Објавено на:

Некој на крај ќе мора да ја плати сметката

t

Како што велат Американците: „Нема ручек безплатен“, на крајот некој мора да ја плати сметката. Воедно како што вели Шекспир: „Толпата која до вчера ти аплаудираше, денес ја бара твојата глава“. Така откако ќе заврши еуфоријата од победата над СДС сметката ќе мора да биде платена, а дали толпата ќе ја бара главата (политичката глава) на Мицкоски, во какви услови и за колку време ќе видиме.

Впрочем СДС ја плати сметката на лажгото, измамникот Заев, неспособноста на Ковачевски и ароганцијата и замешателствата на Црвенковски. Во ваков контекст не мислам дека е добро СДС да исчезне од политичката сцена на Македонија доколку брзо не се појави некоја друга политичка партија од иста идеолошка провиниенција, бидејќи одамна реков дека со едно крило не се лета ниту во НАТО ниту кон ЕУ. При тоа, во однос на идеолошката супституција на СДС не мислам на Апасиев и неговата Левица која не е идеолошки поврзана со СДС бидејќи Левица е исклучително радикално левичарска структура заснована врз троцкистичка идеологија и национал-социјалистичка политичка прагма. Тоа допрва ќе го гледаме во Собранието на дело и со каков елан ќе настапуваат против сите и против сѐ, а се со цел брзо да раснат на сметка на СДС и ВМРО-ДПМНЕ (ЗНАМ ќе биде збришана набрзо). Зошто на сметка на ВМРО-ДПМНЕ. Многу едноставно, поради сметката која ќе треба да ја плати Мицкоски, односно сите ние како партија. Тој сега се наоѓа ни на небо ни на земја или „угоре високо, удолу длабоко“. Не е пред дилема или трилема, туку пред пентадилема и повеќе.

Кои се дилемите пред кои се наоѓа Мицкоски? Впрочем во неговата прва изјава можеше да се забележи дека единствено самиот тој Мицкоски не беше еуфоричен, би рекол дури и загрижен, додека сите околу него благодарение на тоа колку им тежи умот беа еуфорични и пресреќни, „мамо, мамо, да ме видиш министер“. Зошто е загрижен Мицкоски? Не сум сигурен дека е загрижен многу за финансиската сметка која треба да ја плати поради енормно потрошените финансиски средства, тоа сепак на крајот ќе биде сметка која сите ние како граѓани на Македонија ќе ја платиме и тоа многу солено. Но за тоа друг пат и во свое време, откако ќе ги видиме инвестициите во вредност од 400 милиони евра кои веќе ги најави премиерот во доаѓање како инвестиции во енергетиката и особено милијардата меѓувладин кредит со поволна камата и добар грејс период за која нешто ми мириса дека ќе да е кинеска милијарда (како милјардата на Циле) која може да стане многу скапа.

Дилемите и би рекол загриженоста на Мицкоски се должат на сосема друго нешто. За него не е проблем тоа што може да се плати со пари или со многу пари. Проблем ќе биде тоа што на јавна сцена политички ќе мора да го испорача и кое доколку не го ветил (како што се зборува во политичките кулоари дека го ветил) пред нашиот стратешки партнер, од него ќе го побара Меџити и ВЛЕН. Тоа се уставните промени. И тука започнува заплетот. Ете затоа е загрижен Мицкоски, дали ќе успее да ги менаџира процесите поврзани со ветувањата врз кои до нога го утепа неспособното СДС. Тие ветувања накратко се сублимирани во: НЕМА УСТАВНИ ПРОМЕНИ И БУГАРИ ВО УСТАВ, ДЕ-АЛБАНИЗАЦИЈА НА ДРЖАВАТА и БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА И КРИМИНАЛОТ – првенствено онаа на ДУИ што е во контекст на второто ветување. Одтука Мицкоски најпрво ја смирува реториката и зборува се посмирено, но сеуште тврди дека нема да дојде до уставни измени. Овој настап би можело да значи дека за брзо, можеби за една година може да очекуваме повторни избори собраниски. И затоа Мицкоски е во пентадилема, како со политичката реторика и пракса, уште повеќе во врска со формирањето на владата и составот на владиниот кабинет.

