Од заедничката историја со Бугарија издвојуваме: 80 години од масакрот на Албанците во Јаболчиштe – Ѕверски убиени затоа што одбиле да ги предадат македонските партизани!

t

Од заедничката историја со Бугарија го издвојуваме настанот кој се случил на вчерашен ден, односно 24 октомври 1942 година во вешешкото село Долно Јаболчиште, каде бугарскиот фашистички окупатор изврши масакар над албанското население кое одби да ги предаде македонските партизани.

Велешките села Горно и Долно Јаболчиште биле етнички албански села уште од дамнина. Во текот на Втората светска војна, селаните од овие села, како и од селото Сливник, исто така етничко албанско село, целосно го помагаа народноослободителното движење. Тоа особено се покажа во времето кога во тој регион дејствуваше Велешкиот партизански одред. Овие села редовно им даваа храна на партизаните, а извршуваа и курирски работи за одредот. Преку нив во 1942 година било префрлено речиси целото оружје од Велес за одредот.

Казнената акција на бугарскиот окупатор во селото Долно Јаболчиште се случи на 24 октомври 1942 година, една недела по масакрот во Богомила, каде што биле убиени 16 лица. Уште претходниот ден Долно Јаболчиште било блокирано од правецот на селото Дреново и од Скопско.Кога многубројните бугарски војници, придружени од агенти и полицајци, влегле во селото, ги извлекле на сила селаните од нивните куќи и ги насобрале сред село. По куќите не смееле да останат дури ниту децата и старците што со една нога веќе биле во гроб.Војниците најпрво им наредиле на селаните да им донесат јадење. Откако се најале, ги построиле селаните и ги натерале да играат, како оро. Почнале и да ги удираат по нозете со суровици, прашувајќи ги каде се партизаните од Велешкиот партизански одред и кои се нивни симпатизери. Иако селаните тоа го знаеле, никој не проговорил.

Тогаш, фашистите почнале со мачење и убивање. Особено ѕверски и потресни биле две од убиствата, на 62-годишниот старец Изет Љатиф Феизов и на Имионе Абазова, мајка на мало дете. Изет бил татко на Асим Изет Љатифов, кој им помагал на партизаните. Тој бил прв извлечен од насобраните селани. До него стоел неговиот син, од кого војниците барале да ги предаде партизаните. Асим, иако претепан до смрт, молчел. Некој од војниците почнал да му сече нога на татко му. Асим сè уште молчел. Не прозборувал ни татко му, ниту кога му ја пресекле ногата. Потоа војниците запалиле една плевна и во неа ја фрлиле отсечената нога на Изет, кој во меѓувреме се онесвестил, а потоа бил убиен пред очите на својот син.

Грозна била смртта и на Имионе Абазова. Таа, исто така доведена на сред село, го држела во рацете своето доенче, чиј плач одекнувал низ целото село. Додека ја мачеле и тепале, еден бугарски војник, за да ја натера на признание, со бајонет го прободил бебето во нејзините раце. Иако ја тепале, Имионе по никоја цена не го испуштала бебето. Таа не го испуштала дури ни тогаш кога во нејзината снага почнале да се бодат бајонетите на војниците. И мртва таа не го испуштила своето дете. Нејзината крв го облеала неговото мало тело. Подоцна, селаните со тешки маки сепак успеале да го излекуваат бебето.

 Вкупниот биланс од дивеењето на фашистите бил единаесет убиени селани. Најмладиот од нив, Расим Јусуфов Абазов, имал само 12 години, а најстариот, старицата Анифе Нафија Ибраимова, била 72-годишна.Покрај нив, многумина селани биле осакатени, а целото село било испотепано. Но, никој од Долно Јаболчиште не ги предал партизаните. Никој не кажа каде се кријат тие ниту кои се нивни симпатизери. Поради убиствата во Долно Јаболчиште, следниот месец партизаните од Велешкиот партизански одред влегле во селото Дреново со цел да го фатат синот на селскиот бакал, кој му ги беше прокажал на окупаторот партизанските врски и симпатизери во Долно Јаболчиште и директно бил виновен за убиството на Беџет Мустафов, кого го сметале за најдобар курир на одредот, и на другите симпатизери од Долно Јаболчиште. Партизаните влегле во Дреново без борба, при што тие го фатиле синот на бакалот и го обесиле.Инаку, извршеното ѕверство не ги одврати селаните од Долно Јаболчиште од поддршката за НОВ. Повеќемина се вклучиле и во партизанските одреди, а барем четворица младинци од ова село за гинале како партизани во борбите против балистичките и останатите непријателски сили.

Ако на себе ставиме етнички очила, како што сите националисти милуваат да направиме, однесувањето на селаните од Долно Јаболчиште може да ни се чини доста чудно. Се работи за етнички албанско село, а огромното мнозинство од борците на Велешкиот партизански одред биле Македонци. Од таа перспектива гледано, она што уште на почетокот може да зачуди е зошто селаните од Долно Јаболчиште, како и оние од Горно Јаболчиште и Сливник, исто така етнички албански села, воопшто ги помагале партизаните. Наместо, на пример, да бидат едноставно индиферентни, ако веќе не и непријателски расположени кон нив. Уште повеќе зачудува одбивањето на (албанските) селани да им ја кажат информацијата на бугарските војници каде се кријат (македонските) партизани. Бугари гонеле Македонци.

Зошто некој што е Албанец воопшто да се оптоварува со некој нивни спор, а камоли да трпи последици за тоа? Зошто едноставно не им кажале? Ќе се спасеа од сите тепања, мачења, убиства што тој ден бугарските војници им ги нанесоа ним лично и на нивните најблиски. А сепак, тоа не го направиле. Татко умирал пред очите на својот син, мајка гледала како и’ го прободуваат со бајонет бебето. Зошто Албанци свесно се подложиле на таква тортура за спор помеѓу Македонци и Бугари? Изгледа дека етничката идентификација сепак не им е најважна на сите и некои упорно одбиваат да го гледаат светот преку етничките очила, наспроти желбите на сите националисти. Масакрот во Долно Јаболчиште е грозоморен акт кој има голем антинационалистички потенцијал. Во бивша Југославија братството и единството беше една од темелните вредности. А сепак, ниту посебно се работеше на тоа пошироката јавност да се информира за настанот, ниту пак се истакнуваа неговите антинационалистички моменти. Факт што изненадува и зачудува.

Извадок од книгата

Национализмот во(н) контекст – пренесува “Антропол

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

БРУКА! Книги од едицијата „Рацинови средби“ скапуваат…

БРУКА! Книги од едицијата „Рацинови средби“ скапуваат…

ВРЕДИ: Очекуваме Минчев да ги поништи огласите…

Кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека…

Велешанец запалил стари седишта од автомобил и…

Основното јавно обвинителство Велес поднесе Обвинителен предлог…

Активни се пожарите во Чашка, Велес, на…

РЦУК Велес, известува дека шумски пожар на…

Бебе во тешка здравствена состојба оставено во…

Бебе во тешка здравствена состојба било оставено…