Онишченко разочаран: Имал намера да купи банка во Македонија, ако му го одземат државјанството нема да може
Олександр Онишченко во Македонија никогаш не планирал бизнис со гас, ниту пак преговарал со политичари за таков бизнис, туку сакал да купи банка, замисла која нема да ја оствари доколку му биде одземено државјанството, открива тој самиот за „Слободен печат“.
-Македонската коњичка федерација ме побара за да им помогнам да организираме тим и да купам коњи. Тие ме бараа, а Лука Заложник ми се јави сто пати. Политичари во Македонија не познавам. За да имате добар коњички тим, потребна е инвестиција барем од 2 или 3 милиони евра. Значи, затоа, не ми е јасно зошто би морал да му платам на некого? А македонскиот пасош, не е подобар од мојот украински или германски. Федерацијата ме побара и јас прифатив. Не знам зошто сега толку комплицираат. Коњите се мои, јас спонзорирам. Целиот овој скандал е поттикнат затоа што мислат дека ќе влезам јас во Македонија и ќе им го земам бизнисот со гас. Кажете им дека само со спорт се занимавам. И со инвестициски бизнис. Не со гас. Гас не ме интересира повеќе. Може да се смират. Никој друг од моето семејство не доби македонско државјанство. Уште еднаш ќе нагласам, се е ова за спортот пред Олимписките игри. Јавачот Лука Заложник ме запозна со претседателот на коњичката федерација. Се сретнав со бизнисмен со бизнис за сокови. Еден коњ за Олимпијадата чини барем 1 милион евра. А јас го имам најдоброто место во светот за тренирање на такви коњи во Германија. Станува збор за 100 хектари спортски објект за коњите во Херцлаке кај што живеам и каде што ми е куќата, ни рече Онишченко и ни испрати видео материјали од објектот кој се наоѓа во Херцлаке.
Според него, тренингот за Олимписките игри требало да биде таму, без воопшто коњите да ја поминат македонската граница, туку само репрезентативците би оделе во Германија, во специјализираниот објект на Онишченко, за да тренираат.
-Ама сега владата ни ги уништи плановите. А баш на ова место во Херцлаке, во Германија, го квалификував мојот украински тим три пати за Олимписките игри. Таков ми беше договорот и со македонската коњичка федерација. Дека ќе им го дадам просторот во Германија на располагање, припремите требаше да бидат таму. Е тоа е целата работа. Никаков енергетски бизнис не ме интересира. Имав некои планови да купам банка во Македонија, ама нема да купам, ако вака одат работите и понатаму. Јас сега се занимавам само со финансиски бизнис, не се занимавам веќе со енергетскиот, вели Онишченко за „Слободен печат“.
Владата започна постапка за одземање на државјанството и пасошот на Олександр Онишченко по член 14 од Законот за државјанство, во кој што е наведено дека дал погрешни исправи или неточни информации. Владата и МВР не одговараат на прашањата на „Слободен печат“ какви биле тие неточни информации или исправи што тој ги поднел со барањето за македонско државјанство. Онишченко пак, тврди дека аплицирал со валиден руски пасош и дека во неговото државјанство нема ни грам измама.