Навикнувајте се на ладно: Цената на огревното дрво може да достигне и до 4000 денари за кубен метар!
Интересот за огревно дрво преку „Национални шуми“ е во постојан раст, но и оваа година е планирана иста сеча како минатата.
За еден кубен метар дабово дрво треба да се издвојат 4.000 денари, а за буково 3.900 денари, со вклучен превоз. Ова е цената што ни ја кажаа во дел од скопските складови за огревно дрво. Купувачи, иако е лето, има. Дури потрошувачите со кои разговаравме, велат дека ова е вистински период за набавка на огревното дрво за добро да се исуши и добро да гори во зима. Исто така, како што велат купувачите, во лето дрвата обично се поевтини, но тие коментираат дека сегашните цени се повисоки од лани сред сезона.
– И минатата година не беше евтино, буката стигна до 3.700, а дабот до 3.800 денари, но сега е уште поскапо. Ние за да ја загрееме семејната куќа за оваа сезона купивме 10 кубни метри. Тоа значи дека одеднаш дадовме 40.000 денари. Тоа е голем проблем за едно семејство одеднаш да обезбеди толку пари.
Од „Национални шуми“ за „Слободен печат“ велат дека интересот секоја година е поголем.
– Интересот за огревно дрво од страна на нашите складишта е во постојан раст, со оглед на тоа што цената за кубен метар е пониска во однос на другите складови. Сметаме дека и одреден број домаќинства што користеле друг енергент за загревање, на пример струја, чија цена е во постојан раст, се ориентирале кон огревното дрво – велат од „Национални шуми“.
Сепак, оттаму велат и дека планираната сеча за оваа година е иста како и во претходните години.
– Планираното производство на ЈП „Национални шуми“ за тековната 2022 година е во согласност со програмата, која е изработена според Посебните планови за стопанисување со шумите и претставува збир од поединечните предлог-програми на 30-те подружници во состав на јавното претпријатие. Програмата за работа е изработена со примена на техничките норми и нормативи во шумарството, како и во склад со реалните можности, технички капацитети и човечки ресурси во секоја подружница. Во Програмата за работа за секоја година се детерминираат конкретни задачи, кои треба се остварат во текот на годината, имајќи го предвид остварувањето на главната општествена задача и основна цел во работењето на ЈП, а тоа е заштита и одгледување на шумите, како добро од општ интерес – велат од „Национални шуми“.
За 2022 година „Национални шуми“ планира да произведе 715.889 кубни метри дрвна маса, од кои 515.336 огревно дрво.
Извор: Слободен печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Приведено лице од Чучер Сандево, пронајдени две…
На 10.09.2023 во 18.40 часот кај место…