Најчевска: Јас би гласала НЕ за францускиот предлог
„Да сум пратеник јас денес би гласала НЕ за францускиот предлог ваков каков што е и со стапиците кои ги содржи а кои индицираат идни проблеми во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ“, пишува професорката Мирјана Најчевска на својот Твитер профил.
Според неа, во него можат да се направат измени кои би биле апсолутно прифатливи.
„И тие не се многу“, додава таа.
Пред пратениците во Собранието денеска ќе се најде францускиот предлог, а претходно на пленарна седница обраќање ќе има претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен ќе се обрати пред Собранието, во рамки на 80-тата пленарна седница, на која како што е најавено се поканети и претставници на дипломатскиот кор.
По завршување на седницата, Собранието ќе ја одржи и 81-та пленарна седница, на која пратениците ќе расправаат за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, исто така, ќе се обрати на 81-та седница на Собранието.