Прво, најдоцна до крајот на годината, доколку ВЛЕН си стои на зборот, мора да се случат уставните измени и да се внесат Бугарите во уставот на Македонија и започнат преговорите за членство во ЕУ. Тоа е првата сметка која на Мицкоски му предизвикува грижи, затоа што првиот столб на кој ја изгради победата беше „НЕ ЗА БУГАРИ ВО УСТАВ“. Дали сега ќе се посипе со пепел, а потоа ќе се обиде да менаџира со кратката памет на народот и со лукративните интереси на нашите клиентелисти во партија ќе видиме. Тоа ќе зависи од неговата ПР стратегија и активностите на медиумите и центарот за комуникации. Но едно да си знаеме. Промени на преговарачката рамка е илузија, тоа нема никој во ЕУ, а не пак во Бугарија да го прифати. Ние како народ ќе мора да ја платиме и таа заостаната сметка од Заев, бидејќи тресокот на СДС не ги подмири сите сметки кои во наследство на Македонија ги остави Заев. Не исклучувам и можност дека Мицкоски ќе се инати и нема да прифати уставни измени, но тоа ќе значи излегување на ВЛЕН од неговата влада. Можеби затоа ќе се обиде да му одземе на ДУИ барем тројца пратеници неалбанци за да достигне сигурни 61 пратеник и владеење без ВЛЕН, но со ЗНАМ. Но и тоа би било многу ризична политика за Македонија. Засега ќе се изнаслушаме политички флоскули за божем принципи и платформи околу кои сите ќе се согласат, особено дека се за ЕУ, а потоа ќе видиме тензии за составот на владиниот кабинет и политичките интереси на секого поодделно.

Второ, ќе треба да ги видиме барањата на ВЛЕН за учество во владата во смисла на кадровски решенија од министерски ресори па понатаму. Меџити најави дека ќе го бара МВР и некоја влијателна дирекција како АНБ, Царина или УЈП, а тоа значи дека тешко ќе отстапи од своите барања за да поддржи влада на ВМРО-ДПМНЕ што и се потврди срамежливо преку медиумите дека веќе е договорено и ВЛЕН ќе добие четири министерски места и многу сум сигурен дека едното од нив ќе биде МВР. Зошто Меџити не би отстапил од овие барања? Затоа што тогаш ДУИ ќе заигра на националната карта кај Албанците и ќе објаснува дека во нивно време имаа претседател на Собрание, премиер, министер за финансии, министер за надворешни работи или вкупно шест министри во владите на СДС беа Албанци. Тоа е математиката на етнополитичката мобилизација со цел допир до ресурси, а најголем и најубав ресурс е буџетот, неговата контрола и репресивниот апарат. Давањето на МВР или можеби дури и директор на БЈБ (ова во контекст на 300 те директорски места кои Мицкоски ги ветил на Таравари) и барем уште две атрактивни министерства на ВЛЕН како Финансии и Економија или можеби Енергетика (како ново министерство кое го најави Мицкоски), но повеќе сум убеден дека тоа ќе биде Здравство за да се згрижи Таравари. Потоа тука се Царина, УЈП или АНБ, но сигурно и претседател на Собранието (бидејќи на две од трите клучни државни функции премиерот и претседателот на Републиката се горди Македонци) ќе претставува сериозен проблем за Мицкоски кој ќе треба и по тоа прашање за ДЕ-АЛБАНИЗАЦИЈА да се посипе со пепел.

Трето, борбата против корупцијата и криминалот, претставено како сликата на ДУИ. Тоа што како прашање ќе биде веднаш поставено и тоа од страна на ДУИ ќе биде корупцијата на Меџити, Таравари и Касами како градоначалници. Тоа нема да биде реторичко прашање од страна на ДУИ, да не заборавиме дека Меџити беше нивен, а можеби и уште е па ќе биде употребен како понтонски мост за ДУИ (минус Груби и Османи). За очекување е ДУИ да го постави прашањето за корупција во ВЛЕН, а тоа ќе го натера Меџити да биде мек и да балансира дури и од позицијата министер за внатрешни работи. Впрочем ќе балансира и од други причини пред се етнички. Немам многу надеж дека нешто конкретно и драматично ќе се случува во однос на корупцијата и криминалот на ДУИ и мислам дека се ќе заврши по примерот на бројчаникот на Црпко. Е кога сме кај кланот Црпко, многу би сакал таму да ја видам борбата против корупција и криминал кон нив, но мислам дека тој филм нема да го гледаме. Сепак, за да има ефикасна борба против корупцијата и криминалот не е важна персонификацијата врз ДУИ или Црпко, потребно е да се среди правосудниот систем и да се донесе законот за потекло на имот, впрочем тоа со законот за потекло на имот самиот Мицкоски го вети и дури рече од него прв да започне. Доколку оваа борба против корупцијата и криминалот не се движи во ваква насока тогаш еве до крајот на годината уште една точка на која Мицкоски ќе треба да се посипе со пепел како неуспешен.

