Објавено на:

Најнова вест: ЕУ договори ембарго на руската нафта!

t

Лидерите на 27-те земји членки на ЕУ доцна синоќа постигнаа политички договор синоќа за ембарго од околу 90 отсто врз руската нафта, Унгарија го доби исклучокот што го бараше, јави дописничката на МИА од Брисел.

И покрај песимизмот во одредени кругови во ЕУ, лидерите сепак изнајдоа начелен политички договор за руската нафта. До крајот на годината сировата нафта и нафтените производи од Русија ќе подлежат на ембарго, освен во случај на испораката на нафтоводот Дружба кон југот, објаснија претседателите Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен на прес-конференција по првиот ден од вонредниот лидерски самит.

Целата нафта што се пренесува преку море ќе подлежи на ембарго, како и делот од нафтата што се пренесува преку нафтоводот Дружба кон северните земји, односно Полска и Германија. Нафтата пак што Дружба ја носи кон јужните земји, Унгарија и Словачка пред сѐ, ќе биде изземена согласно политичкиот договор склучен денеска на лидерско ниво.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во среда овој договор ќе го преточат во законски текст, најави претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел. Изземањето на земјите без излез на море е исто така привремено, потенцираше Мишел.

– До крајот на годината 90 отсто од руската нафта ќе биде забранета, а ќе се навратиме што поскоро на привремениот исклучок, рече Мишел.

Идејата е на земјите без излез на море да им се даде време да ги адаптираат своите инфраструктури за да можат да увезуваат друг вид на нафта од руската и од нафтоводот Дружба.

– Десетте отсто што остануваат се јужниот дел на Дружба и се договоривме да се навратиме на ова што поскоро на еден или друг начин, ќе се навратиме, ова е голем чекор напред, веќе се ослободивме од јагленот, сега имаме договор за одвикнување од нафтата со јасен временски рок, рече претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа објасни и дека Хрватска се нуди да и помогне на Унгарија во транзицијата од Дружба кон јадранскиот нафтовод.

– Има јадрански нафтовод чиј капацитет може да се зголеми како што објасни хрватскиот премиер, и навремено да испорача нафта во Унгарија, временскиот рок потребен за да се зголеми капацитетот е 45 до 60 дена, потребни се неколку инвестиции, исто така рафинериите во земјите без излез на море ќе треба да се прилагодат бидејќи квалитетот на руската нафта различен од јадранската нафта, рече фон дер Лајен.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан исто така бараше гаранции во случај на оштетување на нафтоводот Дружба, што поминува низ Украина, дека ќе му биде дозволено да продолжи да добива руска нафта.

– Ова е фер за европските граѓани, ја земаме предвид безбедноста на набавка на енергија, затоа и толку е тешко, на овој начин ќе биде помалку болно, помалку ризично, помалку тешко, рече Мишел, додавајќи дека овој исклучок не се однесува само на Унгарија туку на сите земји без излез на море.

Освен ембаргото врз нафтата, лидерите денеска се согласија да ја исклучат најголемата комерцијална руска банка, Сбербанк, од системот СВИФТ, да се забранат низа руски компании во ЕУ и да се забранат уште три руски државни медиуми.

Постигнат е и политички договор да и се обезбедат девет милијарди евра макрофинансиска помош на Украина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Украина: Русите ги повлекуваат своите сили од…

Русија ги повлече резервите од клучните области…

Русија: Преговорите со Украина нема да почнат…

Со терористичките активности во областа Курск, Украина…

Стејт департмент: САД немаат никаква улога во…

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател…

Зеленски: Украина контролира 74 населени места на…

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска изјави…

Русија тврди дека ја вратила контролата врз…

Русија тврди дека ја вратила контролата врз…