Николовски најави промени: Не сме задоволни од ефектот на субвенциите, подготвивме нов модел
Земјоделците од 1 јануари 2023 година ќе може да очекуваат авансни исплати од 30 проценти пред да завршат административните проверки од страна на Платежната агенција.
Крупни измени во земјоделската политика најави министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Тој рече дека државата дала многу пари, но кога тие ќе се споредат со ефектот, се доаѓа до сознанието дека парите не ја исполниле својата функција. Најавувајќи го новиот начин на субвенционирање, министерот Николовски, сосема отворено, заборуваше и за досегашните можности што ги оставал самиот систем за злоупотреба на парите, така што дел од нив не отишле во рацете на вистинските земјоделци.
– Слушавме за многу манипулации, за тоа дека земјоделците се жалат за нередовни исплати и за сложен процес на администрирање на нивните барања. Денес отвораме дебата за нов начин на субвенционирање. Нашиот предлог прво го презентиравме пред Агросоветот, тоа е ново тело и е највисок орган за водење земјоделски политики. Заедно со Платежната агенција посветено работевме на новиот модел и бараме поддршка од сите чинители, со цел подобро управување на парите од народот и поголемо производство на храна – рече Николовски.
Новиот модел на субвенционирање треба да почне да се применува од 1 јануари 2023 година.
– Целта е да ја зголемиме поддршката и субвенционирањето на оние производи што ги бара пазарот. Тоа е и успешна европска политика – вели Николовски.
Тој потенцира дека постојните субвенции нема да се скратат туку ќе се распоредат во повеќе програми, а новиот модел ќе обезбеди побрза исплата на субвенции.– Во таа насока ја променивме и законската регулатива. Ќе има авансни исплати од 30 проценти пред да завршат административните проверки од Платежната агенција. Исто така, цел ни е и поголема контрола – рече Николовски.
Тој објасни дека во оваа првична верзија на новиот модел на субвенционирање, се предлага разграничување меѓу неврзаните и врзаните директни плаќања. Тоа значи, дека кај растителното производство, земјоделците ќе добиваат основни директни плаќања за површината што ја обработуваат, без разлика на произведената количина и без разлика на тоа што произведуваат. Дополнителните плаќања, според предлогот, ќе се исплаќаат само за одредени култури, кои како стратегиски ќе се определат заедно со земјоделците.
– Дополнителните плаќања ќе бидат врзани со доказ дека производите се предадени кај регистриран трговец, или производител. Така ќе ја спречиме и сивата економија. На овој начин ќе се оневозможи некој што, на пример, не го работи лозјето, да го одржува само колку да зема субвенции – вели Николовски.
Кај сточарското производство се предлага исплатата да се однесува по грло, за основно стадо, и зголемување на износот за поддршка.
– Предлагаме сите исплати да бидат по количина, со што овозможуваме олеснети административни постапки, почести и брзи исплати на субвенциите, но и полесна можност за дополнување на програмата во зависност од потребите. На пример, кај сточарството ова би значело исплатата за секој литар предадено млеко да се врши секој месец. Целта ни е целото домашно производство да заврши во домашните преработувачки капацитети – рече министерот.
Програмата за рурален развој треба да прерасне во Инвестициска програма, што се поклопува со новата седумгодишна програма ИПАРД, со која на располагање ни се 97 милиони евра, а заедно со кофинансирањето ова ќе значат 210 милиони евра инвестиции во земјоделскиот сектор.
Во Програмата за рурален развој останува поддршката за млад земјоделец и за руралните жени, а новина е поддршка за бизнис-план до 10.000 евра, која може да ја искористат регистрираните земјоделци за проширување на нивната дејност.
Николовски најави и интензивна работа во насока на развој на земјоделските задруги за да може производителите да работат здружено и заедно да бараат пласмани.
Од 2024 година осигурувањето на земјоделците ќе биде задолжително
Иако државата покрива 60 отсто од осигурителните полиси, се намалува интересот кај земјоделците за осигурување. Министерот Николовски за ова го впери прстот во осигурителните компании и им порача: Јасно и недвосмислено кажувам, незадоволни сме од осигурителните компании“.
Николовски најави дека од 1 јануари 2024 година осигурувањето во земјоделството ќе биде задолжително, со што би требало да се надминат проблемите од климатските непогоди. Во првите три години полисите целосно ќе бидат субвенционирани, за што се преговара за пари од ФАО.
И напуштено приватно земјиште ќе се дава под наем
Според измените на Законот за земјоделство, кои треба да се изгласаат во Собранието, и напуштеното земјоделско земјиште кое е во приватна сопственост ќе се дава под наем.
– Во законските измени предвидуваме и напуштеното приватно земјоделско земјиште да имаме право како држава да го дадеме под наем под соодветни услови откако тоа земјиште ќе биде евидентирано дека е напуштено или не се обработува од сопствениците. Целта е да го искористиме целиот потенцијал, сите ресурси и да не оставиме ниту една педа необработена земја – рече Николовски.
Извор: Слободен печат
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Исплатени 298 милиони денари дополнителни субвенции за…
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги…
Палевски на распит во обвинителството
Љупчо Палевски-Палчо во моментов е на распит…
Електрични и трактори на водород на Меѓународен…
Темата на овогодинешниот Меѓународен саем за земјоделство…
(Видео) Мециновиќ: Аграрни кооперативи, бескаматни кредити, загарантиран…
Носителот на пратеничката листа на Левица во…
Во новиот мандат на СДСМ 1,35 милијарди…
СДСМ во новиот мандат обезбедува историски највисока…