НА КОЕ ДЕРЕЏЕ СМЕ ДЕНЕС?!
На 20/7/2022, премиерот Ковачевски организирал прием, на кој се обратил: “Ви благодарам на сите за присуството вечерва, заедно да го прославиме ОФИЦИЈАЛНОТО ОТПОЧНУВАЊЕ НА ПРЕГОВОРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА СО УНИЈАТА“. И продолжил – “Тука се бројни чинители кои го дадоа несебично својот влог во процесот КОЈ КУЛМИНИРАШЕ ВО ВЧЕРАШНОТО ОТПОЧНУВАЊЕ НА ПРЕГОВОРИТЕ“.
Тоа ни го порачува премиерот, а еве што вели точката 1, на документот “Воведна изјава на ЕУ за отворање на пристапни преговори“, коешто го изговори Урсула фон дер Лаен – “По првата политичка Меѓувладина конференција … ми претставува задоволство денес да им посакам добредојде на почитуваните претставници на … Македонија за завршување НА ПРВАТА ФАЗА НА ОТВОРАЊЕ НА ПРИСТАПНИ ПРЕГОВОРИ на вашата земја со ЕУ“. Таа, јасно ни кажа дека ова не е никакво отпочнување преговори, туку само ФАЗА на отворање! Значи, тие не се ни отворени, камоли отпочнати.
За да нема недоразбирања, во точка 6, на документот на ЕУ – “Предлог – заклучоци на Советот“, којшто е исто така дел од “француската“ ујдурма, се вели – “Со цел да се заврши оваа ФАЗА НА ОТВОРАЊЕ НА ПРЕГОВОРИТЕ за пристапување (ЗНАЧИ НЕ СЕ ОТВОРЕНИ!), Советот, исто така, ОДЛУЧУВА ДА СВИКА ДРУГА МЕЃУВЛАДИНА КОНФЕРЕНЦИЈА СО ЦЕЛ ДА ЈА ПРЕТСТАВИ ‘ПРЕГОВРАЧКАТА РАМКА’ и подготвителните работи… и е подготвен да ја одржи истата, ВЕДНАШ ШТОМ МАКЕДОНИЈА ЌЕ СПРОВЕДЕ УСТАВНИ ПРОМЕНИ“.
Од документите на ЕУ, јасно се гледа дека ПРЕГОВОРИТЕ НЕ СЕ ОТПОЧНАТИ, туку е завршена само првата фаза на нивно отворање. КАКО МОЖАТ ДА ЗАПОЧНАТ ПРЕГОВОРИ, ако на следната меѓувладина конференција ќе биде претставена преговарачката рамка? Врз основа на што (ќе) се преговара?
Какви страшни манипулации со јавноста!
Точно е само дека е започнат процесот на отворање на преговорите, а слично беше најавено и во 2020 година! Се’ друго е безочна лага. Отпочнувањето е, пак, уценето со промена на нашиот Устав, коешто засега изгледа невозможно. За полесно да се разбере – кога во Собранието некој закон оди на расправа на комисиите, тоа е прва фаза на донесување која, меѓутоа, воопшто не значи дека тој ќе биде и усвоен. Се одлучува на пленарна седница на Собранието. Во изградба на пат, на пример, една од фазите е изработка на проектна документација. Во тој момент да кажеш дека започна изградбата на патот е тешка измама. Ист е случајот и со нашите преговори. Без промена на Уставот, нема почеток. Тоа е вистината која може да трае 5, 10… години, во зависност од 2/3 мнозинство. Најстрашен од се’ е фактот што до сега не блокираше Софија, ама отсега ќе се блокираме самите! Воопшто не е случајно што не доведоа до такво дереџе. Мудро е смислено. Проблемот на Унијата ни го префрлија – нам! Тоа е наша нова историска грешка.
Впрочем, зошто власта цело време не лажеше дека се работи за историски исчекор? Некој логично и со право праша – ако е така, зошто, тогаш, не се слави на плоштад?
Клучно е – а, зошто Вашингтон се одлучи на ваква комбинација? Зошто решија бугарската блокада да ја претворат во наше само уништување? Дали е целта да се докусури и уништи опозицијата, којашто очигледно не е спремна на капитулација во однос на националните прашања? Ако очекуваат дека народот ќе се сврти против неа, колосално се лажат. Сегашната власт, сигурно ќе ги загуби следните избори. Меѓутоа, фактот што опозицијата нема да дозволи промена на Уставот, ќе биде повод за невидена западна пропаганда, жесток притисок и тешки уцени и ултиматуми против неа. Не треба да се губи време и мора бргу да се направи пресврт, за да се одржат избори и да се обезбедат преку 60 пратеници. Условите за рушење на власта сега се повеќе од добри. Времето, меѓутоа, нема да работи за неа.
Втората цел, зошто самите ќе се блокираме, може да биде зајакнување на позицијата на албанскиот фактор, којшто е американски Тројански коњ. Експонирањето на опозицијата против промената на Уставот, уште подлабоко ќе ги подели Македонците и ДУИ, многу понагласено, ќе решава за се’.
Според третиот аспект, подлабоките поделби меѓу Македонците, и зајакнувањето на улогата на Албанците, ќе отворат драгоцен простор за Бугарите, да ги исполнат нивните максималистички барања. Заради внатрешните проблеми, позицијата на Македонија дневно ќе слабее.
Ако е така, а така е, зошто ова самоубиство го прифатија нашите неуки политичари? Зошто? По состанок на Советот за безбедност, Пендаровски се согласи со “францускиот“ предлог. Потоа, за грчкиот весник “Етнос“, рече дека не верува дека ќе има 2/3 мнозинство за промена на Уставот!? Човекот е политичар, или сеирџија? Знае ли тој што прави и за кого?
