На пописот во 1942 година Албанците не им дозволувале на Македонците да се запишат како Македонци, туку како Срби или Бугари!

t

Пишува: Блаже Миневски за Нова Македонија

Во 1942 година, при пребројувањето на населението во западна Македонија, Албанците не им дозволувале на Македонците да се запишат како Македонци туку како Срби или Бугари. Според проф. д-р Ѓорѓи Малковски од Институтот за национална историја во Скопје, кој го истражувал дејствувањето на балистичката организација во Македонија од 1941 до 1944 година, многу топоними во западниот дел на Македонија добиле албанска форма. Во насока на тенденцијата за целосна албанизација и создавање етнички чиста територија, на улица и дома, морало да се зборува само на албански јазик, а биле организирани и курсеви за присилно изучување на албанскиот јазик. Освен тоа, со посебна наредба на окупаторската власт, сите натписи на трговските и угостителските дуќани морало да се напишат на албански јазик. Називите на улиците биле одбележани со албански имиња.

Исто така, со посебна наредба, целокупната администрација на територијата под нивна контрола морало да се води на албански јазик. Пратеникот и секретар на Фашистичката партија за Тетовската околија, Шаип Камбери, јавно истапувал со тврдењето дека нема Македонци, туку дека тоа се православни Албанци!

Што сѐ направи албанската окупаторска диктатура

На Виенската конференција, врховните команди на Германија и на Италија се договориле за демаркациската линија, која на 23 април ја одобрил Хитлер, а на 27 април им била доставена на бугарскиот и на италијанскиот генералштаб. Но Бугарија постојано вршела притисок да се премести границата на запад до старата југословенско-албанска граница, а Италија континуирано се стремела линијата да се помести уште подалеку на исток, зафаќајќи го дури и Скопје. Италијанските фашисти давале големи парични средства за таа намена. Д-р Малковски, врз основа на документи, пишува дека италијанските окупатори основале и конзулат во Скопје, кој им делел легитимации на доселените Албанци за да ги потврдат своите права и на овие територии, односно максимално да ги прошират границите на нивната сателитска творба, т.н. голема Албанија. Во периодот од мај до јули 1941 година, по декретот на Мусолини од 17 мај 1941 година, во сите градови во овој дел на Македонија биле формирани разграноци на Фашистичката партија на Албанија. Секретари на градските организации биле следните лица: Дебар – Љутви Спахиу, Кичево – Зибер Лимани, Гостивар – Ибраим Адосани, Тетово – Шаип Камбери и Струга – Махмуд Таро, Есад Доко и Наим Амзи. Мрежата на Фашистичката парија на Албанија многу брзо успеала да го наруши соживотот меѓу Македонците и Албанците на овие простори, а диктатурата што ја спроведувале врз населението била неиздржлива. Според инструкциите за контрола на окупираната територија, а врз база на фашистичката платформа од Тирана, биле формирани голем број фашистички организации, како Беса, Фаша, Зото и Таша, а особено битно било формирањето на Балистичката организација, која се појавила кон крајот на 1942 година.

