Народни херои на Македонија(2.) Херојството од НОБ – ѕвезден миг во судбината на Македонија
Денес пишувам за Народните Херои на Македонија и нивниот хероизам.
Да се пишува за хероизмот тоа е нешто далеку поинаку, многу посложено и потешко, од било што и да е друго во животот. Хероизмот најчесто е една голема смрт. Смрт која значи живот. Во случајот на Македонија, тоа е слобода и живот, платени со пролеана крв и положени млади животи. Но, со нив, со Народните Херои на Македонија ние сме поголеми од самите себе колку за едно траење помножено со сета синевина на небесната шир. Нивните дадени животи се одблесок како факели среде привиден безизлез. Факели кои говорат дека за вистината, за правдата, за слободата, безизлезнема.
Херојството е во чинот. Чинот на жртвување. Но, херојството е и во свеста за него. Тоа е морална категорија. Морален чин. Висок изблик на тој чин. Моралот е тука се. И целовитоста на човекот. Човекот херој. Такви херои, кои верувале во ѕвезден миг, во Народноослободителната војна, одважно оделе кон смртта и не се плашеле. Јуришале против фашистичкиот окупатор(германски, бугарски, италијански), се бореле со него и храбро гинеле.
Такви беа Перо Георгиев – Чичо, Боро Менков, Бајрам Шабани и други знајни и незнајни борци и партизани, кои во 1941 година меѓу првите загинале во борбите со бугарскиот окупатор во Куманово и Кумновско. По нив долги сончеви стапки кон слободата направија Орце Николов, Борка Талески – Модерното, Таки Даскалот, Елпида Караманди, Цветан Димов, Васил Антевски – Дрен, Мите Богоевски, Стефан Наумов – Стив, Невена Георгиева – Дуња и други, кои во 1942г. ги положија своите животи.
Во наредната година за човечки правдини паднаа Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Раде Јовчевски – Корчагин, Илија Антевски – Смок, Ванчо Прке…Загинаа за правдини што еднаш мораа да дојдат, што едноставно не можеа, а да не дојдат. Правдини и слобода “Над полиња и над гори, над планини и над реки, над мојата Татковина…“, како што пророкуваше народниот поет Коста Рацин.
И тие жртви и загуби не беа доволни, па во 1944г. Македонија ги изгуби и Христијан Тодоровски – Карпош, Кузман Јосифовски – Питу, Вера Циривири – Трена, Славчо Стојменски, Благој Јанков – Мучето…и околу 24 000, знајни и незнакни чеда на македонија. Но, тие не паднаа залудно, бидејќи нивните соборци, набргу по нивната смрт, ја извојуваа слободата. Затоа тие, заедно со соборците, живи и загинати, знајни и незнајни, се оние подобрите, најсветлите од тој крвав, ама победнички бој. Победоносен бој извојуван од тој нов револуционерен бран, од таа револуционерна млада генерација.
Сите тие беа новата плејада имиња под знамето на Гоце Делчев и Илинденците. Млади ластари кои:Се напојуваа од Питу Гули, дружината и нивната бесмртност, која е сеуште жива на Мечкин Камен; Сите до еден профили на една расудочна храброст, инспирирани од разумот на револуционерна Македонија – Ѓорче Петров;Вдахновена од упорноста на “Пиринскиот цар“ – Јане Сандански;Поведени од цврстината и одлучноста на бунтовникот против “Господата и Отоманската империја“ – Даме Груев;Соочени со совеста на револуционерна Македонија – Пере Тошев; и охрабрени од визионерот на Вториот Илинден – Димо Хаџи Димов. Сите тие го знаеја чинот на Ножот и саможртвата на војводат Христо Узунов. И секако, беа и се наследници на Орцето Попјорданов, младичот, водач на солунските атентатори, тој одважен син на мајка Македонија, кој во една револуционерна пролет на Деветстотини и третата, ја стреси цела Европа, со својата и на другарите атентатори, дрскост, храброст и бесповратна саможртва.
Тие со личен пример покажаа дека низ борбата се открива нов секогаш недоволно согледан свет околу себе и самиот себе во мигот, во утрешнината, во иднината. Тој нов свет е денешниот во кој ние живееме и ја славиме слободата што тие ни ја донесоа, го чествуваме нивното херојско дело и им се поклонуваме. Од нив сме заветувани да го чуваме тоа револуционерно азно и непроценливо борбено и слободарско наследство – Слобода и Државност.
Овие Народни Херои своите животи и умирања ги поистоветија со една историја. Херојска историја. Македонска историја, преполна со херојства, во миговите кога таа борба не можеше да биде премолчена. Ниту пак негирана. Тоа беа хероите, званично прогласени, но и званично непрогласени – во едно херојско време на македонскиот народ.
И денес, не смееме ништо од ова да премолчуваме.
Знаеме, ама и другите да знат: само молчењето е срамно! А негирањето на овие големи жртви и загубени млади животи, е апсурдно, мизерно и бедно.
Затоа, на народните херои, славата да им биде вечна!
А нам – нивната поука, пример и порака!
Хероизмот на Народните Херои го паметиме вечно.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кривични пријави за тројца од Подградец кои…
Албанската полиција поднела кривични пријави против тројца…
(Видео) Гори кај Богданци, се слушаат детонации…
На социјалната мрежа Х се појавија видеа…
Вучиќ: Курти се обидува да предизвика војна
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ обвини дека…
Таравари постави за директорка докторка која има…
Докторката Севдије Коџа добила решение од министерот за здравство Арбен…
(Видео) Меџити: Иван Стоилковиќ не е важен…
Иван Стоилковиќ не е важен и не…