Некој точно напиша дека клучот за влез на Македонија во ЕУ, Брисел и го даде на Софија. Тоа е сигурен доказ дека горните размисли не се извадени од ракав. Политиките на Софија за македонскиот јазикот, идентитет, историја… се познати. Во новите услови, тие ќе можат да прават речиси се’ што сакаат. Ние нема да имаме никаков избор и, ако не ги прифаќаме нивите диктати и уцени, никогаш нема да влеземе во Унијата. Тој, за нас крвав процес, ќе трае најмалку две уништувачки децении. Во тој период, притиснати од Вашингтон, Брисел, Софија и Атина, а зад нив и од Париз, Берлин…, ќе бидеме многу послаби од денес. Најтешките проблеми ќе ги имаме со домашните Албанци, кои постојано ќе бидат на далечинскиот управувач на САД и отворено ќе навиваат за Бугарија. Како што Османи прави и денес.
Бугарија не остава никакви дилеми околу спремноста да ги уништи нашиот јазик и идентитет. Во процесот на преговори, ако и кога ќе се отворат, тие ќе имаат можност да ни ги оспоруваат низ добар дел од 35-те поглавја. Вашингтон и Брисел, коишто целосно ги поддржуваат, тоа и го очекуваат. Софија ќе направи се’ тоа да биде – “официјален јазик на Република Македонија“ или, во најлош случај за нив – “според Уставот…“. И двете решенија се катастрофални за нас. И, што мислите, Софија ќе прифати ниту едно од нив да не помине? Да не се лажеме. Дури и целата ЕУ да биде против, тоа нема да се случи. На крајот, парламентите на сите членки го ратификуваат влезот на нова држава. Ако Софија не успее да нема македонски јазик во Унијата, или целосно, или според Уставот, едноставно, НЕМА ДА ГО РАТИФИКУВА НАШЕТО ЧЛЕНСТВО. Нашиот случај ќе биде – многу врева за ништо, како што одамна напишал Шекспир.
Борбата за македонскиот јазик во ЕУ, е само навестена. Таа започнува со преговорите, и ќе биде жестока за нас. Засега, ништо не е решено. Изјавите на Фон дер Лаен се само наше јавно замајување, и ништо повеќе. Тие не сакаа да се мешаат во проблемот, а ние им дозволивме. Сосема намерно, не оставија на немилост на Софија. Иако до сега немаше никаква основа да ни го игнорираат народот и јазикот, Брисел тоа одамна го правеше, а ние предавнички молчевме. За нив немаше македонски народ, јазик… Сега доаѓа финалето.
“Францускиот“ предлог не остава никаква дилема дека замислата на Вашингтон и Брисел е понатамошната судбина на Македонците да се решава преку историската комисија со Бугарија. Тоа е јасно прецизирано во рамката и другите документи на Унијата, вклучувајќи го и протоколот од Вториот состанок на заедничката меѓувладина македонско – бугарска комисија. Тој документ, заедно со катастрофалната официјална изјава за македонскиот јазик, којашто сигурно на Османи му е дадена во Софија, се целосно по терк на договорот од Нивици, што беше и главата цел на Бугарија. Софија не сакаше да остане подолу од предавничките концесии коишто ги доби Атина, и успеа во тоа.
Сега, под итно треба да се види составот на комисијата. Прво, по кој критериум ги избраа МНР и Б. Османи? Мора да се објават нивните потесни специјалности и истите да се споредат со темите кои се, или ќе бидат, разгледувани. Да се оцени нивната квалифицираност за членство или, уште подобро, веднаш да се изберат нови членови и тоа од страна на историската фела. Тие се најмеродавни да ги одберат најдобрите меѓу себе, коишто аргументирано ќе се борат за македонските интереси. Мора да се вклучат и лингвисти. Комисијата треба да отвори и јавна дебата за прашањата за кои ќе одлучува. Треба да се организираат тркалезни маси на историчари и лингвисти, со учество и на странци. Не смее да се брза, иако нашите аматери се согласија на тоа.
Катастрофална грешна е што се прифати комисијата да се состанува 8 до 10 пати годишно. Во последниве три години имаше 13 средби од кои неколку беа непотребно силувани од страна на Петков. Тоа ќе не обврзува. Времето сигурно ќе покаже дека тоа не е реално, ама Софија ќе игра на таа карта и ќе ги кочи преговорите, ако започнат. Комисијата мора да работи на долгорочна основа, а не според туѓи политички интереси. Во 2007 година, Русија и Кина потпишаа договор за границата од 4.300 километри. Преговорите траеја 40 години.
Бугарската блокада не е повлечена туку е само развлечена, напиша некој. Најстрашно е што таа сега ни е префрлена нам, иако Софија повторно ќе контролира се’. Нашето само блокирање, е потврда дека целта на ЕУ и на САД е Македонија никогаш да не влезе во Унијата. Горе долу, истото важи и за другите пет држави од Балканот.
Пишува: Ристо Никовски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче: Наместо економски бум, Македонија тресна на…
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва укажа…
Украина дозволи двојно државјанство за справување со…
Парламентот на Украина денес усвои нов закон…
Евакуирани дел од американските дипломати во Израел
Двајца американски претставници велат дека владин авион…
Филипче: Скопје е затрупано со ѓубре, Мицкоски…
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се обрати…
Утре ќе има боево гаѓање кај делчевското…
Поради боево гаѓање со огнено оружје, утре…