Четврто, улогата на ЗНАМ и неговите протагонисти во владата на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку ЗНАМ влезе во влада, а многу сака миниум да влезе за да биде министер за внатрешни работи и да се пресмета со Спасовски (лекување на лични суети и фрустрации), секако ќе бара покрај амбициите за МВР и барем уште едно министерско место и безброј места во другите ешелони на власта. Тоа ги усложнува за Мицкоски можностите за распределбата на ресори и веројатно може со сигурност на ЗНАМ да му го понуди Одбрана по што ќе му останат Надворешни, Евроинтеграции, Култура, Локална самоуправа и Труд и Социјална политика, а тоа е малку за многуте наши сопартијци истакнати клиентелисти кои себеси се гледаат како министри и ништо помалку. Веројатно заради задоволување на коалициските барања ќе се отворат уште неколку министерства без ресор, министерство за млади и спорт, министерство за енергетика и секако неколку вице-премиерски позиции без посебни обврски колку само да се бројат. Сето ова е во спротивност со намалувањето на јавната администрација и тука може да се отвори прашањето за буџетот и неговата кондиција, но за тоа друг пат бидејќи сега сме на дилемите и сметките со кадровски прашања во формирањето на кабинетот. За буџетот знаеме дека барем до крајот на оваа година виновни ќе бидат СДС (како што и се), така што и зголемувањето од 5000 денари за пензионерите линеарно не го очекувам до крајот на годината единствено во рамките на законски утврдените обврски за порамнување, но ќе видиме во целиот контекст што ќе се одвива како ќе се однесува и Синдикатот кој веќе му даде 100 дена на новиот премиер.

Петто, кадровските решенија на пониски нивоа – директорски од кои 300 (тристотини) се веќе „ветени“ на ВЛЕН во рамките на де-албанизацијата на државата нели, особено внатре во партијата и соодносот со коалиционите партнери, посебно оние од профилот на Љубе, Стојанче и Богоевски. Ова е сериозна дилема за Мицкоски пособено доколку тоа го ставиме во контекст на очекувањата од нашите партиски клиентелисти кои сега енормно ќе се намножат. Всушност тука ќе имаме огромни фрустрации од неостварени желби и амбиции што ќе резултира со меѓусебни подметнувања и дополнителни нервози како и нефункционалност на тие институции што пак дополнително ќе ги фрустрира граѓаните. Токму така исфрустрираните граѓани по однос на оваа петта дилема како и на оние кои не се во опсегот на кадровски решенија а се исклучително значајни за нормална егзистенција на секој поединечно и на секое семејство е опасноста која ќе го посипе со пепел Мицкоски.

Сето ова низ призмата на кадровските дилеми, платените сметки кои ќе излезат на виделина особено оние финансиските, договорените зделки со В’лканов кои покрај бизнис основата многу бргу ќе прераснат и во политички сметки на крајот ќе се прекрши врз грбот на граѓаните на Македонија. Тоа ќе се одрази врз довербата во државата и дури тогаш ќе ја видиме фалшивата гордост во целата нејзина мизерија.

Прашањето за името и Преспанската приказна не е во доменот на персонално-кадровски прашања и нема да го обработуваме во оваа колумна, но несомнено како и многу друго ќе има влијание врз сметката бидејќи тука ништо нема да се смени. Доколку врз основ на некои политички ставови кои се двосмислено кажувани досега, Мицкоски се обиде да го менува Преспанскиот и тоа неподготвено без поддршка од стратешките партнери и ЕУ во чија поддршка барем во овој момент не верувам, последиците ќе бидат големи и тоа не само политички врз ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, туку врз Македонија. Првиот впечаток по кој ќе видиме реакција од Грција, ЕУ и САД или посипување со пепел од страна на Силјановска (посредно и на Мицкоски како нејзин протеже) ќе го видиме на нејзината инаугурација.

