвена и денес и утре и кој било ден да има таква дискусија независно кој ќе биде резултатот од изборите во Софија. Муцунски смета дека веднаш по нас, земја со најголем интерес државата да оди напред кон полноправно членство во ЕУ е нашиот сосед кој е членка на ЕУ.

„Најмногу може да добие од наше полноправно членство токму соседна Бугарија и соседна Грција. И затоа би сакале тие да бидат нашите најголеми поддржувачи во европскиот пат“, кажа Муцунски.

Прашан дали земјата има некои покреативни решенија за односот со Бугарија, како што пред извесно време претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, говореше дека треба да се најдат, Муцунски рече дека кога се разговара со земјите членки на ЕУ секогаш има обид да се најде некое решение.

Тој не сакаше да сподели со јавноста некои од идеите бидејќи, како што рече, во истиот момент ќе бидат отфрлени од другата страна.

„Но, постојат повеќе идеи“, рече тој.

Министерот повтори дека за нас клучни се неколку фундаментални прашања за кои рече дека и тој и цела Влада сметаат дека се европски принципи.

„Во рамките на тие европски вредности доколку има добра волја може да се најде решение. За жал можеби и заради периодот, Бугарија е во еден изборен процес, видовме една некоректна, за малку ќе искористев и поостар збор, но ете да не им дадеме оружје во Софија сега во кампањата да не користат, видовме некоректен пристап кон акцискиот план за малцинства“, додаде тој.

Муцунски рече и дека државата треба да се фокусира на домашните реформи, да го европеизира општеството, да се фокусира на исполнување на нашите меѓународни обврски и истовремено да биде проактивен чинител кон изнаоѓање на решение.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Муцунски: Влијателни членки на ЕУ иницираа средба…

Во текот на минатиот месец имаше сериозни…

Протекоа 149 милиони лозинки – Вашите Gmail,…

Огромна база на податоци со најави за…

Црвен Аларм! Две медицински сестри заразени со…

Индиските здравствени власти прогласија вонредна ситуација во…

Унгарија најави тужба против Брисел поради забраната…

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто,…

Руте: Украина ја очекува најтешката зима

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес…