Освен скандалот во Челопек, има пријави и за училишта во Чаир, Тетово и Струга
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека праќањето инспекција во училиштето „7 Март“ во тетовско Челопек е законско постапување и очекува и инспекторите да работат по закон. Соопшти дека покрај во ова училиште, каде што на приредба ученици се облечени во воена униформа со амблеми на УЧК и со пушки во рацете, МОН има докази и слики со пријави за вакви настани во две училишта во Тетово и во училишта во Чаир и Струга, и дека инспекција ќе има и за тие случаи.
– Просветниот инспекторат е тргнат во училиштето во Челопек. Дополнително, имавме пријави за училиште во Чаир, две училишта во Тетово и училиште во Струга. Во сите тие училишта за кои имаме докази со слики и со пријави дека се случувал таков немил настан, Просветниот инспекторат е на терен и очекуваме кога ќе се вратат да ги дадат првичните информации. За да се изготват записници ќе треба малку подолго време, изјави Јаневска.
Порача дека политиката најмалку треба да ја има во училиштата „во оваа заедничка држава која им припаѓа на сите нејзини граѓани“.
Како што истакна, „ние треба заеднички да ја градиме, треба сите заеднички да чувствуваме и одговорност кон неа, и љубов кон неа, и да имаме идеи за нејзиниот просперитет“.
Одговори и на денешната реакција од Демократската унија за интеграција дека се води „антиалбанска политика“ и „двојни стандарди“ во образованието затоа што пред две години во Аеродром деца на приредба биле облечени како комити и „изведувале воени поздрави“.
– Ја разбирам политиката на ДУИ и дека грчевито се обидуваат да ја поткренат својата позиција во општеството, но начинот е крајно погрешен. Како политичка партија имаат право на преземање некакви акции, но никако преку децата и училиштата и никако со понижување на државните симболи и со воведување милитаризам во училиштата, порача министерката.
Посочи дека воспитувачката од градинката од Аеродром, која ја организирала таа приредба, била отпуштена од работа и се уште е на суд, но и дека „комитите се дел од историјата на државата Македонија“ и како тема се застапени во наставните програми.
– Комити биле и Македонци, и Албанци, и Турци и други етникуми. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби се бореле во Втората светска војна против заеднички непријател. Ние тие луѓе треба да ги чествуваме, тие луѓе кои се бореле за слобода, за сопствена држава и за просперитетот на сопствената држава, истакна Јаневска.
Како што рече, војската УЧК и нејзините симболи „за оваа држава не значат ништо“ и дека децата во земјава треба „да растат во духот на патриотизмот, чествување на традицијата, почитување на различностите и на градење силни демократски вредности кои никого нема да повредуваат и нема да навредуваат ничии чувства“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ахмети на кафе со генерали од УЧК
Лидерите од Европскиот фронт Али Ахмети и Зијадин Села по вчерашниот…
Поднесено обвинение против 4 лица за палењето…
Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката…
Освен скандалот во Челопек, има пријави и…
Министерката за образование и наука Весна Јаневска…
ДУИ: Немаме никаква врска со инцидентите со…
Демократската унија за интеграција најостро ги осудува…
Просветен инспекторат ќе истражува одговорност за приредбата…
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска…