„На Љутков приоритет му е да го исполни договорот со ВЛЕН“: Синдикатот на Филхармонија згрозен од ставот на министерот

Синдикатот на вработените во Македонската филхармонија е шокиран и згрозен од изјавата министерот за култура и туризам Зоран Љутков дадена во утринската програма на телевизија „Сител“ во која вели дека ќе разберел доколку барањето за спроведување законски конкурс е на дел од вработените, но „дека тука се работи за волја и болна амбиција на само еден човек, а тоа претседателот на синдикатот“.
Синдикатот го потсети Љутков дека претседателот Лазаревски претставува 102 од вкупно 120 вработени во Филхармонија и ги спроведува нивните барања и иницијативи.
„Од изјавите на Љутков, јасно може да заклучиме дека нему, како министер, не му е важна ниту институцијата, ниту вработените, ниту нашата верна публика која доаѓа на нашите концерти, и дека единствен приоритет му е да го исполни меѓупартискиот договор меѓу ВМРО-ДМПНЕ и Влен.
Во денешната изјава кажа искрено жали што името на еден од кандидатите излегло во јавноста и дека ние сме биле тие што ја манипулирале јавноста. Не, господине министер, Вие се обидувате да ја изманипулирате јавноста со тоа што НЕ кажувате дека, вицепремиерот во вашата влада беше тој што го кажа јавно во еден медиум името на г-дин Мустафа Имери, уште пред да биде објавен конкурсот. Ние не правиме притисок со шпекулации и лаги, туку вие, како министер за култура. Ние досега изнесовме факти, а вие изнесовте само лаги и шпекулации.
Ние вработените во Македонската филхармонија можеби сме „болно“ амбициозни зошто сакаме да живееме во нормално општество, во кое културата и музичката уметност ќе бидат ставени на пиедестал, наместо да се газат и да туркаат на маргините поради ситно политички интереси“ реагираат од Синдикатот.
Ова е продолжување на тензиите меѓу Синдикатот на вработените во Македонската филхармонија со ресорниот министер за култура и туризам, Зоран Љутков, поврзано со легитимноста на процесот на избор на директор на оваа културна институција.
Синдикатот смета Министерството за култура незаконски постапува при изборот на директор на институцијата, а последното соопштение на министерството во кое тоа се повикува на Законот за општа управна постапка било само оправдување на постапката да се избере партискиот кандидат на ВЛЕН, Мустафа Имери.
„По изјавата на Министерот Љутков дека повеќе од половина од назначените директори на национални установи се назначени законски, по пат на оглас објавен од Министерството за култура, не можеме да не го поставиме прашањето: Дали и во другите конкурси била содржана реченицата „Некомплетните и ненавремено доставените документи нема да се разгледуваат“, а доколку била, по кој член и кој закон биле побарани документи кои недостасувале во пријавата?“, прашуваат од Синдикатот на вработените.
Музичарите од Белградската филхармонија им даваат целосна поддршка на своите колеги од Македонската филхармонија во нивната борба за законски и транспарентно спроведен конкурс за избор на директор.
“Многу добро знаеме и ние, и вие, колку е важно кој ќе застане на чело на нашите институции, зошто тоа го одредува патот по кој ќе се движиме во иднина. На вашата држава треба да ѝ биде јасно дека Македонска филхармонија не е прекрасната нова концертна сала, на која ви завидуваат колегите од регионот, туку музичарите кои работат во неа. И дека вам, а не на концертната сала, ви е потребен квалификуван и вешт менаџер, а не партиски поставен директор без критериум и со заобиколување на законските нормативи.
Се надеваме дека ќе истраете во вашата борба и дека ќе се изборите Македонската филхармонија да добие нов директор на законски и транспарентен начин“, се вели во соопштението на музичарите од Белградската филхармонија.
Поддршката од српските колеги доаѓа во момент кога прашањето за изборот на нов директор на Македонската филхармонија е во фокусот на јавноста, а вработените во институцијата остануваат доследни во своите барања за професионално и независно управување.
Пред три дена тие протестираа пред Министерството за култура и порачаа „Ако оваа Влада, како што секојдневно слушаме е посветена на квалитет, а не на партиски списоци, тогаш и на конкурсот за директор на Македонската филхармонија треба да се избере најквалификуваниот, а не партиски договорениот кандидат!“.
„И покрај најавите на министерот Љутков, дека изборот ќе биде спроведен законски, имаме информација дека Мустафа Имери не доставил комплетна документација, иако во конкурсот јасно е назначено дека некомплетните и ненавремено доставени документи нема да се разгледуваат. Комисијата веќе им дала рок на кандидатите кои не доставиле уредна документација да ги достават потребните документи во рок од три дена. Со тоа се крши законот за култура и условите од конкурсот, се со цел да се истера меѓупартискиот договор меѓу ВРЕДИ и ВМРО-ДМНЕ и да се назначи договорениот кандидат за директор на нашата институција. Дополнителните изјави на вицепремиерот Меџити за вработување на илјадници Албанци во јавната администрација освен што одат во прилог на тезата за целосна партизација на јавната администрација, се уште една потврда дека, доколку се избере Имери, не се почитуваат ниту законите во оваа држава“ велат вработените од Филхармонија.
Министерството за култура и туризам денеска во врска со протестот на вработените во Македонската филхармонија соопшти дека изборот на директор на оваа институција ќе биде исклучиво согласно законските прописи.
Од Министерството информираат дека Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор на Филхармонија согласно Законот за општа и управна постапка (ЗОУП) до учесниците во конкурсот доставила барање за дополнително појаснување во однос на доставената документација, што било пракса и во минатите постапки за избор на директор на Филхармонијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„На Љутков приоритет му е да го…
Синдикатот на вработените во Македонската филхармонија е…
Конкурсите за поддршка на проекти од културата…
Министерството за култура и туризам утре ќе…
СДСМ: Лагите на Љутков се параван на…
Лагите на актерот Љутков и ДПМНЕ се…
Груевски до СДСМ: Попаметно е пред избори…
НЕ Е ПАМЕТНО СДСМ ПРЕД ИЗБОРИ ДА…
Покана за промоција на Монографијата посветена на…
Неодамна излезе од печат Монографијата посветена на…