Кај Силјановска која во овој потфат влезе со прекршување на партискиот Статут веќе на денот на изборите можевме да видиме надменост и преобразба од „скромна бабичка со благи зборови“ во некој кој за својата држава Македонија мисли дека е државичка и веројатно за народот на таа „државичка“ мисли дека е припрост народец кому може да му продава шарени лаги. Силјановска многу ме потсетува на Данела, ќе да има разни извинувања, некако се чувствува тоа во воздухот, но да сме живи и здрави па да видиме. Тоа што дел од сметката која ќе треба да се плати во кадровска-персонална цена ќе падне и во нејзината надлежност, едноставно без изненадување очекувајте дека по 18ти Август нов Началник на ГШ може да биде сегашниот заменик началник (македонски Албанец кој е професионален војник и школуван и коректен човек). Доколку Силјановска сака да избере вистински Началник на ГШ тогаш така и треба да биде, на тоа место да биде сегашниот заменик началник или можеби тоа ќе биде некој кого ќе и сугерираат некои кругови во ВМРО-ДПМНЕ. Но што правиме со Агенцијата за Разузнавање и амбициите на некои групации во ВМРО-ДПМНЕ кога во исто време на тоа место ќе претендира и ВЛЕН доколку не ја добие АНБ, а кому Силјановска му должи за својот избор? И на крај од овие претстојни персонално-кадровски дилеми, а како комбинирана одговорност на Силјановска и Мицкоски (претседател на Републиката-влада) ќе ги имаме амбасадорските места за кои очекувам да биде вистинска навала, затоа што нашите клиентелисти најмногу љубат ништо да не работат да земаат светски плати, да живеат низ Европа и белиот свет и да го полнат ЦВ-то со разни функции и титули за кои не би сакале да се помачат или нешто да и вратат на државата Македонија и нејзините граѓани.

Ние како внатрепартиска фракција ќе продолжиме да функционираме, нема откажување од нашата партија и од нејзината демократизација и секако нашиот став дека уставните промени треба да се остварат и да се отвори патот кон ЕУ токму поради тоа за да не мораме да плаќаме туѓи и високи фискални сметки.  Затоа и јасно кажуваме сега пред формирањето на владата на ВМРО-ДПМНЕ дека доколку Мицкоски се реши да ги направи уставните измени и со тоа го отвори патот на Македонија кон ЕУ во секој миг ќе ја има поддршката на фракцијата.

Како израз на политичката коректност кон нашата партија ВМРО-ДПМНЕ но и кон Мицкоски како мандатар и нов премиер од денес  (без разлика на персоналниот состав на неговиот кабинет) па се до изминувањето на 100 дена влада од нејзиниот избор во Собранието на Македонија нема да пишуваме колумни ниту да излегуваме со ставови за работата на кабинетот на Мицкоски. По завршување на 100 дена благосостојба за непречена работа на владата ќе излеземе со став за нејзината успешност како и за се она што го работи од полза или штета на Македонија и партијата.

На крајот посакувам многу среќа во работата и се надевам дека сметката нема да биде многу голема и дека нема да мора да ја плаќаме сите ние па дури и нека е со одложено плаќање како во случајот на распаднатото и неспособно СДС чии сметки ги плативме премногу скапо сите ние посебно ние Македонците, а СДС си ја плати политичката сметка со 18 мандати и најслаб изборен резултат било когаш во историјата. Се надевам дека тоа нема да му се случи на ВМРО-ДПМНЕ затоа што Мицкоски ќе мора да се посипува со пепел и да манипулира со вистината пред партиските членови и граѓаните кои очекуваат да бидат ГОРДИ.

И со Максим-ун и со мини-ум, да се надеваме дека ќе биде со некаков УМ и со УСУЛ и ако може без лажење, сепак ние сме ВМРО-ДПМНЕ а не СДС на Заев – се надевам.

Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…

Оливер Спасовски ќе биде координатор на опозициската…