Оливер Андонов: Шизофренија
Шизофренијата е сериозна ментална болест, но како и секоја болест се контролира со лекови, а лицата заболени од истата во одреден момент се прогласуваат за деловно неспособни и се сместуваат во специјализирани здравствени установи.
За жал, политичката шизофренија е болест за која не постојат лекови за било каква контрола, а политичарите кои ја создаваат кај плебсот, посебно кај членовите на нивните политички стада не може да бидат прогласени за деловно-политички неспособни од некоја здравствена институција туку единствено од тие кои божем ги водат некаде. Од овие причини борбата против оваа опасна и деструктивна болест – политичка шизофренија, бара здраворазумско партиско членство. Е за жал тука сме некако тенки. Со здравиот разум мислам. Ако за политичкото слепило или кратковидост не постојат наочари и зависи најмногу од едуцираноста и мемориската картичка на оние кои како плебс мислат дека се занимаваат со политика (на било кое ниво), за политичката шизофренија потребно е само малку да погледнеме кого тоа отворено и затскриено ни го нудат како решение за подобра и посветла иднина на нашата Македонија.
Тешко е да се мисли. Најтешката работа во животот е да мислиш и да размислуваш синтезирајќи ги информациите кои се пред тебе. Но кога без поговор ќе го голташ ѓубрето кое на политичката маса ти се нуди како нешто најдобро, тогаш неминовно, не само што имаш политичко слепило, туку се наоѓаш во исклучително тешка политичка шизофренија.
Така драги мои сопартијци, знаејќи го тоа што го знаеме за криминализираното СДС и „lost in the space“ Ковачевски, зачудува понудата која ни ја нуди нашиот Мицика. Со својата понуда, онаа отворената низ листите за пратеници, но уште полошо со онаа затскриената каде што не знаеме кој се ќе седне во фотелјите на извршната власт, но и ги гледаме некои „чудни“ решенија кои како подобни коалициони партнери на Мицика истиот ни ги нуди во ешалоните на власта. Тој очигледно има намера да не дотера до уште еден изборен пораз или најмаку до неможност ВМРО-ДПМНЕ да формира влада.
Малку по малку, дојдовме до тоа што е клучно за сите нас од ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски одбива да ја демократизира партијата, неговата цел е да може да дели функции и државни места како од татко му да му се наследство. Користејќи ја таа можност која членовите на ВМРО-ДПМНЕ му ја даваат тој не воведува во шизофренија од која на 9 ти мај ќе треба да излеземе толку збунети што нема да ни биде јасно како тоа и по осум години опозиција повторно не можеме да го победиме СДС криминално и распаднато. Прашањето е само дали и тогаш ќе излеземе од шизофренијата или талкајќи низ скопските улици каде ќе не тера Мицкоски ќе се закачиме на жицата од гитарата на Заев испуштајќи го последниот недефиниран тон од политичката шизофренија на Мицкоски врз измаченото тело на ВМРО-ДПМНЕ.
Седнете малку драги мои сопартијци и гледајќи се во огледало, обидете се со тоа главите да подразмислите и да се сетите на некои ликови кои не само што наштетија на ВМРО-ДПМНЕ, туку наштетија и на Македонија, а сега се коалициони партнери на Мицкоски. Ликови кои според Мицкоски треба да донесат додадена вредност на нашата партија и кој замислете, ја препознале нашата, пардон на Мицкоски програма 1198 и неговите шизофрени политики.
Колку ли треба да си удрен со мокра чорапа и да гласаш сестра Љубе да биде повторно експонент на власт, дали за странски инвестиции или домашни измами не е важно. Важно сестра Љубе е коалиционен партнер на Мицкоски (велам на Мицкоски не на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи нас како членови никој не нѐ праша дали го сакаме за коалиционен партнер) кој уште 2011 го продаваше името (во буквална смисла за пари), отиде во коалиција со Заев (кој не продаде топтан сосе името, исто за мнооогу пари), остана советник во владата на Ковачевски и сеуште е советник во владата на Џафери. Некој овде е потполно блесав и сите нас не прави шизофренични, бидејќи кога разговарам со наши членови неможат да го смислат сестра Љубе, а ќе треба да гласаат за него. Ако за ништо друго, барем Љубе да си продолжи да си зема државни пари. Каква епска шизофренија, креирана од Мицкоски, прифатена од голем дел од членовите на нашата ВМРО-ДПМНЕ.
Во каква тешка политичка шизофренија треба да си за да го земеш пропаднатиот Павле Тутурутка за свој коалиционен партнер? Политички да го враќаш во живот оној истиот Павле кој 2016 година побегна со Заев, а 2020 година остана со СДС криминално и до пред неколку месеци ВМРО-ДПМНЕ му беше непријател, а денес е милиот Павле на Мицкоски наш коалиционен партнер. Оној Павле кој неколку пати го лажеше Мицкоски дека ќе премине на негова страна уште 2021 година и ќе направи ново парламентарно мнозинство. Ете тој, Павле ќе ви биде дел од извршната власт и ќе го добие вашиот глас за да има допир до ресурси и се затоа што вие драги мои сопартијци сте во шизофренија.
Што ли ви се мота низ главата кога ќе помислите дека Стојанче од милост викан „ќерамида“ (така нашиот ПР го именуваше) кој сеуште е директор на ЦУК во владата на Џафери ќе продолжи да биде на таа функција благодарение на вашите гласови. Зарем тоа не е шизофренија? Или по избори Стојанче ќе има иста додадена вредност и за Ковачевски, така што во секој случај си обезбедил добитна комбинација. Кој е тука будала?
Каква ли вртоглавица ве фаќа драги мои сопартијци, а потоа и бунило кога Љупчо Димовски (на листа во ИЕ1) заедно со Никовски (чии внук е на листа во ИЕ1) ќе ви го претстават Лазар Колишевски за најголем Македонец и кога тоа ќе ви го брани како политичко-идеолошки став Марјан Ѓорчев. Нема ли да се запрашате кој и кога ве лажеше во овие триесет и кусур години за својата идеолошка определба? Нема ли да ви се тресе раката да гласате, и при тоа да знаете дека секој од овие ликови со вашиот глас ќе ви биде дел од извршната власт или можеби амбасадор кој ќе ја претставува Македонија пред светот.
Се потсмевате ли самите на себе, или можеби оговарате во кулоарите како тоа некои ликови се најдоа на изборните листи на нашата партија, само затоа што се во лични пријателски односи со лица од семејството Мицкоски? Додека други се на листите поради исклучиво лична бизнис-криминална лојалност кон … Дали вие како членови имавте и најмал удел во предлогот и изборот на кандидати за пратеници од вашите општински комитети, ве праша ли некој нешто?
Во идеолошко-политичката шизофренија, во етичката шизофренија, во шизофренијата на вредности, во шизофренијата на почитување на партиските основи, во шизофренијата на мериторност, во шизофренијата на знаење, образование и воопшто во општата ШИЗОФРЕНИЈА во ВМРО-ДПМНЕ која ни ја нацрта и ни ја овозможи Мицика, обичниот член, оној наш член кој треба да ја трча и на своите плеќи „мотивирано“ да ја изнесе кампањата е само една обична, но доброволна жртва.
Зошто доброволна жртва? Затоа што секој од вас кои добороволно прифаќате да бидете дел од шизофренијата на Мицкоски, а знам дека доколку тоа доброволно не го прифаќате не постои начин некој да ве натера тоа да го прифатите, Вие учествувате во интронизацијата на сите погоре наведени ликови. Да, учествувате и тоа најдиректно. Гласот ваш е глас, секој од нив да може да биде функционер. Вашиот глас го давате за ликови кои ниту ги знаете ниту нешто знаете за нив и тоа од оние кои ги гледате на изборните листи па се до оние кои ги гледате замаглено или воопшто не ги гледате и ќе ви бидат „изненадување“. Што станува со сите оние на кои им е ветено „јако место“, а вие тие „јаки“ неможете ни да ги видите. Знаете ли колку такви „јаки места“ има низ државата? Места со примања за кои вие и вашите семејства може само да сонувате.
