Не се наплаќале даноци, не се постапувало законски за дивоградби – ДЗР открива поразителни податоци за Липково
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Липково, за 2024 година. Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметките на основен буџет (630) и (637) и неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година на сметката на приходи на буџет на дотации (930).
Општината не обезбедила доследно почитување на одредбите од Законот за сметководството на буџетите и буџетските корисници за водење на деловните книги. Обврската за подготвување на основни финансиски извештаи за секоја сметка не е имплементирана односно подготвен е консолидиран финансиски извештај, а деловните книги не се заклучени на крајот на годината.
Со ревизијата е утврдена и неусогласеност на билансните позиции, невоспоставена соодветна евиденција и третман на постојаните средства, како и не водење книга на капитален имот.
Пописот на средствата и обврските исто така не е извршен на начин предвиден во законските и подзаконските прописи. Утврдена е неусогласеност помеѓу даночната и сметководствената евиденција, како и неевидентирани побарувања од 12.500 илјади денари, по основ на данок на промет, наследство и подарок, надоместок за уредување на градежно земјиште, надоместок за легализација на бесправно изградени објекти и за давање под закуп на простории.
За дел од побарувањата кои потекнуваат од минати години за кои постои голема неизвесност за нивна наплата, не е извршено вредносно усогласување.
За побарувањата за данок на имот во износ од 73.186 илјади денари, по испратените опомени не се преземени мерки за присилна наплата, ниту се пресметува и наплатува камата за износот на данокот на имот кој не е платен во пропишаниот рок.

Општината нема воспоставено регистар на недвижен имот и нема извршено ревреднување на пазарната вредност на недвижниот имот. Како резултат, 922 обврзници (18% од вкупниот број обврзници) плаќаат данок на имот од помалку од 200 денари, а не е извршено задолжување на оние кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години.
Општината не ги почитувала одредбите од Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти, односно неосновано ослободувала од плаќање на надоместок, не носела заклучок за прекин на постапката и не ги доставувала барањата до надлежното министерство, за издавање на одобрение за потврдување на помошен објект на земјоделско земјиште.
На територијата на Општина Липково, просторот пред деловен простор на јавно прометни површини се користи, без одобрение за поставување на урбана опрема и вршење на угостителска дејност надвор од деловниот објект. Не се наплаќа комунална такса и не е извршен инспекциски надзор на поставената урбана опрема.
Општината нема донесено одлука со која се регулира одржувањето на јавната чистота на јавните површини и висината на надоместокот за одржување на јавната чистота, поради што не се остваруваат приходи по овој основ.
Собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад и одржувањето на јавната чистота е во надлежност на ЈКП ПИША, формирано во 2023 година, без склучен договор со општината и без пренесено право на стопанисување со водоснабдителниот систем.
Во три од единаесет населени места се уште немаат изведено водоводна мрежа и не се изведени приклучоци до крајните корисници, што укажува дека општината не обезбедила функционалност на водоснабдителниот систем во кој се инвестирани 265.745 илјади денари, средства од буџетот на државата.
Реализацијата на програмските активности за поставување на бекатонски плочки во патишта,
тротоари и јавни површини за кои во 2024 година се исплатени 10.450 илјади денари се врши во соработка со месната заедница и група граѓани, со што општината ги обезбедува потребните материјали, а месната заедница и граѓаните ги завршуваат сите рачни работи.
Изведените улици не се предвидени во планска документација, не се изработени проекти за нивната изведба и не се издадени одобренија за градење, предвидени со Законот за градење.
Во текот на 2024 година, исплатени се 1.441 илјади денари за ангажирање на лица по договор за дело, кои вршат редовни работни задачи, а доделени се 2.112 илјади денари на здруженија на граѓани и фондации, спортски клубови и невладини организации без утврдени прецизни критериуми во однос на изборот на проекти и одредување на висината на средства.
При изградба на домот на културата во с. Матејче, врз основа на времени ситуации (август и септември), исплатени се 1.761 илјади денари за работи кои не се изведени, а се однесуваат на набавка, транспорт и вградување на театарски седишта, кои се вградени во месец декември 2024 година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Не се наплаќале даноци, не се постапувало…
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на…
ОЈО: Нема индиции за политички мотиви за…
Во пукање пред Општина Куманово денеска е…
(Фото) Во престерелка пред Општина Куманово ранет…
Во пукање пред Општина Куманово денеска е…
Ревизија: ЕСМ работи со огромни загуби –…
Државната компанија АД ЕСМ систематски работела со…
18-годишник од Липково прегазил девојка, па избегал
Вчера во 20.38 часот во СВР Куманово…