Ни со две минимални плати не може да се прехрани четиричлено семејство
Потрошувачката кошничка за четиричлено семејство што ја пресметува ССМ надмина 35 илјади денари, а минималната плата е 15200 денари. Струјата поскапе за 10 отсто, парното за 14 отсто, а храната за 7 проценти. Синдикатот бара итно покачување на минималната плата на 18 илјади денари.
Владата денеска ги почнува консултациите со економско-социјалните партнери за зголемување на минималната плата. Синдикатите бараат минималната плата да се покачи на 18 илјади денари, а потоа скалесто да се покачат и другите плати, владејачката СДСМ ,исто така, ветуваше толкаво зголемување на минималната плата, но новиот премиер Димитар Ковачевски не споменува конкретна цифра туку најавува воспоставување „соодветна методологија која ќе биде во корелација со продуктивноста на трудот“. Работодавачите велат дека сега не е време за покачување на минималната плата зашто економијата сè уште не е вратена на претпандемиско ниво.
Струјата од Нова година поскапе за 10 отсто, парното за 14 отсто, а трошоците за живот во декември биле за скоро 5 отсто повисоки во однос на истиот месец претходната година. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека храната во декември била за скоро 7 отсто поскапа отколку минатиот декември, а превозот за дури 17 проценти. Народната банка на Македонија ја проектираше инфлацијата за 2021 година на 3,1 отсто, додека за годинава е проектирана на 2,4 отсто.
Минималната плата во моментов е околу 15200 денари, а според Сојузот на синдикати на Македонија, околу 110 илјади вработени во земјава ја примаат најниската плата. Според Законот, минималната плата секој март се усогласува по три критериуми – раст на економијата, раст на просечната плата и пораст на трошоците за живот. Сите три критериуми бележат раст во изминатата година.
Просечната плата во ноември надмина 29 илјади денари, што е за 1500 денари повисока од минатиот ноември. По падот од 1,9 отсто во првиот квартал минатата година, економијата во вториот квартал порасна за 13,1 отсто, а во третото тримесечје за 3 проценти.
Граѓаните што ги анкетиравме велат дека платата едвај стасува да ги покрие основните животни трошоци.
„Освен основните трошоци, на друго се штедиме“.
„Многу е тешко, сега струјата, парното, намирниците по продавниците се е покачено“.
„Треба да се покачи и многу повеќе од она што е сега, бидејќи ова е еден трул капитализам, работничките права се на многу ниско ниво и мора да се покачат платите“, велат дел од граѓаните што ги анкетиравме.
Потрошувачката кошничка на едно четиричлено семејство, што ја изработува ССМ, во декември надмина 35 илјади денари. Пред една година, синдикалната кошничка беше 33700 денари. Ниту две минимални плати веќе не ги покриваат основните трошоци.
ССМ бара минималната плата да биде 18 илјади денари, или 60 отсто од просечната плата. Во синдикатот велат дека за нив тоа е егзистенцијално прашање.
„Нашето барање главно е зголемувањето на минималната плата овој пат да биде спирала и за другите плати односно сите останати плати да го следат зголемувањето на минималната плата“, вели Слободан Трендафилов од ССМ.
Ова барање на Синдикатот е за да не се дојде со ситуација на урамниловка, сите да земаат иста плата, без разлика на работната позиција и на степенот на образование.
Работодавачите велат дека не е време за зголемување на минималната плата, зашто економијата не е вратена на претпандемиското ниво. Тие предупредуваат дека покачувањето на платите ќе предизвика отпуштање на работниците, но во исто време се жалат на недостиг на квалификуван кадар, кој по повисоки плати се сели на Запад.
Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски неодамна за нашето радио рече дека минималната плата е последната сламка за која се фаќаат сите кога економијата нема резултати.
„Во ваква економска состојба, каде што веќе нагласивме дека нивото на економски развој ни е пониско од претпандемиското, да влеземе во зголемување на минималната плата е обратнопропорционално и навистина е надвор од целокупната економска логика. Мислам дека тоа ќе биде дополнителен товар на стопанството кој ќе предизвика огромен проблеми и сигурно намалување на вработеноста“, рече Ангелоски.
Бизнисмените и дел од економистите велат дека зголемувањето на платите мора да оди рака под рака со зголемувањето на продуктивноста, но премиерот Димитар Ковачевски неодамна рече дека зголемувањето на продуктивноста е работа на менаџерите. Тој најави дека почнуваат консултациите за зголемување на платите.
„Сметам дека во овој процес треба да се востанови соодветна методологија која ќе биде во корелација со продуктивноста на трудот. Притоа сите имаат одговорност – и вработените и менаџерите. Менаџерите треба да ја зголемуваат продуктивноста со воведување нови инструменти, нови технолошки процеси“, рече Ковачевски во интервју за Канал5.
Во владата велат дека се прават напори минималната плата да се зголеми на 18.000 денари што е можно побрзо, а целта е до 2024 да достигне до 20.000 денари. – Пишува Срѓан Стојанов за Радио слободна Европа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Семејство со три деца во Италија со…
Семејство со три деца, со автомобил излетало…
ССМ ги повикува работниците на протест по…
Сојузот на синдикатите на Македонија организира протест…
Трендафилов: Ќе бараме зголемување на минималната плата…
ССМ ќе побара враќање на трошоците за…
(Видео) Треба да се задолжам за да…
Бујар Османи, министерот за надворешни работи и…
Минималната кошница за јануари 2024 година изнесува…
Вредноста на синдикалната минимална кошница за јануари…