Затоа ви велам јасно и гласно дека сте доброволни жртви. Затоа што за да си го решите сопствениот егзистенцијален статус, едно несигурно вработување за минимална плата со вашиот глас свесно влегувајќи во политичката шизофренија го отворате патот за ликовите кои ви ги набројав и слични на нив да „го товарат магарето“. Во таква состојба во каква што сте драги мој сопартијци, нема да се изненадам на следните избори да гласате за Заев доколку се договорат со Мицика наш. Кога ја голтнавте Силјаноска, министерката на Црвенковски, ќе голтнете сѐ, па и некое магаре Заев.
И секако вие драги мои сопартијци тешко ќе дојдете до посакуваното решавање на егзистенцијалните прашања, туку на крајот ќе бидете само еден од многуте измамени наши членови. За волја на вистината, тоа на повеќето од вас нема да им биде прв пат, веројатно навикнале на тоа да ги лажат и навредуваат. Луѓето уживаат во тој свој мазохизам. Знам мнозина од вас кои ќе се препознаат во оваа колумна. Тие до пред неколку дена со вулгарности зборуваа пред мене за Мицкоски, а веќе утре дента гордо се сликаа дека биле на митингот во Скопје. Тоа за секој случај, да потврдиме дека сме биле, ние лојалните на партијата и пред се на лидерот кого во слободно време го пцуеме, но тивко, тивко да не чуе. А нему пак, гајле му е. Тој има лична цел. Себеси, неговите непосредни поддржувачи, посебно оние затскриените кои неможете да ги видите на листите да ги доведе на власт за да товарат. Вам тоа ќе ви стане јасно многу подоцна. Кога нема да ве есапат за да ви ги решат личните егзистенцијални прашања и пак ќе дојдете кај вантрепартиската фракција да се жалите или како што Мицкоски нема да може да формира влада по изборите, да го пцуете по кулоарите шепотејќи си дека не го бива, дека е неспособен, но само шепотејќи си.
Зошто е тоа така? Затоа што вашиот глас, јавен глас, силно кажан, немате храброст да го употребите и употребувате за јасен не шизофрен политички став и да го присилите Мицкоски да си замине заедно со неговите поддржувачи. Да се демократизира ВМРО-ДПМНЕ, да се уреди државата Македонија во демократска владеана од демократско ВМРО-ДПМНЕ каде пратеници и извршна власт ќе бидат наши сопартијци избрани врз принципи и правила од страна на членовите на партијата. Тогаш вашите егзистенцијални и секакви нормални граѓански потреби ќе бидат уредени и автоматски реализирани од страна на стабилни институции. Тешко ли е тоа да се разбере или е тешко да се борите за тоа? Можеби е полесно да се биде …?
Патот по кој сега врвиме кон изборите, потполно шизофренични како партија, на крајот ќе заврши со огромно разочарување. Тоа бачило таква маст вади.
Прашањето е дали произведувачот на шизофренијата и неговите помагачи ќе одговараат за своето недело кон партијата и секого од нас поодделно. Секако мислам на политичко-партиска одговорност, за одговорност поради личната шизофренија немам знаење и искуство.
Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Бајден повика на смиренот во американската нација:…
Бајден нагласи дека американската политика „никогаш не…
Приватните детски градински не се решение, дополнително…
Приватните детски градински не се решение, дополнително…
„КОЧАНИ СЕ ГУШИ ВО ТОКСИЧЕН ЧАД“: Левица…
Од политичката партија „Левица“ велат дека се…
СДСМ за предлогот за Влада на Мицкоски:…
Од она што денеска беше соопштено во…
Апасиев: ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе ја укине…
Ние со вашиот координатор Мицевски имавме двегодишна…