Новиот вицепремиер на местото на Грковска доаѓа од Брисел
Арбен Фетаи – секретарот за надворешни работи кај Алијансата за Албанците и шеф на кабинетот на Арбен Таравари , ќе биде новиот вицепремиер за политики и добро владеење, на местото на досегашната вицепремиерка Славица Грковска. Ова денеска го обелодени токму Таравари гостувајќи на телевизиска емисија.
Според информациите, Фетаи е експерт за европски политики и меѓународен развој, со 20-годишно искуство со меѓународни институции и фондации на повеќе континенти во светот.
Од 1989 година, Фетаи живее во Белгија, но бил ангажиран и во регионот, работејќи како надворешен советник во Кабинетот на премиерот на Косово во периодот 2004-2008 година.
Името на Фетаи го најави членот на ВЛЕН и новиот министер за здравство, Таравари.
„Арбен Фетаи живее во Брисел. Мислам дека има подобра биографија од луѓето што живеат во Македонија на ова поле. Ќе го остави семејството и работата во Брисел на некое време и ќе се врати овде. Ќе работи со посебна транспарентност за добро владеење“, рекол Таравари.