Опозицијата обвинува: Таен „дил“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, балансерот ги разоткри

t

Само ден откако група пратеници на ДУИ поднесоа Предлог за основање на Комисија на Собранието на Република Северна Македонија за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, на вчерашната 12. седница на Собранието пратениците од владејачкото мнозинство експресно ја усвоија оваа иницијатива што пак предизвика остри реакции кај опозицијата и сомневања дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ соработуваат и се договараат, а меѓусебните напади се само замајување на јавноста.

СДСМ преку соопштение предупреди дека постојат дилови меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската ДУИ кои се прават зад грбот на граѓаните и оваа коалиција, според нив, функционира.

-Истата таа ВМРО-ДПМНЕ која ветуваше укинување на балансерот, со реализација на договорот со ДУИ го издгигна на повиско ниво, на ниво на Собранието. Сега имаме надграден и проширен балансер за чија примена ќе биде надлежно Собранието. Насабајле Мицкоски вели дека ДУИ ќе ја дестабилизира државата, а попладне во Собрание неговите пратеници гласаат заеднички одлуки со ДУИ. Да не станаа сочучесници во планот за дестабилизација – прашува СДСМ.

И опозициската Левица реагираше и потсети дека овој договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ „паднал“ кога се гласаше реорганизација на Влада и се формираа плус нови министерства.

-Левица тогаш даде понуда. Понудено беше Левица да ја гласа реформата на Владата, ако реформата беше лоша, а за возврат да се гласа за воведување на една изборна единица. Ама за ДПМНЕ тоа не беше прифатливо. ДПМНЕ отидоа гласовите да ги бараат кај ДУИ, а од таму им побараа собраниска комисија преку која ќе прават притисок за вработување во државните органи по етничка основа, односно тоа што е функцијата на балансерот – напиша пратеникот Саше Јанчев од Левица на својот Фејсбук профил.

Тој додаде го нагласи лицемерното однесување на најголемата владејачка партија која во предизборниот период ја напаѓала Левица и „трубела“ дека „глас за Левица е глас за ДУИ“.

– А знаете што е најјакото. Тоа што ДУИ не се ни присутни во Собрание. Само еден пратеник имаа во сала кога се гласаше комисијата на ДУИ – потенцира Јанчев.

Инаку Левица се залага за итно и целосно укинување на алатката балансер, како „нужен чекор за запирање нa погубниот процес на партизацијата на јавната администраја и подобрување на ефикасноста и компетентноста на државниот апарат“. Сите партии се согласни дека години наназад алатката се злоупотребува за партиски вработувања во администрацијата.

Како се балансира со балансерот
Вчера додека на дневен ред во Собранието беше точката за формирање на Комисијата за балансерот, пратеникот од АА, Зијадин Села, од говорницата на „Академијата за легитимитет“ организирана од албанската опозиција по повод 23-годишнината од Охридскиот рамковен договор остро му порача на премиерот Христијан Мицкоски да не си игра со балансерот и со правичната етничка застапеност која е една од најголемите придобивки од Охридскиот договор.

-Наша обврска на Европскиот фронт, на активистите, на граѓаните кои размислуваат рационално да се лансира мирот во Република Северна Македонија, сите сегменти од Охридскиот рамковен договор кои не се регулирани со закон досега и отсега натаму да се регулираат со закон во однос на правичната застапеност и да не се игра со балансерот по теркот на Стоилковиќ и премиерот и да им служат на сите други освен на граѓаните од кои го добија гласот, на начин еднаш за секогаш легитимноста да биде гарантирана со почитување на тоа за што се потпишуваат договорите, а тоа се граѓаните, етничките заедници и ова е иднината на РСМ – порача Села.

Владејачкото мнозинство веќе ја коригираше дигиталната алатка балансер па бројките ги врати на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година и најави укинување на алатката во фази со цел во администрацијата во иднина да почнат да се вработуваат стручни, образовани и квалитетни кадри без разлика на националната припадност. Пред две години тогашното Министерството за информатичко општество и администрација раководено од ДУИ наложи во администрацијата да се вработат 31,5 отсто Албанци земајќи ги резултатите од пописот со вклучено нерезидентно население.

