Новото законско решение не ја чепка автономијата на универзитетите, но ќе треба да бидат отчетни, вели Јаневска

t

Министерката за образование и наука Весна Јаневска смета дека новите законски решенија за високото образование ќе доведат до повисок квалитет и додава дека со нив не се навлегува во автономијата на универзитетите.

Јаневска најави дека од следната недела на секој универзитет ќе се организираат јавни расправи. Таа ги оцени досегашните забелешки како „минорни“, но истакна дека секој издржан предлог ќе биде вклопен во финалниот текст.

„Без оглед дали се млади или стари универзитетите, ние квалитетот на високото образование мора да го поткренеме и не може да постои дискриминација во однос на годините на постоење на универзитетот. Сите наставници и сите студенти треба да бидат рамноправни и да ги исполнуваат одредбите и условите предвидени за сите на целата територија“, одговори министерката на новинарско прашање при денешната посета на основното општинско училиште „Невена Георгиева-Дуња“.

Одговарајќи на коментарите дека законот задира во автономијата на универзитетите, Јаневска кажа дека во тоа не се навлегува, но оти отсега натаму ќе се бара отчетност за средствата што Владата им ги дава.

„Автономијата на универзитетите со овој закон никако не е чепната, но универзитетите треба да се свесни дека голем дел од нив треба да бидат отчетни кон Владата за средствата кои ги примаат од Владата. Ние во автономијата воопшто не навлегуваме, но од сега натаму ќе бараме отчетност. Тоа било предвидено и со претходниот закон од 2018 година, но никогаш не заживеало. Во моментов бараме да заживее отчетноста без никакво мешање во нивната академска слобода“, додаде министерката за образование и наука.

Прашана околу забелешките дека законот не е според европските практики и дали би го зеле предвид и би го прифатиле предлогот за формирање едно независно тело кое ќе мониторира и кое ќе одлучува за изборот на идните професори, Јаневска ги повика оние што имаат забелешки да кажат за што замеруваат.

„Треба да кажат што тоа замераат, затоа што ниедно тело предвидено во законот не е зависно ниту од Владата, освен од Собранието кое е основач. Јас не гледам дека Владата многу се меша, повторно ќе кажам, имаат обврска за отчетност и не гледам дека тука би се појавил каков било проблем, но доколку конкретно се обратат, кој член, кој став, ќе размислиме секако и ќе дискутираме“, рече Јаневска.

Во поглед на бесплатно високо образование, Јаневска рече дека во моментов не постојат услови за тоа, посочувајќи дека станува збор за сериозна финансиска и системска тема.

„Да работеше повеќе минатата власт, и да ја подобреше економската состојба, ќе можеше да дискутираме и на таа тема. Кога ќе дојде време и кога оваа држава ќе може тоа да го издржи, ќе дискутираме и на таа тема“, изјави таа.

Одговарајќи на друго прашање, Јаневска рече дека цело време откако е формирана оваа влада, тие ги исполнуваат условите што студентите ги бараат – оние за кои се смета дека може да се исполнат и се оправдани.

Минатата недела Јаневска ги претстави предлог-законите за високо образование, за квалитет во високото образование и законот за научноистражувачка дејност. Првите два се веќе поставени на Националниот регистар на прописи (ЕНЕР) и обичната и стручната јавност можат да даваат коментари и сугестии, а деновиве, како што рече, ќе биде ставено и третото законско решение.

Според Јаневска, со новите законски решенија се очекува да се подобри академската едукација и да се поттикне научноистражувачката дејност.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Новото законско решение не ја чепка автономијата…

Министерката за образование и наука Весна Јаневска…

Макрон: Трамп сака ЕУ да се распадне

Европа треба да се подготви за понатамошна…

Речиси 2.000 Македонци земале бугарски пасош во…

Во текот на 2025 година, 1.975 државјани…

(Видео) Скопје ќе добие нов Луна парк…

Град Скопје започна со расчистување на просторот…

Хаг бара по 45 години за Тачи,…

Обвинителството при Косовските специјализирани совети во Хаг…