Одеса под најжестоки напади од почетокот на војната
Руските напади врз Одеса во изминатите две недели достигнаа интензитет каков што градот не памети од почетокот на војната, пишува The New York Times. Најголемото украинско пристаниште е речиси постојано под удари од дронови и ракети, а последиците ги чувствуваат илјадници цивили кои живеат во студ, темнина и постојан страв.
Кога ќе се слушнат експлозиите, 64-годишната Тетјана Рибак не може да направи ништо освен да лежи во својот кревет и да чека. Таа е лице со инвалидитет и не е во можност да се симне во засолниште. Неодамна побарала од социјална работничка прозорците да ѝ бидат прекриени со хартија, стари воени плакати и молитва, за да не ги гледа дроновите над градот.
Во текот на декември, Рибак останала без струја најмалку девет дена, а четири дена немала ни греење ни вода. „Психолошки, ова веќе никој не може да го издржи. Мојот нервен систем е целосно уништен“, вели таа, опишувајќи ги ноќите исполнети со сирени и ударни бранови од експлозиите.
Украинските власти и граѓани сметаат дека Одеса е цел на одмазда поради неодамнешните украински напади врз руската „флота во сенка“, која Москва ја користи за транспорт на нафта и заобиколување санкции. За разлика од други големи градови, каде нападите доаѓаат во бранови, Одеса е под речиси непрекинат оган од 12 декември наваму. Главни цели се пристаништата и енергетската инфраструктура, а во нападите досега загинале најмалку девет лица.
Во услови на долготрајни прекини на струја, гас и вода, жителите се снаоѓаат како знаат. Телефоните ги полнат во државни центри или продавници, храната ја подготвуваат на импровизирани шпорети, а некои поставиле генератори во дворовите за да им помогнат на соседите. Пластични кеси со млеко и јајца се чуваат на прозорци, како замена за фрижидер.
Иако украинската издржливост често се истакнува како симбол на отпор, трпението кај дел од жителите е на раб. По речиси една недела без струја, граѓани организирале и протест. „Само сакам ова лудило да престане“, вели 72-годишната Валентина Авдијенко, која утеха наоѓа единствено во својот тригодишен внук.
Посебно тешко е за постарите луѓе, кои војната ја доживуваат и како лична трагедија поради раскинатите врски со роднини во Русија. Махадан Фархиев, поранешен војник на Советската армија, денес повеќе не разговара со својот брат и сестра кои живеат таму.
Социјалните работници, како Олха Демидова од украинската хуманитарна организација „Култура на демократијата“, велат дека нивната улога сè почесто е психолошка поддршка. „Кога нема струја, греење и вода, доаѓа апатија. Но, не смееш да се откажеш. Мораш да издржиш“, вели таа.
За Тетјана Рибак, чии три синови се на фронтот, а ќерката ја напуштила земјата, единствената желба е мир – макар и мал. „Се чувствувам како да сум на нула. Повеќе нема сила“, вели таа, додека Одеса продолжува да живее под сенката на најтешките напади досега.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Одеса под најжестоки напади од почетокот на…
Руските напади врз Одеса во изминатите две…
Полски борбени авиони пресретнаа руски авион над…
Полски борбени авиони пресретнаа руски извидувачки авион…
Македонските граѓани плаќаат најскап зелен картон во…
Координаторот на пратеничката група на СДСМ и…
(Видео) Ангела Николовска му одговори на премиерот…
Ангела Николовска му одговори на премиерот Мицкоски…
(Фото) Муцунски и Бучковски заедно на новогодишна…
Професорот Владо Бучковски, на неговиот инстаграм профил…