Нов голем успех за Даниела Алексовска: Златото во Белград и донесе трето место на светската ранг листа!
Репрезентативката на Македонија во ММА, Даниела Алексовска стигна до третото место на светската ранг-листа во јуниорска категорија до 52.2 килограми.
Ваквиот успех во рангирањето на Меѓународната ММА федерација за Алексовска дојде по освоеното злато на Европското првенство во Белград.
Алексовска со освоеното злато стана и првата Македонка со европска титула во женска конкуренција и тоа и донесе важни бодови на светската ранг листа.
Освен одличниот настап на ЕП, Алексовска забележуваше одлични резултати во текот на целата година и оствари осум победи во девет борби. Од поголемите успеси во 2024 година, освои бронза на СП во Узбекистан и сребро во Белград.
Исто така треба да се напомене дека во ММА се натпреварува помалку од една година, но веќе е помеѓу најдобрите во светот. Кариерата во боречките спортови ја започна во бразилската џуи-џица.