Што откри д-р Малковски за албанската Бали комбтар низ историските извори

„Нејзиното најмасовно ширење се случило во 1943 година, кога станува важна политичка и воена сила на целата територија на западна Македонија и во Косово. Претходно, во подготовките на теренот, италијанската фашистичка власт забранила Македонците да имаат какво било влијание во локалната власт, воведувајќи го албанскиот јазик како официјален во училиштата, општините и јавното комуницирање. Со ваквите мерки го изолирале македонскиот народ на својата сопствена етничка територија како во резерват. Целокупната власт му ја дале на помалобројното албанско население во западна Македонија, кое пак во тоа гледало ’остварување на својот сон за голема Албанија’. Балистичките водачи, во соработка со италијанската власт, настапувале со паролата за создавање албанска етнички чиста држава, во која ќе влезат Косово, голем дел од Македонија, Црна Гора и Чемерија во Грција. Врз таа основа балистичката организација развила голема активност на теренот, особено во Косово и западна Македонија, насочувајќи ги Албанците во борба против македонскиот народ и македонската војска“, подвлекува проф. д-р Малковски.
По капитулацијата на Италија, во септември 1943 година, главен балистички центар станал Гостивар, под раководство на Кадри Сали, но силна била и мрежата што од Тетово ја контролирал Шаип Камбери. Всушност, до капитулацијата на Италија, Бали комбтар веќе имал воспоставено своја мрежа, која функционирала на целата територија на западна Македонија. Пирамидата на организацијата била следнава: во Тирана бил централниот комитет, а во сите седишта на окрузи имало таканаречени окружни комитети, додека во околиите – поткомитети, а во секое село имало селски одбор. Окружните комитети во поголемите градови била поделени на реонски комитети или поткомитети што имале свои групи од 10 до 15 лица раководени од постари и поистакнати балисти. Како командант и водач на балистичките вооружени формации во Гостивар и Гостиварско се истакнале Џемо Хаса од Симница, Акиф Речани и Јусуф Абди од селото Речани, Мустафа од Трница, Феим Јонузи од Здуње, Исмаил Ваип од Требиште, Илијаз од Присојница, Осман од Ростуше, Зито Муарем од Горјане и други.
„Познатиот балист Џемо од Симница бил поткупен со големи пари, а италијанските фашисти му дале и чин мајор. Неговата месечна плата изнесувала околу 50.000 леки. Големи привилегии добиле и другите членови на неговата балистичка банда. Токму со благослов на Италијанците, балистите вршеле злосторства и насилства со кои се вршело етничко чистење на западна Македонија, односно геноцид врз Македонците. При пребројувањето на населението во западна Македонија во 1942 година, Албанците не им дозволувале на Македонците да се запишат како Македонци туку како Срби или Бугари. На денот кога е објавена капитализацијата на Италија, значи на 8 септември 1943 година, балистите скокнале во скутот на Германците, објавувајќи дека Албанија е обединета и независна, а со тоа тие мора да останат на териториите што ги контролираат, понудувајќи се да се борат против англо-американско-советската коалиција. Балистите го добивале оружјето од оџите, кои на организациски план одиграле најголема улога. Штабот на балистите за Кумановската околија, на пример, бил во селото Матејче, а водач бил Суљо од селото Отља, кој пред тоа бил водач на контрачета составена од Албанци што ја формирале Бугарите. Покрај Суљо, во Штабот на балистите во Кумановско биле и оџите Џафер Азизи и Иљас Керими, како и Ферат Ибраими и Џемаил Џемаили од село Никуштак. Во меѓувреме, водачите на балистите почнале со мобилизација на албанското население на верска основа и под паролата за создавање голема Албанија, дозволувајќи им на своите приврзаници да пљачкаат и да вршат невиден терор врз Македонците“.

Студијата на д-р Малковски открива навреди, верска и национална омраза и дури геноцидни директиви и извршувања

По одржувањето на Втората призренска лига, во септември 1943 година, настапуваат уште тешки денови за македонскиот народ под албанска окупација. Во Призрен, по обемни дискусии, биле прифатени, а потоа дадени и насоки, кои се преточиле во директиви „за борба против христијаните што сакаат да организираат своја држава“, со инсистирање „христијанското население да се уништува и протерува, а неговата земја да ја земаат Шиптарите“. На овој конгрес, на кој присуствувал и Селим Шаип од Тетово, заедно со Хусеин Дерала, Идриз Имери и Неџбедин Селими, биле донесени решенија за „целосно истребување на христијанското население во новоприклучените краишта од западна Македонија… и целосна албанизација на сите краишта на Македонија“, пишува проф. д-р Ѓорѓи Малковски во својата студија за албанското фашистичко дејствување во Македонија.

На територијата под контрола на балистите:

Освен албанската националност, друга не била признавана

„По формирањето на големоалбанскиот комитет во Дебар во 1942 година, на чело со Али Реџа и Риза Афус Мемет, започнал планот за што побрзо иселување на Македонците од градот и околните села. Притоа целата административна власт била вклучена во проектот за протерување на Македонците. Така, со извршениот попис во 1942 година, целокупното население што живеело на оваа територија, без оглед на својата национална припадност, било запишано како Албанци и добило албанско државјанство. Друга националност не била признавана. Сите имиња и презимиња на Македонците морале да добијат албански завршеток, целокупната администрација била водена на албански јазик, а строго биле забранети и сите јавни разговори на македонски јазик, дури и телефонските разговори морало да се вршат на албански, а сите мажи морале да носат кечиња на главата. Истиот притисок се спроведувал и во другите градови и села во западниот дел на Македонија, кој бил под окупација на Италија, односно Албанија. Во меѓувреме, масовно помагани од власта, на ’исчистениот’ простор почнале да се доселуваат цели семејства од Албанија и Косово, за да Албанците да станат помногубројни од Македонците, бидејќи во тоа време наталитетот на Македонците бил многу поголем од оној кај Албанците. Албанските доселеници, донесени на местото на протераните Македонци, по ослободувањето останеле во Македонија, а со тоа почнала тивка етничка, културна и јазична доминација на просторот од западна Македонија, која сега е веќе во таква фаза, што значи борба за опстанок на Македонците на своите родни огништа во својата татковина“, пишува проф. д-р Ѓорѓи Малковски во своето истражување за балистите и нивните злосторства во Македонија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Уапсените Срби во Косово одат во притвор

На петмината уапсени Срби од Пасјан кои…

Четворица Срби уапсени во Косово: Остра реакција…

Канцеларијата за Косово и Метохија потврди дека…

Груевски објави факти за Царот Самоил: Не…

Не постои запис кој ќе потврди како…

ВРЕДИ: Очекуваме Минчев да ги поништи огласите…

Кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека…

Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…

РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…