Премиерот Мицкоски на вчерашната свечена седница на Владата по повод годишнината од Рамковниот договор, беше дециден дека договорот е дел од македонските закони и Устав, а она што не е завршено и на што мора да се работи се „реалните проблеми на нашите сограѓани“.

– Јавноста не треба да паѓа во замката на нови и нови бесконечни етнички барања на партиите кои сега се опозиција. Тие ја имаа својата шанса и времето го потрошија на лично богатење, и наместо да бидат посветени на борбата да победуваат за подобар живот на граѓаните, посилно образование, економија, повеќе пари за граѓаните, тие одлучија да градат за себе дворци, хациенди, да купуваат трговски центри, да злоупотребуваат сѐ што може да се злоупотреби – им порача Мицкоски на опозиционерите од Европскиот фронт дека нивните барања се минато за новата власт.

Денеска пратеникот Миле Лефков од ВМРО – ДПМНЕ потсети на корупциските случаи во кои се вмешани функционери на ДУИ и нагласи дека одговорност за оние кои сториле криминал без разлика на етничката припадност мора да има, а го спомена и синот на пратеникот Муса Џафери, кој пак е потписник на иницијативата за формирање на комисија за балансерот.

-Одговорност ќе има и се работи на сите случаи. И јавноста знае за точките на корупција од 14 милиони евра долг отпишани од МЕПСО на синот на Муса Џафери и ним блиски фирми, преку внуците на Ахмети и купувањето на Соравија, криминалот со Лотарија и нелегалните коцкарници, до секој еден криминал – рече Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред десетина дена МВР поднесе кривична пријава според која Дрин Ахмети и неговиот брат Бесиан Ахмети, дипломат во Брисел, се осомничени за неплаќање на концесиии за ископ на минерални суровини во вредност од 27.000 евра, а Министерството за финансии поднесе иницијатива до владата да им се одземат лиценците за приредување игри на среќа на две фирми кои не се ги плаќале давачките.

Собраниска комисија за балансерот
Иницијативата за формирање на Собраниската комисија за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници ја потпишаа пратениците од ДУИ и Алијанса за Албанците Блерим Беџети, Арбана Пашоли, Илире Даути, Илир Демири, Илир Хасани, Исмаил Јахоски и Муса Џафери.

Комисијата може да дава препораки, мислења, како и заклучоци кои треба да се применат од органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа во однос на состојбата за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Оваа комисија која се состои од претседател и 12 члена и нивни заменици до Собранието ќе поднесува два полугодишни извештаи за соодветната и правична застапеност и сите етнички заедници во органите на државната власт и во другите јавни институции на сите нивоа, како и за реализација на акционите планови на Владата во областа на правичната застапеност при вработувањето.

Инаку потребата од соработка и комуникација меѓу најголемиот македонски и најголемиот албански блок ја нагласи и лидерот на ДУИ Али Ахмети на Академијата вчера кога зборувајќи за легитимитетот и за нивното исклучување од власта како партија со освоени најмногу гласови од албанскиот кампус, предупреди дека спротивното ќе има фаталистички последици врз македонската нација.

-Македонците како нација можат да напредуваат само во комуникација и усогласеност и добри односи со Албанците инаку ќе ги голтнат Србите, Бугарите и Грците. Ова не ви го велам само на вас туку и на сите други македонски политички претставници. Соживот, соработка, може да ја зачуваме историјата, идентитетот, може да го зачуваат нивниот национален идентитет инаку се предодредени да не постојат воопшто – рече Ахмети на Академијата за легитимитет.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Опозицијата обвинува: Таен „дил“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и…

Само ден откако група пратеници на ДУИ…

(Видео) Украинците го симнаа руското знаме од…

Украинската телевизија објави видео на кое се…

Претседателот на Владата, Мицкоски оствари средба со…

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, придружуван од…

Ново соопштение на Град Скопје: Мицкоски нема…

Град Скопје денеска се огласува со соопштенија…